ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Здраво општество?

676

Градење здраво општество, кое ќе биде еднакво за сите, претставува приоритет за поединците кои разумно промислуваат, хумано постапуваат и придонесуваат за вредностите на квалитетното живеење. Философската концепција на утилатеризмот тоа го објасни со максимата: најголемо количество среќа за што поголем број луѓе. Ова етичко учење покрај аспектот за постигнување лична среќа се застапува и за постигнувањето на општа состојба на среќа и корист, како услови за сопствена среќа и задоволство.

Секој сака да живее во здраво, напредно и праведно општество во кое социјалната еднаквост, моралот, одговорноста и безбедноста ќе бидат објективно дофатливи категории и дел од личниот просперитет и егзистенцијална сигурност. Тоа е возможно во здрави општества кои се базираат на еднакви и пристојни можности за живеење за сите. Социјалната инклузија буди чувство дека секој граѓанин е рамноправен дел од заедницата, со заеднички идентитет и споделени вредности. Од друга страна, социјалната нееднаквост длабоко го поткопува темелот врз кој почиваат перспективните основи на инклузивното општество.

Сè повеќе сме сведоци на присуство на расни, полови и класни предрасуди, на моќни влијанија и наметнувања на привилегирани поединци и групи, загрижувачка нерамномерна распределба на богатството и други состојби на нееднаквоста.

Општата експлоатација, деградација и дехуманизација се на сцена, наметнувајќи го лозунгот дека профитот е сè, а хуманите и духовни вредности не вредат ништо.

Егоизмот, алчноста, дехуманизацијата и депремираноста се шират со огромна брзина заканувајќи се сè да однесат кон бездната. Човекот е претворен во предмет и управуван како предмет. Сè поактуелна е илузијата дека мнозинството од луѓето ќе можат да се ослободат од сиромаштијата, незнаењето, неправдата и од политичката и економска подјарменост и дека ќе успеат да изградат општество на хармонија, мир, правда и единство помеѓу човек и човек и помеѓу човекот и природата. Општата експлоатација, деградација и дехуманизација се на сцена, наметнувајќи го лозунгот дека профитот е сè, а хуманите и духовни вредности не вредат ништо.

Економскиот систем материјално го збогати човекот, но го осиромаши него на човечки план. Како последица на тоа, современиот човек чувствува несигурност и осаменост, потиштен е и страда од недостаток на исполнетост среде предметното и технолошко изобилие.

Наместо да се свртат кон себе и да почнат да инвестираат во личниот развој, многумина им се препуштаат на ниските страсти и стануваат опсесивни „потрошувачи“ за кои најклучно е телесното и материјалното. Отсуството на срам и изопачувањето на моралот создадоа армија фрустрирани луѓе кои со консумацијата на блудот и лажните вредности, всушност ја компензираат својата внатрешна празнотија, пасивноста, малодушноста, осаменоста и тегобноста. Таквиот човек живее во илузија дека е среќен, додека несвесно страда од здодевност, несигурност и емоционална отуѓеност.

Сè е претворено во обид да се придобие, искористи, изманипулира и излаже, без притоа да се има грижа на совест и чувство на вина за сите аномалии и деградирачки постапки насочени кон другиот човек, природата или општеството.

Затоа не треба да се изненадиме што духовната сиромаштија сè повеќе зема замав, создавајќи предуслови извртените вредности, ниската свест, шундот, простотилакот, декаденцијата и заглупувањето да станат прифатлив стил на живеење. Тоа предизвика разни несозреани ликови да ги креираат нештата или да бидат следени, славени и третирани како исклучително значајни личности. Проблемот е што има малку критичка мисла и малку вистински чувства за препознавање на вистинската вредност, па затоа многумина доброволно го прифатија робовскиот менталитет, препуштајќи им се на конформизмот и на потребата да бидат водени и креирани од „избраниот“.

Размислите на филозофот Ерих Фром мошне прецизно ги отсликуваат нештата: „Ние зборуваме за слобода и демократија, а голем број од луѓето сè уште се плашат од одговорноста што ја носи слободата и го претпочитаат ропството на добронахранетиот робот; тие не веруваат во демократијата и среќни се што донесувањето на одлуки им го препуштаат на политичките експерти“.

