ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Лошо општество (8)

652

Филозофската концепција на Волтер, со насоченоста кон етиката, автономијата на човекот и политичките слободи, максимално придонесе просветителското движење да го постигне својот подем во 18 век во Франција. Наспроти дотогашните метафизички согледби на стварноста, во епохата на Просветителството од филозофијата се бараше да ги предочува и разрешува практичните проблеми на човекот. Мислата на Џон Лок дека разумот мора да биде највисок судија и водич во сè, стана врвно начело кое мислителите на Просветителството почнаа да го следат. Оптимистичката верба во иднината и сознанијата за моралот и среќата стануваат идеја водилка, додека предрасудите и суеверието произлезени од Средниот век сè повеќе се потиснуваат од свеста на човекот. Се прави обид религиозните влијанија да се доведат во хармонија со разумот, а преку културната револуција и отпорот кон лажните авторитети луѓето да ја согледаат вистината. Науката, уметноста, а пред сè постојните општествени институции, се изведуваат пред судот на разумот и, доколку не успеат да ја покажат својата практична вредност, се третираат како нефункционални и се отфрлаат. Целта на просветителската идеја е да се прифатат културните и научни сфаќања и теории што можат да придонесат за развојот на цивилизацијата.

Сепак, сите филозофи и мислители од времето на Просветителството не сметале дека културата со своите достигнувања го овозможува моралниот развиток на луѓето. Највлијателниот и најголем критичар на цивилизациските придобивки од редовите на француските просветители бил Жан-Жак Русо, кој не влијаел само врз формирањето на филозофските и етички погледи на своето време, туку и врз практичното извршување на политичкото наследство на просветителската идеја. Има напишано прекрасни дела посветени на образованието и на политиката, а се истакна и во областа на етиката.

На наградното прашање на академијата од Дижон „Дали хуманистичките и природни науки биле корисни за човештвото?“ Русо одговорил дека науката, книжевноста и хуманистичките науки се најголем непријател на моралот и дека, со создавањето на лажни потреби, претставуваат извори на ропството, кои човекот духовно и општествено го уназадиле и оттргнале од природниот живот. Според него, науката и добродетелта се неспоиви, а сите науки имаат неблагородно потекло, што го потврдува со односот на астрономијата и астрологијата. Освојувајќи ја наградата, која му донесе ненадеен успех, Русо се прослави со своите сфаќања за културата и за општествено-политичките односи, а подоцна стана и еден од најголемите инспиратори на романтичарското движење.

Поради политичкото ропство, имотната нееднаквост и експлоататорскиот однос на човекот кон човекот, Русо препорачал луѓето да се вратат кон природата, каде сè е чисто, едноставно и далеку од поробувачкото влијание на нечовечната култура, која сè повеќе станува дехуманизирана и симулакрична. Неговата критика на цивилизациските придобивки не ја дава асоцијацијата дека човекот треба повторно да се врати во примитивната состојба и да стане благороден дивјак (како што иронично се подбиваше Волтер со поентата на Русо), туку да ја пронајде својата вродена, природна добрина, која лошите општествени институции и наметнатите материјални потреби постепено му ја уништуваат. Според Русо, успехот и вредноста на животот, освен од индивидуата, зависат и од состојбите што владеат во општеството, бидејќи, иако „човекот се раѓа слободен, насекаде е во пранги“.

Судбината на човекот не може да биде хармонична ако во општеството владеат неморал, нееднаквост, криминал, неказнивост и ниска свест за општото добро. Тоа укажува дека добриот човек, без оглед што индивидуално го заобиколила несреќата, неминовно ќе се соочи со духовна болка и со страдање ако во својата непосредна околина е опкружен со несреќни луѓе кои се жртви на разни тортури, неправди и ограничувања. Затоа, за Русо е клучно да се изгради праведно демократско општество во кое нема да има некои кои оргијастички ќе уживаат во изобилство и ќе тонат во разврат, а другите ќе скапуваат во беда и немаштија. Иако наспроти општеството ја претпочита природата како идеал, сепак Русо не ја негирал потребата на човекот да егзистира во хармонични социјални и културни односи – и тоа во општество кое научните и технички достигнувања ќе ги стави во функција на духовниот напредок на човештвото, без притоа да ги урива етичките вредности. Но, тоа нема да се постигне, потенцирал Русо, ако од светот на разумот, егоизмот и општествените конвенции не се тргне кон светот на природата и на чувствата.

