ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: НЕИСПОЛНЕТОСТ

448

Во време на најголемите љубовни отуѓувања и неверства, многумина си го поставуваат прашањето: Дали треба на саканото лице да му станеме опција или приоритет?

Дефинитивно, треба да сме му приоритет. Но, што се случува во односите, дали секогаш сме му приоритет на саканото лице или сме му некоја опција и што претставува едното наспроти другото? Приоритетот асоцира дека саканата личност се интересира и насочува кон нас, гради хармоничен однос, размислува за нашите потреби, отворена е за соработка. Приоритетот претставува позитивен пристап, бидејќи нештата ги прави од срце, со добра намера и со тенденција да успее љубовната врска. Кога постои опција, тоа значи дека сме негов избор секогаш кога нема некоја друга опција.

Односот се проблематизира кога приоритетите кај двајцата партнери се поставени на различно поле.

Добро е да умееме да се приспособуваме и да ги прифаќаме различните приоритети и ситуациите кога партнерот е должен да им даде предност на кариерата, фамилијата, родителите, пријателите, децата, итн. Но, лошо е доколку почесто се случува тоа и нема доволно слободно време за да биде со нас. Таквиот пристап ќе предизвика да се почувствуваме запоставено и да си „умислуваме” дека недоволно ни се возвраќа или дава љубовта. Овие околности неизбежно ќе нé направат незадоволни и ќе создадат тензија во љубовниот однос.

Кога сме опција, бидејќи приоритет му се другите, тогаш нема да се чувствуваме исполнето, туку фрустрирано, несреќно и дисхармонично.

Тоа подразбира дека партнерот нема потреба и желба за комуникација, за страст, за излегување, за споделување на убавите мигови со нас, туку, можеби, приоритет му се пријателите со кои почесто излегува и со кои го надополнува или креира слободното време. Истото може да го направи и со родителите, колегите од работа, а не со лицето со кое се наоѓа во љубовен или брачен однос. Тоа не значи дека другите треба да се игнорираат и партнерот да биде единствената опција или главен приоритет. За да биде еден однос богат и исполнет, треба да е надополнет со многу нешта. Тоа значи, ако се има деца, и тие да си го најдат своето место; ако се живи родителите, да се комуницира со нив, да се отиде на посета или да се повикаат на гости; да се најде време за комуникација и со роднините; да се излегува со пријателите; да се следат културните манифестации и да се вложува во личниот развој. Поентата е да се надополни животот со сето она што ги прави двајцата партнери среќни, задоволни и исполнети во даден момент.

Така, освен што градиме хармоничен однос со саканата личност, која ја чувствуваме како приоритет, ние наоѓаме начин да оствариме позитивна комуникација, блискост и сродност и со другите лица присутни во нашиот живот.

Може само да замислиме каква перспектива ќе има љубовната врска доколку го ставаме приоритетот врз пријателите и константно одиме со нив на разни културни манифестации и седенки, а многу ретко го правиме тоа со партнерот. Во тој случај, каква е таа врска, каков е тој однос и дали може да има напредок?

Секако дека не може да има напредок, затоа најдобро е да размислиме кон што нé води сето тоа.

Тоа го има и во пријателството, каде што одредени личности нé третираат како опција (особено кога се осамени) и сакаат да другаруваат со нас само затоа што немаат друг избор или приоритети. Овие нешта ретко се забележуваат, но може да се почувствуваат преку вибрацијата што ја шират, бидејќи ним им е потребен некој што ќе им ја пополни празнината и ќе им се „најде” во одредена ситуација. Како и да е, не е убаво чувството кога сфаќаме дека сме нечија опција. Од друга страна, не треба да се опседнуваме со барањето да станеме врвен приоритет кај другите, ниту, пак, да дозволиме некој нам да ни биде единствен приоритет, а да запоставиме сé друго во животот. Клучно е да не ги врзуваме другите премногу за себе и да бараме тие да се однесуваат според нашиот терк. Исто така, не треба да ја загубиме сопствената независност и да дозволиме некој да нé креира и води на начин како што си замислил тој да нé води. Сето ова укажува на потребата да не западнеме во замката на посесивноста.

Мудро постапување е кога даваме, тогаш вреди и да бараме.

Неретко партнерите забораваат дека треба да даваат, а не само да земаат, проектирајќи дека недоволно добиваат од другиот.

Со позитивна енергија, со прифаќање, надополнување, спонтаност, непринудување и со чувство дека имаме вистински пријател, партнер, роднина, нештата може да одат напред и да се развиваат по хармонична патека. Добро е ако во кој било сегмент од животот, наспроти површноста, владеат суштината и вредноста, но мора да се биде реален – денеска ретко постојат нешта што се константно позитивни и сигурни. Како што се менуваат нештата околу нас така се менуваат и туѓите карактери и кога очекуваме другиот да нé вреднува и третира како врвен приоритет, можеби, на крајот нема да се случи тоа. Затоа треба да се заштитиме себеси и да не очекуваме премногу од другите, но и да настојуваме да го добиеме тоа што реално сметаме дека го заслужуваме. Во еден љубовен однос, тоа би требало да бидат насмевка, бакнеж, нежност, привлечност, страст, надополнување, комуникација, итн. Дали сите тие нешта спаѓаат во доменот на приоритетите што се нормални и очекувани?

Понормални приоритети не постојат. Инаку, ако се неприфатливи и нереални, тогаш што би требало да доминира во љубовната врска? Дали треба да дозволиме да доминираат лагата, дистанцата, отуѓувањето, неприфаќањето, непосветеноста, отпорот и студенилото? Ако работите не функционираат подолго време, тогаш зошто би се одржувала врската и би се туркала како опција? За да одиме напред во животот, не ни требаат таков однос, таква врска и таква опција. Напротив, треба да се дистанцираме и со текот на времето да оствариме љубовна врска што ќе се гради врз темелот на позитивните приоритети и надополнувања со партнерот.

Приоритетот најсуштински се воспоставува кога ние самите сме си најголем приоритет.

Најголемата љубов мора да ја има секој за себе. Доколку ја немаме, бараме тој недостиг и таа празнина да ни ги надополни партнерот. Но, никој никогаш не може толку целосно да го посвети својот живот задоволувајќи ги туѓите приоритети и потреби. Во суштина, не треба премногу да очекуваме од другите, ниту, пак, премногу да се притискаме себеси, клучно е да се спознаеме, вреднуваме, но и да го почитуваме тоа што го имаме и добиваме од животот. Тоа подразбира, ако другите не се такви какви што очекуваме да бидат, не треба да тагуваме и да страдаме, зашто, и покрај сé, ние се имаме самите себе, како и можноста да избираме, да се движиме, да размислуваме. На тој начин ќе се определиме да бидеме во мир со себе и ќе ја негуваме надежта дека утре ќе биде подобро (зашто и добрите и лошите мигови се само мигови и поминуваат). Па, можеби, лицето што нé поставило во доменот на опцијата, еден ден ќе сфати каде погрешно се постапило или ќе почувствува поинаква потреба. Но, и да не дојде до тоа, сигурно ќе се појави некој нов партнер, кој, можеби, многу посуштински ќе нé надополнува и нема да нé третира како опција, туку како приоритет.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)