ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Надминување на проблемот

1024

Духовно воздигнат, ментално силен, телесно здрав и позитивно фокусиран кон животните предизвици е голем благослов во ова денешно време исполнето со многу непријатности, проблеми и неизвесности. Борбениот дух, цврстиот карактер, волјата и смислата се основни вредности кои можат да ни помогнат успешно да се справиме со тешкотиите на животот. Не постои поголем непријател на мирот и хармонијата од определбата да опстојуваме со емоционален отров, гнев, песимизам и незадоволство од самите себеси и од состојбата во која се наоѓаме.

Животот е полн со подеми и падови, така што сè си има свој почеток и свој крај. Ништо не е вечно – радоста завршува, страдањето попушта, единствено надежта дека ќе биде подобро нè пресушува. Секогаш треба да се надеваме дека ќе стане подобро, преземајќи сè што е во наша  моќ за подобрување на состојбата. Стремежот кон напред е клучен за расчистување со товарите од минатото и за искористување на потенцијалите на иднината. Ништо не е полошо од опстојување со тага и болка; прифаќање пораз; окупирање со чувство на вина и губење волја за иницирање позитивна промена. Сите овие нешта создаваат јад, горчина, внатрешна празнина и умор.

Владеењето со сопствените емоции е исклучително моќна способност која малкумина умеат правилно да ја исползуваат. Неконтролираните изливи на бес, страв, загриженост, завист, љубомора и омраза може штетно да влијаат врз психофизичката состојба на нашата личност. За да се ослободиме од негативните емоции неопходно е да бидеме трпеливи, сталожени и подготвени да се соочиме со изворот на болките и страдањата. Кинескиот мудрец Ли Џин Јун препорачал умно да постапуваме во миговите на искушенија, придржувајќи се до следните правила: „Да одбегнуваме пресилни емоции, бидејќи тие ја трошат целата енергија и ја попречуваат работата на органите во телото; да не брзаме, зашто сè се случува во свое време; секојдневно да правиме физички вежби и вежби за дишење“.

Овие поуки асоцираат дека сè ќе биде, како што треба да биде и дека нè треба да се форсираме и вознемируваме за нешта кои можеме (или нема да можеме) да ги избегнеме. Умно ќе постапиме ако сме прибрани, разумни и дисциплинирани кога демнат опасности, но и активни, ефикасни и борбени кога постои шанса за иницирање позитивни промени. Вежбањето на умот и телото се значајни вредности кои го зајакнуваат духот и подготвуваат за борба со разните предизвици на животот.

Најубаво е кога сме задоволни од самите себеси и свесни дека најголемиот мир произлегува од чувството на самодоволност. Независниот дух, вреднувањето на тоа што го имаме, без копнежливо да гледаме кон тоа што го немаме се основни импулси за постигнување мир и хармонија со самите себе.

Секој различно го пронаоѓа патот што води кон мирот и хармонијата. Многу нешта зависат од карактерот, воспитанието, средината, едукацијата, личниот развој, акумулираните искуства и индивидуалниот пристап кон искушенијата. Психосоцијалниот развој на личноста го определува нашето однесување и влијае врз односот кон позитивните и негативните случувања на животот.

Постојаната емоционална вознемиреност и ненадејните психички трауми можат да ја дисхармонизираат енергетската стабилност на организмот и да создадат предуслови за појава на разни болести. Сите луѓе не реагираат исто на трауматичните животни искуства, така што некои трезвено пристапуваат и се обидуваат да бидат присебни; други ги потиснуваат чувствата и се затвораат во себеси; трети изразуваат силни емоции на тага, немир и самообвинување; четврти нè можат да ги контролираат гневот, револтот и агресивното однесување итн. Според одредени научни истражувања луѓето кои по природа се агресивни, лути и нервозни почесто се разболуваат. Се смета дека акумулираниот бес му наштетува на црниот дроб, доведува до оштетување на видот, предизвикува главоболки и создава предиспозиции за срцеви заболувања. Од друга страна, подложноста на депресија, константна тага и жалост го слабее имуниот систем, негативно влијае врз белите дробови и предизвикува намалена волја за живот. Утврдено е дека поединците кои претрпеле големи психички стресови се посклони да заболат од инфективни болести и настинки, отколку луѓето кои воделе помирен живот. Без оглед што реакцијата на стрес варира од личност до личност, сепак никој не е имун на хроничниот стрес. Тој резултира со повеќе манифестирани промени во телото, како на пример зголемен крвен притисок, кој со текот на времето може да ги оштети артериите и да предизвика срцеви заболувања.

