ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Заштита од лошо

688
Во современото брзо темпо на живеење, неопходно е да си ја сочуваме енергијата, да не се полниме со емоционален отров и да не се трошиме на лица и ситуации, кои негативно влијаат врз нашата личност. Поентата е да се дистанцираме, но воедно и да направиме анализа: дали поседуваме одбранбени механизми за заштита од злото и негативните вибрации?

За да имаме среќен и хармоничен живот, неопходно е да ги препознаеме ограничувањата и да се дистанцираме од негативните ситуации во непосредното опкружување. Клучно е да бегаме од негативците, од критичарите и завидливците, зашто од контактот со нив, не може ништо добро да произлезе. Таквите личности се оперирани од морал, од духовност и од вредност. Водени од егоизмот, тие не сакаат да ги видат позитивните страни на нашата личност и да нè поткрепат со хармонична енергија, туку тежнеат да ни најдат слабости и да нè обезвреднат.

Во современото брзо темпо на живеење, неопходно е да си ја сочуваме енергијата, да не се полниме со емоционален отров и да не се трошиме на лица и ситуации, кои негативно влијаат врз нашата личност. Поентата е да се дистанцираме, но воедно и да направиме анализа: дали поседуваме одбранбени механизми за заштита од злото и негативните вибрации? Одговорот на ова прашање ќе ни помогне во преден план да ги поставиме високата свест, аналитичноста, одговорноста и способноста за дистанцирање од злото, опасноста и негативноста. Ако во една од претходните колумни зборувавме дека постојат лица кои се исклучиво ориентирани кон потребата да ги критикуваат и негираат другите, сега ќе го актуализираме прашањето: Дали и колку сме ние способни да ги препознаеме злото, ризиците и негативните вибрации. Дали причината се крие во нашата ментална отвореност и наивност да поверуваме во сè што другите ќе ни сервираат? Можеби сметаме дека тие се слични на нас, со позитивен дух и добронамерност, така што им веруваме и ги прифаќаме нивните сугестии, без притоа да го вклучиме рациото и да направиме анализа со кого си имаме работа?

За да ја воспоставиме хармонијата, клучно е да ја препознаеме манифестацијата на негативната вибрации и да научиме како да се заштитиме. Првата појдовна точка е да го согледаме туѓото „не“, а да го фаворизираме и воспоставиме нашето „да“! Поединецот што пристапува со „не“, можеби има скриени намери или одредена цел да нé оддалечи од патот. Значи, треба да преиспитаме – зошто тој така се однесува; дали во неговото срце има место за сочувство и сомилост; и колку се води според благородната животна мисија.

Уверувањето дека ќе се извлечеме од кризата и на крајот сé ќе биде добро е клучно за подобрување на состојбата и за остварување на високите цели во животот.

Наша цел е да се определиме за законот на афирмација, да бидеме стимулативни и да пристапиме со уверување дека ќе успееме, дека можеме и дека ќе го оствариме тоа што сме го наумиле. Затоа, на секое неоправдано „не“, клучно е да одиме со „да“. На туѓото: не можеш; нема да успееш; ќе пропаднеш, ќе заболиш, ќе настрадаш; ние да одиме со мислата: ќе успеам; ќе постигнам; ќе се воздигнам, ќе оздравам, ќе победам!

Лицата кои ни стојат на патот, многу лесно можат да нè оддалечат од нашата животна цел и мисија, посебно ако поверуваме во нивните зборови: дека нема да успееме во намерите, дека ќе добиеме удари од судбината и дека можеби ќе бидеме исмеани од јавноста. Метафорички гледано, тоа е како да сме тргнале кон врвот на планината, но на половина пат нè пресретнале некои лица, кои со својот критички став нè поколебале и откажале од намерата да стигнеме на врвот. И на крај, осознаваме дека сме погрешиле зашто другите сме ги послушале и сме поверувале дека нема ништо да постигнеме.

Дистанцирањето не значи дека воопшто не треба да ги преиспитуваме туѓите постапки, напротив ние сме должни да ги анализираме и протолкуваме вибрациите на другите и да се поставиме соодветно на околностите во кои се наоѓаме. Но, секое потпаѓање на масовна хистерија и колективен страв произлезени од убедувањето дека ќе следи најлошото може само да ги зголеми фрустрацијата, несигурноста и психофизичката оптовареност.

