ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Завидливост

1029
Завидливоста може да биде присутна и во роднинските, пријателските, па дури и во партнерските и колегијални односи.

Многу од луѓето биле во ситуација да посакуваат нешто што е туѓо – повисок општествен статус, привлечен изглед, материјално богатство, но и туѓ маж или жена.Завидливоста најчесто се јавува кога на едниот му недостигаат квалитети, способности или достигнувањата што ги поседува и постигнува другиот.

Зависта е еден од најактуелните проблеми на денешницата. Многумина завидуваат, бидејќи сметаат дека некој има повеќе пари, дека е поубав или попривилегиран на работното место, а тој/таа мора за сè двојно повеќе да се труди.

Завидливоста може да биде присутна и во роднинските, пријателските, па дури и во партнерските и колегијални односи. Не е добро да се биде завидлив на туѓиот успех, на тоа што некој го постигнува или поседува. Можеби тој има добра карма и убава поставеност на ѕвездите, можеби ги искористил предиспозициите или моментно му е дадена повисока шанса за напредување. Но, многу нешта се минливи, така што и среќните околности се менливи и минливи.

Буда кажал дека луѓето се преопседнати со надворешното и туѓото. На жената која сметала дека нејзиниот живот е најтрагичен, полн со неуспеси и тешкотии, тој ѝ препорачал да чукне на туѓите порти и да ги праша домашните дали во нивниот дом некогаш имало тага, страдање, губитоци и неуспеси. Жената тропнала на портите и секаде каде што ја примиле ѝ кажале дека поминуваат низ големи искушенија и дека постоеле многу болки и страдања во нивните животи. Тогаш таа сфатила, дека секој човек си носи своја тежина и си има „своја планина”, што подразбира дека секој поминува низ маки, искушенија и страдања.

Поентата е дека не постои совршенство и оти е невозможно во сè да ни биде идеално.

Најглавната концентрација е да се стремиме кон тоа што сме и што можеме да бидеме, а не кон тоа што се другите или што поседуваат. Не треба со нив да се мериме, ниту да им завидуваме, зашто тоа е сигурен пат кон незадоволство и немир во животот.

Завидливецот ликува на туѓата несреќа, наместо да се концентрира на сопствениот напредок. Се чувствува горд, успешен и способен да се справува со ограничувањата, наспроти другиот кој паднал под ударот на судбината.

Погрешно е да им завидуваме на другите, а да се потценуваме самите себе, без да знаеме што се крие во туѓите мисли и емоции; за состојбата на совеста и колкава морална тежина носат во себе; како поминале во детството; дали се среќни во љубовта и напредуваат во работата. Проблемот е што ги мериме и согледуваме нештата од надворешен аспект, без притоа да навлеземе во внатрешната, интимна димензија на духот. Претеруваме кога себеси се доживуваме за мали, слаби и неуспешни, а другите за големи, моќни и успешни. Неретко нештата најмалку се такви какви што изгледаат.

Една од главните животни лекции е да знаеме со кого комуницираме и споделуваме емоции, односно да внимаваме на завидливите и љубоморни поединци. Некои од нив ликуваат и како да им се подига енергијата, откога ќе дознаат дека нам не ни оди добро во животот. Тоа се нарекува злорадост.

Завидливецот ликува на туѓата несреќа, наместо да се концентрира на сопствениот напредок. Се чувствува горд, успешен и способен да се справува со ограничувањата, наспроти другиот кој паднал под ударот на судбината.

Според Гете, „омразата е активно незадоволство, а зависта и љубомората пасивно, затоа не треба да се чудиме што зависта и љубомората знаат да прејдат и во омраза”.

Дали постои лек за зависта и љубомората и како да се справиме со љубоморните ситуации?

Најважно е да се себепреиспитуваме, да не подлегнуваме на афектот, да не создаваме нереални ментални конструкции и некритички да ги прифаќаме туѓите сугестии, бидејќи многу често љубоморните изблици се поттикнати и продуцирани од надворешната средина. Освен што и самите ги поттикнуваме, тие може да бидат поттикнати и од страна на родителите, блиските или пријателите. Затоа, треба да бидеме аналитични, да не прифаќаме сè што ни сервираат другите, но не и да ги отфрламе корисните сугестии. Најважно е да не се полниме со емоционален отров, психофизички да се изместуваме и да бидеме водени од деструктивната енергија. Животот воопшто не е лесен, бидејќи постојат разни искушенија и ситуации кои ментално нè трошат и притискаат. Ако самите на себе неоправдано си создадеме немир, стрес и притисок, тогаш односите со другите може да станат пеколно опасни и болни.