Сите овие нешта укажуваат дека духот и телото се тесно поврзани, така што негативните емоционални состојби во голема мера ја нарушуваат рамнотежата на телесните функции. Ништо не е поважно од здравјето, затоа не треба да чекаме болеста да нè принуди да го хармонизираме своето живеење. Не треба да чекаме маките, проблемите и страдањата да нé натераат да ги преиспитаме постапките во животот.

Кога душевно сме смирени и емоционално исполнети, тогаш сè друго е во хармонија.

Сè што е претерано не е добро за психофизичката состојба на личноста, затоа клучно е да се биде умерен, разумен и фокусиран кон позитивните можности. Мирот со себеси е основниот двигател на позитивната емоција и главна цел кон која сите ние треба да се стремиме. Сепак, современиот начин на живеење исполнет со разни неправди, проблеми и тешкотии создаде армија незадоволни, фрустрирани и дисхармонизирани луѓе кои не знаат како да се справат со сè понагласените форми на експлоатација, дехуманизација и деградација. Заканата од болест, опасноста од губење на работното место, стравот од економска рецесија, лошите меѓучовечки односи, удирањето по националниот идентитет и самовредност се само дел од околностите кои го разјадуваат духот на човекот создавајќи му јанѕа, немир и песимистичко чувство за перспективите на иднината.

Проблемите се насекаде околу нас, така што е потребно да поседуваме внатрешна сила и храброст за да се извлечеме од ограничувањата. Излезот од проблемите, надминувањето на стресот и заштитата од негативните вибрации се наоѓаат во љубовта, поврзаноста со блиските и градењето доверба во позитивните можности на постоењето. Колку и да сме далеку од вистинскиот пат, неопходно е да веруваме дека ќе биде подобро и дека го поседуваме клучот за излез од кризата.

Самосвеста, силниот дух и преиспитувањето на постапките се главни за позитивно справување со искушенијата. Во тешките животни ситуации некои реагираат бурно, импулсивно и настојчиво, други се повлекуваат и постојано стравуваат од најлошото. Во таквите периоди најбитно е да останеме сталожени, да поразговараме со добронамерни лица и да го стопираме емоционалниот пад во безизлезот на животот.

Бегството од проблемите создава уште поголеми болки и страдања. Соочувањето со тешкотиите и анализата на причините кои ја создале кризата е поттикот што ѝ е потребен на нашата личност. Не треба да чекаме чувството на очај и празнина да нè натера на акција, туку волјата, храброста и решеноста да се извлечеме од тешкотијата. Секој од нас треба да ги има на ум зборовите на Сузан Џеферс: „Сè што се случува се одигрува на најдобриот можен начин. Ќе излезам на крај што и да ми се случи во животот. Ќе извлечам поука од тоа“. Асоцијацијата е да продолжиме да се движиме напред, да уживаме во мигот и да не ја трошиме енергијата на лица и ситуации кои не го заслужуваат нашето внимание.

Заклучокот е да сфатиме дека најголемата промена доаѓа однатре. Кога ќе го промениме односот кон самите себеси и почнеме со повеќе љубов, внимание и доверба да гледаме на тоа што сме – ќе успееме да го надминеме проблемот и отвориме за напредокот и убавите нешта на животот.

 (авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)