ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: ЛАЖЛИВЦИ

356

Некои луѓе како да се создадени за улизување, лажење, манипулирање, неморално и лицемерно однесување. Тие се штетници кои не водат сметка за колективниот напредок и за доброто на другиот. За нив не постои ништо свето, освен тесните интереси и потребата од сè да извлечат некоја корист за сопствената личност. Токсичноста со која зрачат може да биде кобна за луѓето кои долго време се наоѓаат во нивна близина и кои не изградиле силен ментален штит на самозаштита.

Ако не можеме да бираме со кого сме во крвно сродство, со мудар и аналитичен пристап можеме да го одбегнеме влијанието на поединците кои манифестираат негативна енергија и себичност.

Меша Селимовиќ во романот „Тврдина” ќе каже: „Улизувачите се најштетните и најрасипани луѓе на светот, зашто немаат обѕири, ладни се како мраз, остри како нож, како кучиња верни на секоја власт, како курви неверни на секој поединец, најмалку се луѓе од сите луѓе. Сè додека таквите постојат нема да има среќа во светот, зашто уништуваат сè што е вистинска човечка вредност”.

Јас ќе кажам дека слични на улизувачите се лицемерите, кои со своите најразлични лица вешто манипулираат во односите со другите. Едни се пред јавност, каде се претставуваат како успешни, позитивни, добронамерни, хумани и морални, а сосема поинакви приватно каде што покажуваат негативност, нечувствителност, себичност и неморалност. Партнерот, колегата или пријателот го третираат со почит и го експонираат само кога имаат интерес и потреба од него, а кога тоа ќе заврши го озборуваат, потценуваат и понижуваат најчесто во разговор со своите сродни лицемерни пријатели.

Лицемерите се фокусирани на задоволување на своите потреби и остварување на своите интереси, а не на градење позитивни релации со другите луѓе.

Извештаченоста, лагите и манипулациите се нивен начин на комуникација со кои демонстрираат доблести кои не ги поседуваат, чувства кои не ги чувствуваат и ветувања кои не ги остваруваат.

Целта на лицемерите е да ги контролираат, управуваат и доминираат другите и да бараат жртви кои беспоговорно ќе ја прифатат нивната умислена посебност.

Лицата кои директно и аргументирано им се спротивставуваат ги сметаат за свои крвни непријатели, иако пред нив глумат кооперативност, блискост и поврзаност. Проблем за лицемерите е што се максимално самобендисани, поради што ја потценуваат интелигенцијата и способноста на луѓето да ги откријат и препознаат нивните скриени и подли намери.

Ако улизувачите своите побуди ги експонираат отворено и почесто јавно, лицемерите работат во тајност и собираат материјал како да му наштетат на „непочитувачот” на нивната личност.

Со нас ќе седат, ќе се смеат, гушкаат или соработуваат, за потоа тајно да нè обезвреднуваат и озборуваат. Бараат пофалби, признанија и услуги, а многу ретко возвраќаат или го почитуваат тоа што го добиваат. Лекот е навреме да ги препознаеме и да не се навлекуваме во нивната замка на ведри, насмеани и добронамерни личности.

Улизувачот лесно може да го прочитаме и да согледаме дека постојано се додворува и прави сè што е потребно само да се искачи повисоко на општествената скала на привилегии и придобивки. Тој ретко има став и секогаш го прави тоа што се бара од него, слично како и лицемерот со кого никогаш не можеме да бидеме на сигурно што точно сака и кога и пред кого може да нè озборува и да ни наштети.

Ако лицемерот претставува поголема закана за нашиот внатрешен мир од улизувачот, лажливецот може да биде уште поопасен од лицемерот.

Двојниот живот и подвоеноста на личноста е главна карактеристика на лажливците, кои едно прават во интимната атмосфера, а сосема поинаку се претставуваат пред јавноста. Тие уживаат да манипулираат, да шират невистини и себеси да се претставуваат како значајни личности, кои имаат добри намери и решение за сè. Да се биде во брачна или љубовна врска со вакви поединци претставува голема закана за внатрешниот мир и среќата во животот.

