ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Игнорирање на негативното

1054

Живееме во време полно со борби, неизвесности и тешкотии. Колку и да се обидуваме да го хармонизираме своето постоење секогаш ќе има лица и околности кои може да ни создадат криза и напнатост. Таквите ситуации не е лесно да се избегнат, така што е потребна голема мудрост за да се заштитиме од индивидуите кои неосновано критикуваат, напаѓаат и шират деструктивна енергија. Следењето на својот животен пат, насочувањето кон позитивното и игнорирањето на негативното се основни начела за сочувување на својата енергија. Менталното напрегање и влегување во расправии е контрапродуктивно и поразително за психофизичката состојба на личноста.

Мудро ќе постапиме доколку ги имаме на ум максимите на позитивната психологија: Размислувај позитивно; вложувај во себеси; дистанцирај се од лошото; сочувај ја својата енергија; биди креативен и активен во остварувањето на целите; имај свој став и нè зависи од судот на другите.

Секогаш ќе има поединци на кои нема да им се допаднеме и кои опсесивно ќе бараат причина  да нè нападнат или омаловажат. Емоционалното преоптоварување со туѓите лоши намери нема да ни донесе ништо добро, а најмалку внатрешен мир и хармонија.

Во Библијата е предочено „да не фрламе бисери пред свињи“, а во фолклорните умотворби е запишано дека „игнорирањето е мајка на мудроста“ – поуки кои укажуваат дека „не е сè за секого“. Тоа подразбира дека е исклучително тешко да им се докажуваме на единките кои поради своите лични фрустрации се определиле во сè да го бараат црното и неубавото. Многумина не сакаат да го разберат укажувањето од спасителот Исус Христос пренесено во Евангелие според Лука: „Лицемерие, извадија најнапред гредата од своето око за да можеш да ја видиш раската во туѓото“. Склоноста на луѓето да ги клеветат, напаѓаат и да им завидуваат на подобрите, поуспешните и поумните од себеси е навика која опстојува од памтивека.

Животот е полн со ограничувања и искушенија, затоа е битно каков однос градиме кон самите себе и во колкава мера дозволуваме надворешната средина да влијае врз душевната хармонија на личноста. Кога нашите мисли се проникнати од песимизам, страв и безнадежност, тогаш илузорно е да се надеваме дека ќе постигнеме значаен успех во животот. Во маката треба да бидеме трпеливи, но и позитивно настојчиви кон барањето решение за надминување на тешкотиите.

Константното подлегнување пред импулсот на негативната енергија предизвикува блокада на менталните капацитети, внатрешна тензија и дисхармонизација на потенцијалите за напредување.

Акумулираниот гнев е моќна опасност и колку повеќе му се предаваме, толку помалку ќе имаме сила за излез од кризата.

Најголеми пречки за доаѓање до успех, среќа и хармонија се стравот, сомнежот и загриженоста. Решението ќе го пронајдеме ако инвестираме во личниот развој, ја зајакнеме самодовербата и сфатиме дека сè има свој почеток и свој крај. Некои нешта колку ѝ да се проблематични еден ден нужно ќе завршат. Оптимизмот, вербата во Бог и позитивниот пристап се лек за црнилата што тежнеат да ја заробат, уплашат и загрозат нашата душа. Кога сме на страната на доброто и со својот личен пример придонесуваме за ширење на импулсот на светлината, тогаш не треба да стравуваме за последиците од своето дејствување. Подлеци и злонамерници имало и ќе има – колку и да се силни застапници на незнаењето и темнината, нивните настојувања нужно ќе пропаднат во бездната на ништожноста.

Лошите искуства и опасните животни ситуации се шанса духовно да се разбудиме и да станеме подобри луѓе кои ќе придонесат за блиските, за сочувување на здравјето и еко-средината и пред сè за мирот во душата. Доколку продолжиме да ги игнорираме духовните вредности и дозволиме омразата, гневот и негативноста да се вселат во нашето битие, тогаш самите ќе бидеме виновници за доминацијата на темнината и за постепеното згаснување на позитивните перспективи на животот.

