ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Избор

184

Секој човек трпи одредени влијанија од надворешната средина, кои можат сериозно да ги загрозат неговите потенцијали за напредување и постигнување на духовниот мир. За да се заштити себеси, неопходно е разумно да промислува и да внимава чие влијание ќе прифати.

Да се направи вистински избор, воопшто не е лесна работа. Се во животот е избор, дури и кога одлучуваме да не избираме, ние го правиме изборот, односно избираме стагнација и пасивизација. Иако и судбината замешува прсти, сепак човекот е суштество на слободата на изборот и тоа го условува добро да промисли кон што ќе го насочи своето битие. Правилниот избор е голем благодат во животот, посебно кога определуваме да прекинеме однос со лице кое почнало се подлабоко да тоне во душевната и морална деградација на личноста.
Игнорирањето на негативниот и неморален поединец е спас од ништожното и пат кон љубовта, среќата и мирот во душата.

Секој може да направи избор, но позитивен избор е тој што се базира на инстинкт, интуиција, карактер, мудра проценка, морална вредност и добро познавање на самиот себе.

Кармата можеби доцни, но никогаш не заборава секому да му го донесе тоа што самиот го избрал и заслужил. Ако мислиме дека ќе побегнеме од сопствената совест и дека целосно ќе ги оправдаме или сокриеме лошите и неморални постапки, длабоко се лажеме. Се е запишано во квантното поле на човекот и тоа работи според принципот на причината и последицата. Народната мудрост тоа го искажа низ поуката: Секој ќе го ожнее, тоа што го посеал.

Се е поврзано со одредена причина, но се со себе носи и одредена последица. Неразумното однесување, немањето свест за повисоките вредности и игнорирањето на советите дека треба да се вразумиме, да ги контролираме ниските страсти и да го неутрализираме своето его, еден ден може да не однесе кон амбисот на постоењето. Никогаш не е доцна да се свестиме и да преиспитаме кон што се движиме, зашто тоа што го може мигот, не може да го создаде ни вечноста.

Мигот произлезен од светлата аура на хармонијата, љубовта, и свесноста треба да биде патоказот кој ќе не одведе кон позитивните страни на животот осведочени со визија, вредност и убавина. Од нас зависи како ќе се поставиме кон самите себе и кон предизвиците на животот. Врз основа на тоа, ќе следат и позитивните мигови или дисхармоничните душевни состојби. Иако ништо не е исклучиво црно или, пак, бело, сепак врз основа на изборот што го правиме можеме да предвидиме каква ќе ни биде судбината. Впрочем, уште од античката епоха се знаело дека каков ни е карактерот, таква ќе ни биде судбината. Затоа, треба да се стремиме карактерот да ни биде трпелив, одговорен, стабилен и позитивен, за и судбината да ни донесе мир, хармонија и позитивна перспектива. Тоа нема да се случи, доколку не владееме со себе и дозволиме фрустрациите, комплексите, ниските страсти и егото да го издоминираат нашиот дух и оттргнат од афирмативните вредности на животот.

Никогаш не е доцна да го стопираме падот кон бездната, потребно е само да покажеме волја да се менуваме, да искажуваме молитви, да иницираме афирмации и да веруваме дека спасението е во покајанието, во трансформирањето на свеста и во ширењето на позитивните вибрации.

Сите луѓе не се исти, така што постојат и лица кои толку многу се борат за да го задоволат своето извештачено его, да ги реализираат алчните побуди и да му се препуштат на сладострастието, заборавајќи на вредноста и одговорноста себеси да се наречат човек. Наместо да вложуваат во духот и да се стремат кон мирот во душата, тие неразумно им се предаваат на ниските страсти, манифестираат себичност и тотално им се подредуваат на задоволствата на телото. Еден ден кога ѓаволот ќе дојде по своето, можеби ќе биде предоцна да ги поправат грешките кои константно ги натрупуваат во животот.

Треба да знаеме дека колку повеќе љубов имаме во себе, толку побрзо ќе се ослободиме од површните и минливи нешта, кои го блокираат нашето напредување.

Долгото присуство на отрови кои се лачат под влијание на доживеаната навреда и емоционалното страдање ќе бидат неутрализирани со исцелителната сила на добрата волја и подготвеноста храбро да се соочиме со ситуацијата во која се наоѓаме. Чести причини за нервоза, иритираност и за психосоматски заболувања се внатрешниот немир, личните конфликти и гневот од кои не сакаме да се ослободиме. Кога ќе научиме да забораваме, ќе можеме да тргнеме напред. Тоа не е лесно да се направи, зашто честопати болката која ни ја предизвикале другите, длабоко го разјадува нашето срце и не придонесува да се чувствуваме мирно и опуштено.
Кога доживуваме голема траума и се соочуваме со несреќна животна ситуација, прво што ни паѓа на ум е како да ја намалиме болката и да ја неутрализираме тагата. Многумина се одлучуваат излезот да го побараат во одмаздољубивоста, односно во пренасочувањето на својата фрустрација кон лицето кое ги предизвикало болката и разочарувањето.