Наспроти тоа, многу подобро е самите себеси да се стимулираме, поттикнеме и афирмираме со мислата: ќе успеам, ќе се искачам, ќе се извлечам и ќе најдам решение за секој потенцијален проблем на кој ќе наидам по патот.

Тоа е афирмативен пристап и концепт што ќе ни помогне да се оттргнеме од песимистичкото размислување и од негативните влијанија на околината. Дистанцирањето не значи дека воопшто не треба да ги преиспитуваме туѓите постапки, напротив ние сме должни да ги анализираме и протолкуваме вибрациите на другите и да се поставиме соодветно на околностите во кои се наоѓаме. Но, секое потпаѓање на масовна хистерија и колективен страв произлезени од убедувањето дека ќе следи најлошото може само да ги зголеми фрустрацијата, несигурноста и психофизичката оптовареност.

Рационалниот пристап е клучен и за младите! Можеме да замислиме колку е опасно, доколку запознаат и се спријателат со личности кои би можеле да ги одведат кон алкохолизмот, наркоманијата, ниските страсти, разните болести итн. Затоа, неопходно е да се препознае потенцијалното зло и да се преиспита со какви индивидуи си имаме работа. Во тој контекст, едно од начелата на родителите е да анализираат со кого нивните деца другаруваат, каде се движат, какви контакти остваруваат и што се случува во нивните животи. Тоа подразбира дека во никој случај не треба да се игнорираат негативните асоцијации, напротив мора да постои дијагностицирање и преиспитување од каде, од кого и од што може да произлезат злото, опасноста и негативноста.

Најголемата мудрост се состои во препознавање на лошото, зашто со согледување, дијагностицирање и оттргнување од злото, нужно ќе се воспостави доброто.

Со оттргнување од темнината и со извлекување од амбисот на неизвесната егзистенција или од животно загрозувачката ситуација, ние постепено ќе тргнеме кон вистинскиот пат и кога-тогаш ќе наидеме на светлината. Со пад во ментална темнина, психофизичка бездна или животен лавиринт, како ние ќе излеземе на чистината? Прво ќе мора да се избориме со поголемиот дел од  наталожените проблеми и ограничувања, а дури потоа да размислуваме за чистината, светлината и убавината на постоењето. На пример, кај некој ограничувањата се појавиле преку здравствен проблем, кај друг преку негативните емоционални односи, кај трет поради финансиски или работни тешкотии, кај четврт поради загбата или страдањата низ кои поминуваат неговите најблиски итн.

Да замислиме дека се манифестирале венерични или инфективни болести! Наместо соодветно да се заштити и да преиспита со кого си има работа, поединецот непромислено влетал во однос и си создал сериозни здравствени проблеми. Некој друг, во полето на работата и бизнисот пристапува со транспарентност и доверба, без да знае дека деловниот партнер има скриени побуди и тенденција да изманипулира и да профитира на туѓа сметка. Истото може да го снајде и лицето, кое станало жирант на индивидуата која ниту сака, ниту е во можност да ги подмири своите долгови. И во љубовните односи треба да се биде внимателен, зашто можеби некој приоѓа исклучиво заради телесните задоволства, наспроти партнерот кој/а се надева на чиста и искрена љубов.

Без оглед што не треба да се биде параноичен и во сè да се гледа опасност, сепак неопходно е да го вклучиме умот и да преиспитаме со какви личности си имаме работа, односно да размислиме дали се изложуваме на ризици кои би можеле скапо да го чинат нашето здравје, внатрешниот мир и емоционалната стабилност. Примерите што ги наведовме не се фикција, туку реална закана, зашто со опаѓањето на моралот и емпатијата и со неследењето на духовните вредности, човештвото сè повеќе инклинира кон таквите девијации.

Впрочем, сето тоа може да се случи, доколку не ги анализираме потенцијалните негативистички вибрации и тенденции на лицата со кои стапуваме во контакт. Идеалистичката ориентација и убедувањето дека „јас сум заштитен од лошо“ може да ни направи големи проблеми, бидејќи нé наведува да поверуваме дека и другите во себе носат морал, духовност, одговорност и чувство за општо добро, како што и ние носиме во себе. Сфаќањето дека сите луѓе не се исти е најдобриот лек за можните разочарувања произлезени од потребата „да веруваме, без да се преиспитаме“.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)