ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Лажни вести

443

Добрата информираност е решение за избегнување проблеми, но само доколку информацијата се темели врз вистината, позитивната мотивација и професионалниот пристап во работењето. Константното акумулирање негативни информации може дополнително да го наруши здравјето на луѓето и да создаде неизвесност, страв и паника. Кога не размислуваме за афирмативните можности и дозволуваме неодговорните и лошо настроени поединци да го креираат нашето живеење, тогаш последиците ќе бидат поразителни.

Низ историјата провејувале многу ситуации кога во името на профитот и тесните интереси се протуркувале одредени измами и деструктивни стремежи, кои ја дисхармонизирале и загрозиле психофизичката состојба на луѓето. За некои лица не постојат категориите одговорност, емпатија, чесност, морал, здравје и правда доколку се пред можност за стекнување превласт за разни придобивки и материјални добра. За таквите поединци, парите и моќта се приоритет, а егоизмот, алчноста и нечесноста – прагматичен модел на однесување.

Во периодот кога постои сериозна закана за нашите здравје, безбедност и сигурност, на површина излегоа сите слабости и вредности карактеристични за современиот начин на живеење. Нештата почнаа да се менуваат надвор од нас, но и длабоко во нас. Човекот се соочува со нови моменти на егзистирање исполнети со страв за глобалната безбедност, економска рецесија и пандемична закана, како и со алчни, агресивни и сурови дејствувања на поединци и групации, но и со хуманост и одговорно извршување на должноста.

Во екот на најголемите опасности, стана клучно да не го водиме нашиот живот според негативно определените, туку да се креираме според позитивците и во себе да го пројавиме духот на победниците. Одредени луѓе носат песимизам, негативизам и дефетизам. Други во себеси носат позитивна волја, верба и оптимизам. Сите тие ја даваат и ја пренесуваат енергијата што ја поседуваат. Во светите книги е запишано: „Одбери го, развивај го и шири го позитивното, бидејќи само така ќе живееш со доброто и Бог ќе ти помага во борбата со лошото“.

Доколку почнеме неселективно да се однесуваме и ментално да се храниме со сè што е присутно на социјалните мрежи и на интернет- порталите, тогаш може да станеме лесен плен на лицата што шират страв и предизвикуваат негативни вибрации во јавноста.

Едни го прават тоа поради профит, други затоа што сакаат да бидат читани, трети бидејќи функционираат според законот на негативната енергија, итн. За да го избегнеме влијанието на таквите поединци, неопходно е да го проверуваме изворот на информации, да размислуваме аналитички и самосвесно да одлучуваме што ќе следиме и ќе прифаќаме.

Францускиот философ Жан Бодријар има кажано: „Сè е заситено од медиумите или поттикнато од нив, тие ги создаваат настаните, креираат настани, лажни, привидни настани. Сите информации се некоја симулација во основната смисла на тој збор“.

Асоцијацијата е дека нештата неретко најмалку се такви какви што ни изгледаат или какви што другите ни ги претставуваат. Некои лица се создадени во сè да го бараат негативното, така што секое потпаѓање под нивно влијание може сериозно да ги оптовари нашите емоции и да ни создаде непотребен страв, стрес и паника. Впрочем, колку подолго искусуваме негативни емоции или сме под удар на негативни информации толку полоша станува нашата психофизичка состојба.

Причинителот на стресот често произлегува од надворешните влијанија: проблеми во семејството или на работното место; напуштање или губење на блиска личност; исцрпувачка грижа за лице заболено од тешка болест; финансиски тешкотии; застрашувачки информации слушнати на медиум или прочитани на Интернет, итн. Сите овие ситуации го палат алармот на стресот и создаваат неубаво чувство. Таквите околности станаа наше секојдневие бидејќи живееме во време на општа несигурност и егзистенцијална неизвесност. Стравот од болест, воен конфликт, сиромаштија и здодевност го окупираа човековиот дух наметнувајќи му стрес, немир и соочување со разни притисоци.

