ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Наезда на злото

    241

    Според Светото писмо, илјадници години пред да биде создаден светот, злото се појавило во срцето на највисокиот ангел на небото Луцифер. Вината не може да му се припише на Бога, зашто Луцифер бил совршено создаден, меѓутоа тој бил незадоволен, па мислел дека заслужува чест еднаква на онаа што ја ужива Бог. Дозволил со неговото срце да завладее зависта и оттаму сè произлегува.

    Оваа библиска легенда покажува дека најголем проблем се егото и зависта. Всушност, тука сè се случило поради егото и потребата на ангелот да биде повисок дури и од неговиот создател Бог, како и тенденцијата да добие свое царство за владеење. И според учењата на богомилите, се случило тоа царство да биде планетата Земја. Затоа сè што е создадено на Земјата делумно произлегува и од нечестивата енергија, односно од Луцифер паднатиот. Тој го создал човекот, но нему му недостигала душа и потоа Луцифер отишол кај бога и му рекол дека тој ја има материјата, го има телото на човекот, но не може да го оживее, бидејќи му недостига душа. И во името на мирот во небесното царство, Бог интервенирал и вметнал душа во телото на човекот. Тоа зборува за дуалистичката природа на луѓето, во кои ја имаме душата (како асоцијација на божественото и спиритуалното) создадена од бога и телото (како асоцијација на ниските страсти и егото) водено од паднатиот Луцифер.

    Веќе илјадници години филозофите и мислителите се обидуваат да одговорат што е зло, а што добро. Гледано од религиозен аспект, злото може да го дефинираме, како недостаток на добро. Во светот постојат многу лоши постапки, кои во преден план ги истакнуваат деструктивните пориви и агресивните тенденции. Манифестација на зло согледуваме кога им се прават неправди на луѓето; кога се предизвикуваат болки и страдања; кога се уништува екосистемот; кога алчни поединци и корпорации ги експлоатираат и подјармуваат луѓето; кога врвни функционери не ја извршуваат професионалната должност туку ги продаваат државните интереси, крадат, лажат и го манипулираат сопствениот народ; кога не се води сметка за општиот напредок; кога се водат уништувачки војни и повредуваат невини и недолжни  итн.

    Во сите тие ситуации многу јасно го согледуваме злото и утврдуваме дека кај предизвикувачите на негативните постапки, постои суровост и тенденција себеси да се наметнат, а другите да ги уништат и повредат. Во историјата на светот и човештвото мошне ретко имало периоди во кои немало воени конфликти, насилства и уништувања. Дури и векот што помина беше век на две светски војни и на многу воени судири и деградации.

    Зошто сето тоа се пројавува, кој тоа го создава и од каде произлегува агресивната состојба на духот, поради која луѓето предизвикуваат такви уништувања?

    Дали најстрашните уништувања се дело на поединци, организирани во одредени милитантни групи, политички партии или можеби се работи за воинствен ген, структуриран во умот на повеќето луѓе? Во тој контекст, ќе ги согледаме и објасниме тезите на норвешкиот философ Лаш Свенсен и ќе ги категоризираме причинителите и размислите за пројавата на злото и кој е одговорен за негативната определба кон која се движи човекот и човештвото.

    Првата согледба е дека злото произлегува од ѓаволот, односно од демонските сили. Тоа е застарено сфаќање, кое потенцира дека нечестивата енергија се вметнува во духот на човекот, му го одзема моралитетот и духовноста и го прави орудие во рацете на демонската сила. Губејќи ја автономијата на личноста, човекот станува опседнат од нечестивата сила и нужно се ориентира кон злото и негативната енергија. Ова сфаќање посебно било распространето во Средниот век и траело до почетокот на 19 век. Во тој мрачен период се наметнала тезата дека самиот ѓавол или Луцифер раководи со своите пратеници на земјата, против кои била насочена целата општествена хајка. Злото се институционализирало во име на „светата инквизиција“, која го спроведувала ловот на „вештерки“ и „демони“, со задача да ја спасат душата на „еретикот“, бидејќи неговото тело било опседнато од ѓаволот. Поради најбанални причини, „еретиците“ биле спалувани, мачени и давени во водите, сè со цел да го признаат своето општење со нечестивиот или да се откажат од своите учења (познат е случајот со Галилео Галилеј и со спалувањето на Џордано Бруно, на Цветниот плоштад во Рим). Шпанските инквизиторски техники на мачење биле познати како најстрашни и од нив настрадале голем број на Евреи, Арапи и христијани. Оваа теорија се уште опстојува во некои рурални средини и укажува за присуството на злото преку нечестивата сила. Појавата на голем број сатанистички секти и организации покажува дека приклониците на нечестивиот се повеќе се наметнуваат, обидувајќи се да ги уништат начелата на спасителот Исус Христос – сомилост, мир, љубов, морал, духовност и семејна вредност. За одредени нечестиви поединци и групации, единствено свети се ниските страсти, неморалот, нечесното трупање материјални добра, лошото користење на политичката моќ и економското подјармување на луѓето и народите.

    Прашањето кое секој разумен човек треба да си го постави е следново: дали злото и демонската енергија исклучиво се наоѓале кај големиот број научници, философи и учени луѓе или пред сè кај умислените „свети извршители на божјата волја“, кои со садистички средства ја „спасувале душата“ на човекот?

    Со појавата на индустриската револуција и со развојот на научната мисла, се осознало дека не е само ѓаволот виновен, односно злото не е исклучив производ на нечестивата сила, туку на самиот човек и на неговата слобода на волјата. Во тој контекст, се наметна мислењето дека одговорноста за направеното зло не треба да им се припише само на надворешните сили, зашто секој ја има можноста самостојно да одлучува и да го избегне негативното постапување.

    Философски гледано, верувањето дека за злото подеднакво се виновни демонските сили и слободата на волјата на човекот, во преден план го истакна верувањето во дуализмот. Оваа идеја првично ја експонирале манихејците, кои сметале дека овој свет е производ и на Бог и на ѓаволот. Тоа го има анализирано и персискиот маг и философ Заратустра, кој зборувал за создавањето на светот и за вечната борба која се одигрува помеѓу силите на доброто и силите на злото. Светот на светлината, на доброто и на хармонијата ги олицетворува пораките на врховниот бог Ахурамазда, божество на добрината и мудроста. Во светот на темнината и злото доминира лошиот дух Ахриман. Заратустра сметал дека луѓето се должни да се ориентираат кон позитивната енергија и да се борат против силите на злото, кои водат кон уривање и уништување на сето добро и позитивно во личноста, општеството и човештвото.

    Истото сфаќање може да се најде и во учењата на богомилите, кои потекнуваат од нашите простори, како и на павликените во Ерменија и катарите во Јужна Франција. Тие укажувале дека овој свет е производ на нечестивата енергија, но во него има и дел од бога, кој се согледува преку светлосната димензија на душата. Интересно е мислењето и на црковниот отец Августин, кој во делото „За градот божји“ изложил учење за две држави: светската (овоземската) и небесната (божјата). Првата била извор и расадник на зло, а во втората доаѓа до израз божјата правда и добрина.

    Карактеристично за богомилската теорија е учењето дека човекот мора да се дистанцира од сè што асоцира на задоволства на телото, како што се его доминациите, ниските страсти и материјалната ориентација.

    (продолжува)

    (авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)