Најлошо што може да направиме е да пуштиме гневот да се таложи во нас, настојувајќи да ја спречиме експлозијата на таа енергетската бомба. Американскиот психијатар Џудит Орлов препорачува во рок од 48 часа да најдеме начин да ја исфрлиме негативната енергија и да ја канализираме болката преку активности што ќе ни го намалат страдањето. Ослободувањето од лутината и вознемиреноста е процес, но веднаш треба да почнеме да работиме на системот на самооддржување и на модалитетот на себехармонизирање. Доколку тоа не го направиме, може да се случи внатрешно да се разнебитиме и да си предизвикаме емоционална деструкција која целосно ќе не загрози на психофизички план.
Не е проблем лутината, туку акумулираната лутина која предолго ја држиме во себе.

Желбата за одмазда секогаш е поврзана со гневот, кој најчесто следи како последица од претрпената болка и доживеаното разочарување од постапките на другите.

Одредени психотерапевти препорачуваат да се исценира психодрама, со цел акумулираниот гнев низ имагинарни техники на однесување да се пренасочи кон лицето кое го предизвикало нашето страдање. На тој начин, добиваме можност низ замислена ситуација да го искажеме сето она што не сме во можност на директен начин да му го соопштиме на поединецот кој и напакостил на нашата личност. Неретко се случува да манифестираме револт и кон самите себе, обвинувајќи се дека наивно сме постапиле и дозволиле некој да не искористи, изневери, навреди или повреди со своето однесување, без да ги преиспитаме вистинските карактерни својства и намери на таквиот поединец. Спасот од болката, одмаздољубивоста и гневот нужно ќе следи, но само откако ќе станеме целосно рамнодушни кон лицето кое не повредило со своето негативно и неморално постапување. Тогаш повеќе ништо нема да ни биде важно во однос на таа личност, која ќе ја перципираме како воопшто да не постоела и која овозможила да бидеме посилни и посвесни дека не треба секому да веруваме и емоционално да му се препуштаме.

Немањето емпатија, неморалот, лагите и интригите некои лица ги носат во својот ген, поради што многу лесно им се предаваат на искушенијата и ги преповторуваат матриците на однесување. Какви биле кон едниот партнер, такви стануваат и кон другиот и се така во недоглед, се додека еден ден не се сретнат со сериозните болести на духот и со менталните растројства, кои произлегуваат од внатрешниот немир и од соочувањето со сопствената совест, дека им предизвикале неправди на лица кои тоа не го заслужиле.

Иако Карл Густав Јунг има кажано: “Не можете да научите да ширите позитивна енергија, бидејќи не може од човек да излезе тоа што го нема#, сепак секој има шанса да се промени, да го направи изборот и да тргне кон позитивните патеки на животот, во кои моралот, искреноста и љубовта ќе го заземат местото на неморалот, лагите и омразата.

Изборот на позитивното треба да се направи како заради исцелувањето на сопствената душа, така и поради доброто на блиските.

Негативните поединци ако не сакаат душевно да се растројат и духовно да се распаднат, неопходно е да станат свесни за својот дел од одговорноста, да се соочат со сопствените неморални постапки и да побараат прошка за сето лошо што си го прават на самите себе и на другите.

Позитивните поединци, пак, секогаш треба да имаат на ум дека во животот не болат толку ударите на судбината колку неморалот, нечесноста и неверствата на лицето со кое долги години биле заедно, сметајќи дека е олицетворение на чесност, одговорност и посветеност. Кога ќе се распадне илузијата, настапува стварноста, а таа секогаш на површина ги вади тајните и скриени постапки на другиот. Тоа што таквата единка го прави или носи со себе, често не кореспондира со сликата која ја експонира пред јавноста, каде што лажната насмевка и желбата за виденост ја покриваат површноста и ништожноста на душата. Затоа, секогаш треба да бидеме подготвени за изненадувања и сознанија дека некој/а копнеејќи да биде нешто, се претворил/а во едно големо ништо.

За да ги избегнеме ситуациите на болка, гнев и разочараност, неопходно е да размислуваме за состојбата на својата душа, навреме да промислиме со кого си фаќаме работа и добро да го преиспитаме поведението на другиот, имајќи на ум дека односите во минатото, се значаен показател за постапките во иднината. Народната мудрост, тоа го искажа со зборовите: “Волкот го менува влакното, но не и карактерот”.
(авторот е доктор по филозофски науки, едукатор, мотиватор и тренер за личен развој)