ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Лек за болката

837

Голема мудрост е да умееме животот да го поминеме што е можно попријатно и посреќно. Не постои поскапоцено богатство од внатрешниот мир, љубовта во срцето и искрените и топли односи со најблиските. Секој трага по мир, среќа и успех, но како и каде да ги пронајде во денешното време на живеење исполнето со многу неморал, алчност, егоизам, лаги, болки и интриги?

Првиот и најважен услов за нашата среќа се наоѓа во личните добра како што се: благороден дух, позитивен темперамент, ведар ум и да се поседува здрав дух во здраво тело. Кога сме психофизички здрави и во хармонија со самите себе, полесно се справуваме со тешкотиите и наоѓаме решение за проблемите. Многу повеќе треба да се грижиме за развојот и одржувањето на внатрешните карактеристики на личноста, отколку за стекнување на надворешни добра и почести. Од сите овие особини најтрајно и најдобро нè усреќува ведрината на умот, сметал филозофот Артур Шопенхауер.

Позитивниот пристап кон нештата буди сила и влева надеж дека без оглед колку е лошо на крајот сè ќе биде добро. Оптимизмот и вербата се моќни агенси кои влечат напред, создавајќи предуслови за реализација на целите. Да се биде слаб, апатичен, несигурен, песимистичен и подложен на негативните влијанија на околината значи дека немирот, неуспехот и стагнацијата уште долго време ќе бидат присутни. Неретко опстојувањето во дисхармонична љубовна врска или брак; препуштањето на работни активности што создаваат незадоволство; живеење во средина која негативно влијае врз нашата личност; преокупираност со постапките на другите; преголемото размислување за минатото; опсесивната фиксираност за болките и страдањата или очекувањето сè да биде совршено во нашиот живот создава голем притисок, немир и фрустрација.

Што треба да направиме за да се ослободиме од овие штетни матрици на однесување?

Да престанеме да се врзуваме за идеалите, лицата и ситуациите кои негативно влијаат врз нашата личност, да ја преземеме одговорноста за сопствениот живот и да почнеме да внесуваме промени во начинот на размислување и дејствување.

Факт е дека воопшто не е лесно да се ослободиме од некои последици произлезени од минатото, да ги хармонизираме своите емоции и да го неутрализираме стравот од неуспех, напуштање или осаменост. Но, што друго ни преостанува, освен да ги организираме своите сили и да се обидеме да ги поправиме нештата што зависат од силината на нашиот дух, волјата и карактерот. Сè поинаку, подразбира дека доброволно прифаќаме себеси да се третираме како губитник кој дозволил да му се провлечат лошите лица и ситуации, психофизички да го изместат и емоционално повредат.

Спасот од негативното, подигнувањето над проблемите и осознавањето на грешките отвора можност за создавање нова похармонична перспектива во која нема да се запоставуваме самите себеси и да ги игнорираме убавите и позитивни нешта во нашиот живот. Колку повеќе се самопочитуваме, толку подобри односи ќе имаме со другите. Сјајот на нашето лице, смиреноста, ведриот ум и исцелената душа најдобро отсликуваат дека се движиме по вистинскиот пат што води кон успехот, мирот и себехармонизацијата.

За да го постигнеме сето тоа, неопходно е наш приоритет да бидат следните активности: оттргнување од сè што е лошо, нечесно и неморално и итање кон сè што е добро, позитивно и перспективно. Трошење време и енергија на лица и ситуации кои не ги почитуваат и препознаваат нашите вредности е како „фрлање бисери пред свињи“ кои предност секогаш му даваат на валканото, површното и матното.

Сите луѓе не се исти, ниту имаат слични потреби, аспирации и ориентации. Затоа, најголема грешка ќе направиме ако очекуваме дека и другите ќе размислуваат и постапуваат како што ние сметаме дека е правилно да се постапува и размислува. Многумина нè поседуваат високо развиена свест, морална воздигнатост на личноста, духовен капацитет и емпатија за да сфатат каде грешат и дека со своето неморално, негативно и лажливо однесување може да ги повредат другите. Лекот за таквите лица е навреме да ги препознаеме и да се дистанцираме од нивното влијание, зашто таму каде што владее нечестивата енергија – нема простор за создавање мир, хармонија и емоционално вложување. За овие нешта пишува и во светите книги: „Кој другарува со темните сили, ќе се затемни; кој својата душа му ја ветил на нечестивиот, никогаш нема да ја почувствува благодатта на мирната совест, честа и смирението“.

Човечката среќа ја поматуваат нејзините најголеми непријатели: болката, стравот и здодевноста.

Да се живее со болка значи дека постои голем немир во душата или страдање на телото. Болката е составен дел од животот, така што во одредени ситуации мора да се прифати, но не и да се дозволи таа да стане наш стил на живеење. Кога болката ќе го надвладее духот, тогаш среќата, мирот и хармонијата исчезнуваат, правејќи го животот празен, болен и апатичен. Народот тоа го прикажал со жалопојката: „Ме боли душата од толку многу страдања“. Навикнувајќи се на таквата ситуација, човекот наместо да биде дух на радоста, станува тело на болката.

Фокусот кон тоа што е добро во нашиот живот е лек за страдањето, болката и апатијата. Кога постојано се преокупираме со лошото, нè оставаме простор да пристигне доброто. Треба да знаеме дека и најболните мисли почнуваат од најмалите внатрешни немири. Меѓутоа, ако премногу им придаваме важност, тие се множат, растат и постепено го запоседнуваат нашето битие.

Некои автори сметаат дека човековиот живот е сочинет од само 1% настани, а преостанатите 99% ги претставуваат реакциите на тие настани. Секој различно реагира на тоа што му се случува. Некои лица умеат побрзо да се реорганизираат и регенерираат по тешките удари на судбината, за разлика од некои други кои долго време страдаат и носат болка во душата. Решението е во прифаќањето и осознавањето на причините кои го предизвикале страдањето. Многумина сметаат дека судбината не може да биде променета – таа е таква каква што Бог или наречниците пропишале да се одвива. Во фолклорните умотворби е запишано: „Тоа што на човекот му е речено од наречниците тој не можел да го избегне, макар и во волов рог да се пикнел, бидејќи животот морал да протекува како што било запишано“.

Асоцијацијата е дека мора да научиме да не се грижиме за иднината, да не се вознемируваме поради сегашноста и да не жалиме поради минатото. Според рускиот парапсихолог Сергеј Лазарев: „Неприфаќањето на минатото и жалењето поради него претставува агресивност кон Бога, како и желба да го промениме минатото“. Меѓутоа, минатото е невозможно да се промени. Како последица на тоа, во нас доаѓа до огромен губиток на енергија, што доведува до сериозни проблеми и опстојување со тело на болка.

Прифаќањето подразбира да станеме свесни за чувството на срам и вина поради грешките кои во минатото сме ги сториле. Излезот е во покајувањето и простувањето, како и во разјаснувањето до која мера треба да се самоосудуваме и да ги обвинуваме другите за сè што ни се случило во животот. Не постои човек кој нé погрешил во нешто, како што постојат и многу луѓе кои внатрешно се разјадени од чувството на вина и од уверувањето дека нивниот живот можел да се одвива на сосема поинаков начин. Актуализирањето на настаните од минатото неминовно ќе создаде негативни чувства и неубави мисли, предизвикувајќи да се чувствуваме незадоволни и несреќни заради сето тоа.

Треба да имаме на ум дека внатрешниот мир секогаш е производ на чистата совест, себеприфаќањето, достоинството на личноста и елиминирањето на чувството на вина за случувањата во минатото.