Русо сметал дека нашите природни чувства нè тераат да му служиме на општиот интерес, додека нашиот разум нè мотивира на себичност. Затоа препорачувал повеќе да ги следиме чувствата отколку разумот, кој, доколку се развива на догматизиран и шематизиран начин, може негативно да влијае на духовниот напредок на човекот. Наспроти пренагласениот рационализам ја претпочитал филозофијата на срцето, така што на луѓето им велел: „Бидете човечни кон сите сталежи, кон сите возрасти, кон сè што не ѝ е туѓо на човековата природа, бидејќи не постои каква било друга мудрост надвор од човечноста“.

Според него, луѓето не се создадени од природата ниту како кралеви, ниту како големци, ниту како богати. Сите се раѓаат голи и бедни, сите се подложни на грижи, непријатности, несреќи, на потребите и на различните видови болки, и најнакрај сите стануваат плен на смртта, која претставува вечна судбина на човекот, така што ниеден смртник не може да ѝ избега. Тоа укажува дека не треба да се преокупираме со моќното и непредвидливо влијание на таквата судбина, туку да почнеме етички да се надградуваме и да го следиме мигот на задоволството, бидејќи квалитетот на животниот век не зависи од неговата должина, туку од исполнувањето на духовната мисија, од следењето на позитивните вредности и од интензитетот на проживеаното.

Русо потенцирал дека човекот не смее моралната одговорност за преземените дејства да им ја префрла на Бог или на судбината, туку треба да се соочи со сопствените слабости и да сфати оти самиот е виновен за тагата, за грижите и за страдањата, зашто „причината на физичкото зло е во природата на материјата, а на моралното зло – во слободата на човекот“. Констатацијата дека „со светот управува моќна и мудра волја“. Русо ја темели врз своето чувство, кое интуитивно го предочува постоењето на слободната волја, душата и Божјата присутност. Затоа укажува: „Глупаво е да се претпостави дека хармонијата во природата е изведена од слепиот механизам на случајно раздвижената материја, така што е невозможно да се замисли систем кој ќе создаде толку мудро уредени суштества, ако притоа не постои некоја духовна сила од која потекнува редот“. Етичката порака што Жан-Жак Русо им ја упатува на луѓето кои сакаат да ја постигнат среќата и хармонијата е да го елиминираат егоизмот и да бидат правични и сочувствителни во контактите со другите. Тоа ќе го воспостават доколку мудро се користат со слободата на волјата и сфатат дека самите се одговорни за реализацијата на сопствената судбина.

Сепак, Русо асоцирал оти за разлика од индивидуалната судбина, која секој на свој независен начин си ја воспоставува во животот, луѓето се подложни и на надворешните влијанија и околности, што како колективна судбина се манифестираат врз нивната егзистенција. Златното време не треба да се очекува во иднината на човештвото; тоа е зад грбот на човекот, тоа е она време кога немало приватна сопственост, од која потекнува сето зло, констатирал Русо.

Затоа, како заклучок ќе наведеме оти во современото општество луѓето сè повеќе својата судбина ќе ѝ ја подредуваат на материјалната доминација и ќе бидат робови на предметното. Тоа ќе ги доведе во ситуација да не се чувствуваат како субјекти кои се независни и одговорни за својот живот, туку како објекти кои се водени од технолошката деструкција и од наметнатите егзистенцијални ограничувања, што самите на себеси си ги предизвикуваат преку експлоата-торското, егоистичното и неетичкото однесување.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)