За да се надминат ограничувачките општествени состојби, неопходно е раководните структури конечно да покажат интерес за општото добро и да престанат да ги експонираат своите тесни интереси и исклучиво да придонесуваат за привилегираните поединци и групации. Клучни аспекти за воспоставување здраво општество се: достапност до квалитетно образование и здравство, правично законодавство, чиста еколошка средина и здрави природни ресурси, слобода на говор и изразување. Сите овие нешта се само дел од целите кои здравото општество ги поставува на својата патека за создавање подобар живот на сите нас.

Со елиминирање на досегашната практика малцинство „избрани“ и привилегирани индивидуи и групации да ја определуваат судбината на мнозинството, ќе се овозможи единките во многу поголема мера да одлучуваат за својата судбина и да бидат градители на општеството на кое му припаѓаат.

Потенцирањето на индивидуалните вредности и придонесот за колективниот напредок се клучот на успехот кој ги отвора вратите на личната среќа и општествената благосостојба. Секој врз основа на сопствените квалитети, иницијативи, определби и добродетели може да придонесе за напредокот на заедницата и за устоличување на вредностите како обележје на едно напредно, праведно и хумано општествено живеење. Со елиминирање на досегашната практика малцинство „избрани“ и привилегирани индивидуи и групации да ја определуваат судбината на мнозинството, ќе се овозможи единките во многу поголема мера да одлучуваат за својата судбина и да бидат градители на општеството на кое му припаѓаат.

Напредокот на заедницата и личниот развој на поединецот не се можни ако темелите на општеството и човековата сигурност се нестабилни. Според професорот Кирил Темков: „Човековата сигурност се однесува на повеќе видови сигурност, кои меѓусебно корелираат, како што се: економската сигурност, здравствената сигурност, сигурноста во обезбедувањето храна, личната сигурност, сигурноста на животната средина, политичката и безбедносната сигурност и други“. Сите овие нешта се меѓусебно поврзани и во зависна врска од стапката на општествената сигурност. Во основата на здравото општество е да се создаде егзистенцијална сигурност која ќе овозможи членовите на заедницата да ги задоволат своите основни потреби и желби, како во сегашноста така и во иднината.

Секој разумен, зрел и самостоен човек е одговорен за својот живот, но со сопствените одлуки, постапки и избори станува одговорен и за економските, социјалните и политички процеси во општеството во кое живее.

Големиот реформист и социјален утопист Роберт Овен сметал дека „интерес на секој човек на Земјата е да има еднакви услови и секој човек да биде ангажиран со работата која ќе придонесува за напредокот на сите“.

Тенденцијата на здравото општество не е да создава луѓе кои ќе бидат повлечени во себе, свртени кон себе и заинтересирани само за себе. Целта на овој процес е општата среќа, која се гради од реалната среќа на единките.

Тоа е едно ново единство на индивидуалното и колективното – кое се воспоставува како доминација на принципот на индивидуалното, но проследено со ангажман за колективното. За овие етички постулати филозофот Џон Стујард Мил има напишано: „Вистински лични стремежи, како и искрено интересирање за општото добро, се можни кај секое правилно одгледано човечко суштество… Заедницата меѓу еднаквите може да постои само врз основа на спогодбата – интересите на сите да мораат подеднакво да се почитуваат“.

Најголемиот број од проблемите со кои се соочува човештвото можат да се намалат ако чувството за општо добро и човековите околности постојано се подобруваат. Сиромаштијата, загадувањето на еко-средината, економската експлоатација, социјалната несигурност, нееднаквоста пред законот, јазот помеѓу малцинството екстремно богати и мнозинство исклучително сиромашни граѓани можат да се сведат на минимум со мудроста на општеството здружено со здравиот разум,верноста на должноста и повисокиот степен на одговорност на единките и институциите. Со својата грижа и труд луѓето можат да ги намалат сите големи извори на човечките страдања доколку престанат алчно, егоистично и безумно да постапуваат и да создаваат несовршени институции или лоши општествени практики.

Како заклучок ќе ги наведеме зборовите на аргетинскиот писател Хозе Хернандез: „Кога еден човек создава хармонична заедница со другите, неминовно станува похрабар, посреќен и посилен“.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)