Треба да најдеме начин да се ослободиме од негативностите што владеат во непосредното опкружување. Самосвеста и самодовербата се клучот за дистанцирање од негативни влијанија. Секој од нас треба да ја има на ум поуката: „Не барај проблеми таму каде што ги нема“. Понекогаш и самите придонесуваме за актуализирање на стравот, вознемиреноста и грижите. Со својата несигурност и емоционална напнатост ги блокираме можностите за напредување, создавајќи предуслови за неуспех, криза и стагнација.

Ние сме тие кои треба да ја преземеме контролата врз сопствениот живот. Не треба да чекаме маката да не натера да тргнеме кон позитивната патека. Ќе ни треба двојно повеќе сила за излез од проблемите доколку дозволиме чувството на празнина и депресија да се вселат во нашата душа.

Потребна е трпеливост, посветеност и храброст за да го обликуваме животот каков што заслужуваме да го имаме. Кога ќе почнеме да стравуваме од неуспех и да размислуваме песимистички, неопходно е да ја промениме таквата слика и да почнеме да размислуваме за резултати какви што сакаме да постигнеме.

Постојат тешки животни ситуации кои едноставно нема да можеме да ги заобиколиме, но повеќето може да ги избегнеме или да ги неутрализираме. Врз некои од нив не можел да влијае Ник Вујачиќ, кому судбината му одредила да се роди без екстремитети на телото. Без оглед на таквата страшна животна околност, тој успеал да ја пронајде смислата истакнувајќи се како мотивациски говорник кој буди надеж и влева оптимизам насекаде низ светот. Притоа, создал прекрасно семејство и напишал книжевни дела достојни за почит. На луѓето кои се соочуваат со проблеми и тешкотии, Ник Вујачиќ им порачал да ја преземат одговорноста за сопствениот живот и никогаш да не се откажуваат: „Кога ќе ве обземат негативните мисли и мрачните расположенија, запомнете дека имате избор. Ако ви е потребна помош, побарајте ја. Не сте сами. Помислете дека ве очекуваат подобри денови и преземете нешто за да ги остварите“.

Значи, сè е остварливо за поединецот со силен дух кој верува, вложува и дејствува во насока на позитивните можности. Духовните текстови асоцираат дека „секој треба да го носи својот крст“ и да издржи кога е најтешко. Страдањата се составен дел од животот, но не и трајна околност која ја исклучува радоста, смислата и вредноста на постоењето.

Пристапот кон проблемите зависи од нивото на самосвеста, себеразбирањето, приспособливоста и способноста за опстојување во ова време исполнето со многу ограничувања, борби и тешкотии. Мудрите луѓе запишале: „Како се поставуваш кон самиот себе таква ќе ти биде и судбината“. Лошиот однос, малодушноста, неодговорноста, површноста, негативизмот и неморалот нè овозможуваат добра, хармонична и благородна судбина.

Кога нашето постоење е креирано со цел, смисла и вредност, тогаш создаваме цврста основа за разрешување на проблемите и за духовно напредување.

Секој човек е должен да пробуди силни мотивирачки импулси кои ќе му помогнат да се ослободи од себеизмачувањето, обеспокојувањето и умислувањето разни опасности. Спокојното живеење втемелено врз морал, радост, одговорност и вредност е суштината на постоењето опфатено со цел и смисла. Наш избор треба да бидат светлината на духот и смиреноста на душата.

Преокупирањето со лошите животни искуства и опсесивната потреба за докажување пред другите, може само да ни создаде непотребни грижи и емоционални болки. Фокусирањето кон тоа што сме е многу подобра опција, отколку да се оптоваруваме со тоа што било и да очекуваме јавноста да ги препознае, засака и прифати нашите вредности.

Заклучокот е да ги препознаеме сопствените вредности, да ја следиме својата животна мисија и да вложуваме во единственото нешто без кое не можеме среќно да живееме – мир со самите себеси.

 (авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)