Кај лажливците емпатијата и чувството за другите луѓе скоро и да не постојат, освен кога им служат за реализација на своите себични цели. Лажливецот ветува сè и сешто, но ретко го исполнува тоа што го ветува. За себе зборува дека е чесен, одговорен, доследен и дека не сака лаги и манипулации. Озборувањето и завидливоста се негов заштитен знак, така што секогаш се обидува да им ги пронајде слабите точки на тие на кои им завидува, правејќи напори да ги обезвредни или претстави во најлошо светло пред јавноста. Тоа посебно се случува откако ќе го прекине пријателството или љубовната врска, сметајќи дека секогаш другиот е виновен за нарушените односи.

Да се лаже и манипулира за лажливецот претставува духовна храна, така што понекогаш и самиот не е свесен за мрежата во која се заплеткува, заборавајќи што некогаш ветил, кажал или направил.

Со улизувачот лесно може да се излезе на крај, бидејќи тој не ги крие своите намери – секогаш да му биде на услуга на лицето од кое очекува одредена придобивка. Лицемерот е малку покомплициран за откривање, бидејќи умее да манипулира со јавноста и да се претставува како добронамерен човек, подготвен да се жртвува за другите. Сепак, лицемерот е помалку опасен од лажливецот, кој нема обѕири кон никого, освен што е воден од потребата со лаги и манипулации да ги остварува своите цели. Понекогаш треба да помине многу време за да забележиме дека комуницираме и одржуваме однос со лице кое е максимално неискрено и себично.

Но, никој од наведените карактерни профили не е толку опасен за нашиот внатрешен мир, колку што е опасно да остваруваме близок контакт со личностите кои се константно неморални и неверни. Специфичностите на однесување што ги практикуваат улизувачите, лицемерите и лажливците, како да се обединети во карактерниот профил на неморалниот поединец, кој воопшто не е едноставен за проникнување.

Со способноста за манипулација и камелеонската умешност на прикривање на своите вистински намери, неморалните поединци стануваат мошне опасни за лицата кои ја претпочитаат верноста, искреноста и посветеноста во љубовта.

Многу лесно и брзо им се препуштаат на прељубите и неверствата, без да имаат грижа на совест или свест за своите неморални постапки. Нивната теза е дека исчезнала љубовта и затоа не е неморално да влетуваат во разни авантури и да им се предаваат на блудот и прељубите. Притоа, сето тоа го прават тајно и додека се во љубовна или брачна врска која не сакаат да ја прекинат, бидејќи им служи како параван пред јавноста. За нив воопшто не е битно што со оддавањето на ниската страст емоционално го повредуваат партнерот и го уништуваат чистиот образ на семејството.

За неморалниот поединец единствено е важно да му се предаде на импулсот на телесното, да ги лечи своите комплекси и барем за миг да побегне од натрупаните фрустрации на животот.

Тактиката со која оваа единка се служи се состои во обвинувањата и префрлувањето на одговорноста врз партнерот. Причината за своите неверства, тој/таа ја наоѓа во критиките дека другите не вредат, не придонесуваат да се чувствува добро и дека не треба да се има обѕири кога се работи за сопствените желби и потреби. Паралелните врски им служат за да го зајакнат ниското ниво на самопочитување и да добијат внимание најчесто од партнер, кој исто така се наоѓа во брак или љубовна врска.

Како заклучок ќе потенцираме дека е голема среќа да бидеме што подалеку од улизувачите, лицемерите, лажливците и неморалните поединци. Тоа воопшто не е лесно да се постигне, така што ќе мора да бидеме максимално внимателни кого пуштаме во својата интима и дали ќе дозволиме негативците да го нарушуваат нашиот внатрешен мир и да ни ја уништуваат перспективата во животот.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)