Во љубовта најубаво се чувствува поединецот кој нема од што да стравува и кој не е поттикнат да размислува негативно и љубоморно.

Тоа сè постигнува со целосно прифаќање на партнерот и со доверба во неговите вредности. Доколку се случи да нема доверба, тогаш во односот неизбежно ќе доминираат сомнежот, стравот и дисхармонијата. Излезот може да се пронајде, ако работиме на сопствените вредности и на себехармонизирањето и наместо да зависиме од туѓото однесување, да се потпреме на самите себе. Во тој контекст, клучно е да ги контролираме сопствените емоции и да не дозволиме импулсивното и нерационално однесување да ни создадат голема несигурност. Впрочем, и најсилната љубов и емоционална приврзаност може да биде причина за манифестација на љубомората. Опсесивната потреба да се одржи висок интензитет на љубовна страст и посветеност, може да предизвика страв и несигурност, доколку само за миг опадне нивото на сродност и приврзаност.

Од друга страна, некои личности се болно љубоморни зашто имаат длабока несигурност во себе и страв од напуштање, кои веројатно произлегуваат од комплексот на пониска вредност или од трауматичните искуства во животот. Скоро секој човек почувствувал љубомора, некој порано, друг подоцна, најлошо е ако не ја надминал таа фаза, туку продолжил и понатаму љубоморно да дејствува. Таквиот поединец, и кога нема основа, ќе пронајде причини за манифестација на болната љубомора или сомничавоста. Некои од нив дури бираат партнери кои со своето поведение даваат повод за сомнеж и недоверба. Овие нешта зборуваат за специфична, патолошка матрица на однесување, која многу тешко може да се искорени и надрасне во текот на животот.

Суштината не е да бидеме со партнер кој постојано ќе го сомничиме, туку со лице на кое може да се потпреме и да му веруваме.

Денес постојат многу неизвесности – опасности за здравјето, несигурност на егзистенцијален план, непредвидливи обврски на работното место и многу други борби и искушенија, кои не можеме целосно да ги избегнеме. Ако дозволиме да не зафатат и љубомората, завидливоста и емоционалниот отров, тогаш илузорно е да се надеваме на среќа, хармонија и опуштеност во животот.

За болната љубомора не постојат граници, никогаш нема да знаеме кога ќе завршат барањата и контролите на љубоморниот поединец. Прашање е дали ќе стане целосно задоволен ако одлучиме тотално да му се подредиме и да го загубиме правото на слободно и автономно дејствување. Губитокот на слобода ќе направи да живееме како во кафез, исполнети со длабок немир и страв за перспективите на својата личност.

Во случај да немаме храброст да го напуштиме партнерот кој манифестира болна љубомора, треба да се обидеме барем делумно да ја прифатиме таквата околност, но не смееме да се уништиме на психофизички план и целиот свој живот да го водиме според неговите/нејзините опсесивни барања. Бидејќи за болната љубомора не постојат граници, никогаш нема да знаеме кога ќе завршат барањата и контролите на љубоморниот поединец. Прашање е дали ќе стане целосно задоволен ако одлучиме тотално да му се подредиме и да го загубиме правото на слободно и автономно дејствување. Губитокот на слобода ќе направи да живееме како во кафез, исполнети со длабок немир и страв за перспективите на својата личност.

Стравувањето дека одредени наши постапки нема да му се допаднат на љубоморниот партнер, ќе предизвика да бидеме во константен грч, стрес и психофизичка оптовареност.

Заклучокот е да се почитуваме и сакаме самите себе, зашто тоа е најдобар спас од љубоморните и завидливи личности. Кога знаеме колку вредиме и што сакаме, многу потешко ќе се определиме за однос со лице, кое постојано манифестира негативна енергија, отпор и завидливост кон сè што е добро, позитивно и хармонично во животот.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)