Соочени со колективната тага произлезена од трагичната сообраќајна несреќа во која загинаа голем број наши сограѓани, многумина си го поставуваат прашањето: Кога нашата држава ќе изгради здрав систем на вредности и ќе иницира процес што води кон повисок степен на правда (еднаквост пред законот), одговорност, просперитет и верност на должноста?

Во денешно време високата свест, хуманитетот и чувството за општото добро станаа привилегија за малкумина, бидејќи поголемиот број од луѓето претпочитаат предност да им даваат на тесните интереси и на определбата – мене да ми биде добро, па што ми е гајле каде оди државата и што се случува со поединецот, односно народот.

Со таков пристап, исклучително е тешко да се изгради здраво општество и да се создадат предуслови за повеќе среќа за поголем број луѓе. Подаништвото, недостигот на одговорност за своите постапки и полтронството од секогаш биле карактеристика за овие простори. Да се гледа единствено сопствениот интерес и да не се води сметка за моралот, совеста, чесноста и должноста е поразително не само за човекот, туку и за лицата кои прифатиле таквиот поединец да стане нивен партнер, пријател, претпоставен, водач или претставник.

Секој бара и сака да му биде подобро, но дали навистина може да му стане подобро, ако својата судбина им ја довери на оние кои не умеат да се носат и да ја управуваат сопствената личност и судбина, а не пак, да одлучуваат за туѓата судбина.

Кога доброволно се определуваме да зависиме од неспособните, тогаш самите си ја врзуваме јамката на врат и си пресудуваме да ни стане многу полошо.

Робовскиот менталитет не е вродена категорија, туку наметната обврска за сите оние кои не веруваат во сопствените вредности и кои дозволиле да бидат подјармени од негативните влијанија и состојби на животот. Архетипот на колективното несвесно, за кое пишувал Карл Густав Јунг, може да се менува, но за да се постигне тоа, потребни се пробудени, одговорни и самосвесни поединци, кои своето достоинство и општествените добра нема да ги продаваат за алчни и себични придобивки.

Во Светите книги е запишано: „Кој еднаш му се подал на нечестивиот, тој вечно станува негов заложник“.

Да се загуби одговорноста, да се уништи моралот, да се деградираат општествените вредности и да се посее маглата на илузијата како златен прав на надежта, претставува самоништувачки порив, кој свесно или несвесно ќе однесе сé кон провалијата.

Јасно е дека во животот не може да се опстојува без парите, исто како што не може да се опстојува и без припадноста, честа и посебноста. Доколку во името на себичните интереси, се жртвуваат повисоките вредности и се уништи сето она што е создавано со голем труд, откажувања, борби и тешкотии, тогаш заклучокот е дека си имаме работа со незрели и материјалистички определени поединци, од кои треба што подалеку да бегаме.

Да се биде некој е нешто, а да се стане никој е ништо.

Ако не сакаме да бидеме никој и ништо време е да се свестиме и покрај работењето нам да ни биде добро, конечно ќе мора да покажеме чувство и на општеството да му биде добро. За тоа најповикани се тие на кои им е должност да направат сé што е во нивна моќ и на народот да му биде добро, а не само да придонесуваат (грабаат) за себе и за своите послушници, безрбетници и заслепени следбеници.

Изборот секој сам го прави во животот и каков и да биде тој избор, најбитно е да води кон повисоките стадиуми на постоењето, односно кон еволуцискиот напредок на човештвото, општеството, семејството и личноста. Кога постои само Јас и кога не се води сметка какви последици се оставаат зад себе, тогаш нужно доминира нецивилизираниот дел од личноста креиран од алчноста, себичноста и подлоста. И еден ден, кога сé ќе заврши, ќе се постави прашањето: Дали мисијата на доблесно, хумано и одговорно однесување било исполнета или заклучокот ќе биде дека на таквиот поединец животот му поминал во тотална неосвестеност, подреденост и без грам чувство за повисоките вредности на постоењето?

Решение секогаш постои, и тоа никогаш не е производ на надворешните влијанија, туку плод на сопствените напори нештата да се променат на подобро.

Иако, искуствата покажале дека кога се работи за политиката неретко патот кон „подоброто”, всушност е пад кон полошото, сепак надежта последна умира и секогаш треба да се има верба во позитивните можности на животот. Тие позитивни можности не паѓаат од небо, туку секогаш се плод на упорна работа, посветеност и решеност најдоброто да го креира подоброто. Но, доколку зад воланот на семејството, работната организација или државата се наоѓаат просечните, неосвестените и неразумните возачи, тогаш автомобилот нужно ќе пропадне во бездната.

Спасителот Исус Христос порача „да чукнеме за да ни се отвори, да побараме за да најдеме и да посакаме за да добиеме”. Тоа подразбира дека секој ќе мора индивидуално да поработи на подигнување на свеста и да го препознае интересот во колективниот напредок и општото добро, бидејќи кога ќе се уништи заедничкото, нужно ќе се деградира и поединечното.

Исклучително битно е како живееме, но уште побитно е каде и со кого живееме, зашто не можеме среќно да опстојуваме, ако таму каде што живееме преовладува ниската свест, неморалот, лагите, алчноста и себичноста. Ние не живееме на пуст остров, за ништо да не е битно, освен опстанокот на сопствената личност. Затоа, пресудно е каде и со кого живееме и дали тие со кои живееме го гледаат интересот за создавање здраво општество, среќно семејство, самосвесно и исполнето човечко суштество кое придонесува за заедницата.

Кога поривот за уништување е посилен од стремежот за создавање, кога стравот ја избркал радоста, кога бесмислата ја затемнила аурата на смислата и кога нечестивата енергија ја потиснала божјата вибрација, тогаш не треба да стравуваме од пеколните маки и страдања, бидејќи ние нив веќе сме ги оживеале и вметнале во своите души. Таквиот негативистички порив уште повеќе го јакне колективниот код на психолошки мазохизам, осведечен низ константно проживување на тага, неправда и душевна болка. Тоа предизвика голем број наши сограѓани  излезот од безнадежноста, апатијата и празнотијата сé повеќе да го бараат во консумирање антидепресиви и психоактивни супстанци.

Многу нешта можеме да промениме и да одлучиме повеќе да не бидеме во релација со одреден партнер, пријател, колега или познаник, но дали можеме да го промениме местото на раѓање и повеќе да не веруваме во развојот на општеството за кое цел живот сме мислеле дека му припаѓаме? Кога не сме дел од цивилизацискиот напредок, ние стануваме силуета (граѓани) која нервозно талка од едно до друго место, од еден до друг емисар, пријател или непријател барајќи признание, одобрување или прифаќање.

Да немаш верба во системот и чувство на сигурност таму каде што живееш, претставува најголема клетва и уште поголема болка за човекот кој држи до самовредноста, самосвеста и општото добро. Затоа, да не дозволиме изместените вредности, неодговорноста и неукоста да го завладеат нашето општество и да нé однесат кон амбисот на површното и несреќно постоење. Позитивната промена секогаш е чин кој доаѓа од внатре. Кога ќе го промениме својот однос кон заедницата, семејството и другиот човек, тогаш ќе може да се надеваме дека општеството во кое опстојуваме, наместо да и биде товар на личноста, ќе стане прекрасно место за среќно и хармонично живеење.

 (авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)