Катастрофално за психофизичката состојба на нашата личност е ако подлегнеме на лажни вести и црни сценарија и дозволиме во нашето битие да се вметнат стравот, апатијата и безнадежноста. Треба да знаеме дека некои лица заработуваат од програмирање на човековиот ум со лажни вести и негативни информации. Овие алчни и неодговорни поединци дополнително го разгоруваат внатрешното чувство на страв и несигурност кај луѓето и придонесуваат да се зголеми надворешниот ефект на паника и безнадежност.

Што треба да направиме за да ги избегнеме лажните вести кои создаваат страв и паника?

Да бидеме селективни во акумулирањето на надворешните информации; да размислиме за изворот на вестите и да го провериме датумот на објавата. Често се случува стари вести или изјави да се пласираат како актуелна вест со цел добивање повеќе кликнувања на објавата. Најважно е да станеме свесни за опасноста, но не и да се дисхармонизираме и тотално изместиме на психофизички план. Треба да си бидеме најголемата поддршка на самите себе и да не потпаѓаме под влијание на црните сценарија.

Постојат лоши луѓе и групации кои немаат никакви обѕири кон туѓите болки и страдања, бидејќи нивната клучна цел е да заработат, искористат и манипулираат. Во тој контекст се и зборовите на актерот Дензел Вашингтон: „Постојано сме под удар на одредени медиуми за кои не е најбитна вистината, туку опцијата први да ја пренесат информацијата“. Заклучокот е дека треба да бидеме исклучително внимателни од какви извори се информираме и кому ќе му веруваме.

Позитивната вест е импулсот што ѝ е потребен на нашата личност.

Време е самите на себе да си ја дадеме. Тоа подразбира:

  • со визија, цел и смисла да гледаме на своето постоење;
  • со верба, надеж и љубов да го креираме своето размислување;
  • со победнички дух, оптимизам и ментална сила да се разбудиме;
  • да почнеме вистински да го живееме секој миг што го поседуваме.

Во периодот кога човештвото се соочува со сериозна опасност, голем предизвик е да постигнеме сталоженост, смиреност и внатрешна хармонизираност. Тоа воопшто не е лесна задача во миговите кога многумина трпат огромни страдања, но што друго ни преостанува освен да се бориме и храбро да се справиме со заканата. Малодушноста, немирот, плашливоста и менталната конфузност никогаш не носат позитивни резултати и решенија за проблемите.

Нема да го пронајдеме излезот ако постојано се оптоваруваме со негативни мисли; подлегнуваме на црни сценарија што ги пласираат лоши луѓе; манифестираме неодговорност кон сопственото здравје и дозволуваме стресот и паниката целосно да го зафатат нашето битие.

Постојаното консумирање вести за умрени, заболени, настрадани или загрозени може да создаде голем притисок врз нашите емоции. Опасноста е уште поголема ако станеме жртва на медиумски манипулации, сензационализам и лажни вести креирани од поединци чија цел е профит, политички интереси или сеење страв и паника кај народот. Морално недоветни, сурови, неодговорни и алчни ликови отсекогаш постоеле, така што треба максимално да бидеме внимателни со какви информации го полниме умот и ги оптоваруваме емоциите.

Притоа, потребно е само да се придржуваме до вербата во позитивното и да веруваме дека сè ќе биде добро. Слушањето негативни вести, пораки и изјави кои имаат цел да шират страв и паника, нема да ни користат. Создавањето лоши емоции може само да ја зголеми моќта на негативните слики што не ни се допаѓаат. Преокупирањето со негативното создава анксиозност, немир и паника и уште посилно продлабочување на внатрешната криза.

Наместо да подлегнуваме на лажни вести и негативни влијанија, неопходно е да сфатиме дека ништо не е поважно од мирот, поврзаноста со блиските, љубовта, здравјето, правдата и уверувањето дека на крајот секој ќе го добие заслуженото – лошиот ќе го вкуси лошото, а совеста на позитивниот ќе биде наградена за изборот на доброто.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)