ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Зла природа

400

Постојат одредени научни истражувања кои укажуваат дека некои луѓе во себе носат вроденост на злото, така што поради генетскиот детерминизам се ориентираат кон негативноста. Асоцијацијата е дека многумина како да се оперирани од сочувството, алтруизмот, хуманоста и од определбата да создаваат хармонични и позитивни односи со другите.

Одредени германски и норвешки научници истакнуваат дека кај многу луѓе постои мошне силно изразен ген на моралот, затоа тие имаат моќен капацитет за иницирање на доброто. Со испитување на мозокот, научниците откриле дека кај некои други поединци доминира воинствениот ген, кој ги прави агресивни, темпераментни и насилни. Научните истражувања ги извршиле и врз голем број криминалци и сериски убијци и откриле дека им недостига хормонот на среќата – серотонин.

Тоа значи дека некои лица, можеби среќата и исполнетоста ја постигнуваат кога ги уништуваат, напаѓаат и деградираат другите, што може да се види и од денешен аспект. За жал, постојат лица кои вршат терористички напади или крволочно и садистички  сечат глави на несреќници, кои не претставуваат никаква закана за нивните воени цели.

Наспроти религиозното сфаќање за пренесување на наследниот грев, во поново време се наметна теоријата за пренесување на наследниот материјал. Таа асоцира дека одредени поединци се генетски предиспонирани за експонирање на злото. Оваа теорија укажува дека злото, иако е вродено, сепак многу ретко може на најбрутален начин да биде манифестирано, бидејќи за да се случи тоа, треба да се исполнат и други предиспозиции.

За тие нешта се зборува во третата категорија, која асоцира дека за манифестација на злото, неретко е виновна и социјалната средина или влијанието на околината.

Однесувањето на човекот е поразлично во периодот на мир и доброто социјално живеење, за разлика од периодот кога има војна, борба за опстанок и деградација на условите за живеење. Тоа во психологијата се асоцира преку енвироменталистичката теорија која тврди дека влијанието на социјалната средина го детерминира однесувањето на човекот. Причинителите за злото и негативните ориентации, може да ги бараме и во околностите на детството и младоста, каде поединецот можеби се соочувал со насилства и конфликти, со живот во растурено семејство во кое родителите не асоцирале на морал и духовни вредности.

Детето или младиот човек го впива тоа што го гледа, а што ако во себе има и генетска предиспозиција за злото и негативноста, кои постепено се зголемуваат со насобирање на разни фрустрации и емоционални трауми.

Сето тоа е научно преиспитано кај дел од масовните убијци и злосторници. Од една страна, тие имале вродена предиспозиција за ширење на злото, но од друга страна, живееле во лоша социјална средина и не ја добиле мотивацијата за практикување на љубовта и позитивноста, напротив биле нападнати, малтретирани и понижувани од другите. Потоа некои од нив, можеби ја повредиле главата и дополнително го оштетиле делот од мозокот задолжен за практикување на алтруизмот и позитивизмот, со што станале максимално предиспонирани кон манифестирање на злото и негативизмот. На крајот, им се отвориле предусловите за ширење на злото и тие станале тоа што станале – срам за себе (доколку имаат трошка грижа на совест) и срам за човештвото.

Четвртата теорија е дека човекот, сепак ја има слободата на изборот. Многу луѓе доаѓаат во ситуација да го иницираат негативното, како на пример: крадење пари, уништување на колективните добра и работната организација, агресивно однесување кон другите, неизвршување на својата професионална должност итн. Тие имајќи ја слободата на волјата, се определуваат во одредена ситуација да се приклонат кон злото, иако во суштина не се зли и негативни личности. Тоа укажува дека им недостига духовност, одговорност и позитивно експонирање на слободата на волјата. И тука, ќе се оттргнеме од сите претходно наведени категории и ќе заклучиме дека човекот е лично одговорен за сè што прави во животот, за злото, но и за доброто.

Според евангелието од Матеј: „Кога страстите ќе ја зафатат душата и ќе почнат да ја владеат, тие како оган што паѓа на суви дрва, многу често ги разгоруваат и го предизвикуваат злото и негативноста“.

Потребна ни е висока свесност и разумност за да успееме да го избегнеме злото и да не потпаднеме под ниските страсти. Живееме во неразумен свет, каде многу нешта ни се натурени преку медиумите. Можеби немаме директно соочување со злото, каде лично сме атакувани, но индиректно сме заплиснати со разноразни информации, во кои доминираат неубави вести: сообраќајни несреќи, економски рецесии, воени судири, мигрантски кризи, губење на работни места, несигурност на материјален план, опасност од болести, социјални тешкотии, лоши односи помеѓу партнери…

Сето тоа ги прави луѓето малодушни и стегнати или, пак, затворени во сопствените мисловни ќелии и процеси, кои не им дозволуваат да ја погледнат пошироката слика. Што треба да направат за да ги отворат очите и да се нурнат во сè што претставува хармоничен мозаик на нештата?

Човекот треба да тргне кон себеспознанието, кон сопствените капацитети и кон законот на афирмација.

Ако одиме реалистички навистина има причина од сè и сешто да стравуваме: не знаеме колку е загаден воздухот за без страв да го дишеме; не знаеме колку е безбедна храната што ја консумираме; не ги знаеме последиците од вакцината против коронавирусот; дали постои искреност, верност и посветеност во меѓучовечките односи; колкава е сигурноста на работните места и ред други аномалии кои се насекаде околу нас. На крајот на краиштата, може да бидеме опкружени и со многу несреќни луѓе, со лица кои шират енергетски вампиризам и со сите што се незадоволни од себе и од животот. Тоа може да нè доведе во ситуација емоционално да се стегнеме, блокираме, со цел да се заштитиме од надворешните упади во нашата енергетска и психофизичка подлога. Сепак, решението не треба да го бараме во бегството и во целосното повлекување, туку мора да најдеме начин да се отвориме и сплотиме со лицата кои позитивно зрачат и не влијаат негативистички кон нашата личност.

Затоа, мора да тргнеме кон позитивитетот, но прво со асоцијација дека навистина постои дуалитет: дека сите луѓе не се лоши, но воедно сите луѓе не си ни добри. Многу луѓе се на работ, така што некои се исклучиво насочени кон злото и тие ја чекаат можноста кога тоа зло да го експонираат. Да не одиме предалеку, на сите им е познато што се случуваше за време на војните во поранешна Југославија, какви се силувања, насилства и деградации беа извршени и какви се ориентации кон злото беа покажани.

Дали луѓето кои ги правеле тие монструозни злосторства, и претходно го носеле злото во себе? Дали се иселектирале и групирале, па станале носители на насилствата и уништувањата, искористувајќи ја шансата да крадат, силуваат, убиваат итн.? Или пак, навистина социјалните околности, средината во која се затекнале им го продуцирала и поттикнала потиснатото зло?

Наведените примери ја покажуваат радикалната форма на ориентација кон злото, како што и денеска може да ја видиме преку разните терористички напади, предизвикување војни поради превласт, моќ и финансиски интереси итн. Дури и во една напредна и богата држава каква што е Норвешка, постојат налудничави убијци, кои поради инфантилни политички цели, стрелаат и убиваат невини млади луѓе. Познат е случајот со Андрес Брејвик, кој пред судот изјави дека воопшто не се кае што уби 77 млади Норвежани.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)

(продолжува)