ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Животни искуства

384

 

Не постои човек кој не се разочарал во некого и нешто и не поминал низ несреќна животна приказна. Но, таа приказна добива на актуелност, само доколку ја оживуваме во својата свест и ја даруваме со негативни емоции. Од друга страна, кога ќе излеземе од некоја криза и со позитивната аура на својот дух ја надминеме тешкотијата, тогаш нема да ја доживуваме како проблем, туку како значајно животно искуство од кое многу сме научиле.
Народната мудрост која вели дека од лошо има и полошо, крие мошне поучна порака. Имено, доколку го предимензионираме лошото искуство и дозволиме тоа и понатаму да ја разјадува нашата душа, парализирајќи ги позитивната енергија, волјата и надежта, тогаш наместо да се извлечеме од кризата, ќе предизвикаме да ни стане уште полошо.
Се додека ја негуваме визијата дека поседуваме способност да ги менуваме нештата – не треба да стравуваме и да сметаме дека вечно ќе опстојуваме во несреќната животна приказна.
Радоста е најдобриот лек против стресот, кризата и болката. Колку повеќе го цениме животот и чувствуваме оптимизам, верба и радост, толку поголеми се шансите да го избалансираме стресот и нештата да ги ставиме под контрола.

Разочарувањето и стресот не се состојби што се случуваат самите по себе, туку се последица која се создава како производ на нашето размислување. Нашите мисли ни зборуваат што е стресно, а што не е, бидејќи како размислуваме, така се чувствуваме. Негативното размислување, а не околностите во кои се наоѓаме се производители на најголемиот дел од доживеаниот стрес и разочарување.
Секој различно реагира на надворешните притисоци и влијанија и соодветно на тоа, подлегнува или наоѓа решенија за проблемите со кои се соочува.

Емоционалната ранливост, стравот од непознатото, несигурноста во сопствените вредности и преголемата оптовареност со трауматичните искуства од минатото се главните иницијатори на стресното доживување на нештата.
Најбитно е со позитивен дух да се движиме напред кон иднината и да веруваме дека на крајот – сé ќе биде добро. Колку побрзо сфатиме дека не постои начин да се вратиме назад и да го промениме тоа што се случило, толку послабо ќе биде влијанието на разочарувањето и помалку присутно страдањето.
Како што се чувствуваме, такви стануваме. Затоа, не треба да бидеме тело на болката, туку дух на радоста. За да го постигнеме тоа, неопходно е да си дадеме време и да разбереме дека квалитетот на нашиот живот не зависи од нештата што ни ги предизвикале другите, туку од нашата определба да се опуштиме во мигот на сегашноста, да го прифатиме искуството од минатото и да се ослободиме од потребата за идеална и совршена перспектива во иднината.
Разочарувањето и тагувањето нема да престанат затоа што ќе побегнеме од нив или доколку почнеме целосно да ги игнорираме. Со нивно потиснување уште подлабоко ги врежуваме во својата потсвест. Со закопување на својата тага само ја продлабочуваме и дополнително го отежнуваме нејзиното решавање. Клучно е да станеме свесни за состојбата низ која поминуваме, да ги преиспитаме постапките, да согледаме кого треба да исклучиме од својот живот, што треба да промениме и од кои навики и размислувања ќе мора да се ослободиме.

Меша Селимовиќ има кажано: “Никогаш не жалете што сте запознале некоја личност. Зашто, добрите личности не даруваат со среќа. Негативните ни создаваат искуства, а злите ни даваат лекција. Во секој случај, добиваме нешто, и не треба себеси да се третираме како губитник, зашто во животот колку си научил, толку си победил”.
Оваа мудра мисла укажува дека не постои случајна средба, бидејќи се е водено од божјата промисла – таа преку одредени лица и настани сака да ни укаже каде и кон што го водиме својот живот. Треба да знаеме дека секоја личност која навлегла во нашиот живот претставува испит, казна или дар од судбината. Одредени луѓе сме ги запознале за да не тестираат, некои за да не искористат, други за да не сакаат и некои за да не научат корисни животни лекции.
Лицето кое со своето негативно однесување не навредило е на одреден начин Божји гласник. Со посредство на таа личност и нејзиното однесување и односот кон нас, како и по пат на болката, Бог се обидува да ни помогне, т.е. не повикува на промена, смета рускиот истражувач Сергеј Лазарев.

Кога ќе сфатиме дека сé е поврзано со се и дека секој од нас се родил со одредена улога и мисија, тогаш нема толку многу да се обвинуваме и да страдаме поради променливата среќа во животот.
Тешкотиите и страдањата, неретко отвораат можност ментално да се развиваме, да ја хармонизираме душата и да го зајакнеме духот, односно да научиме како правилно да се однесуваме кон самите себе и кон животот.
Болките се можност да ги промениме навиките и начинот на живот. Тие не постојат за да не уништат, туку за да не опоменат дека некаде сме погрешиле во креирањето на нештата и во односот кон сопствената душа, дух и тело. Наше е да извлечеме поука и откога ќе научиме нешто за себе и за другите, освестени и осветлени да продолжиме напред кон поубавите ситуации на постоењето. Притоа, секогаш треба да имаме на ум дека постојат луѓе кои преживуваат многу поболни моменти од нас и кои постојано се соочуваат со страдањето и неизвесноста на своето живеење.
Кога манифестираме лош однос кон луѓето и кон самите себе, несвесно привлекуваме несреќи, болести и страдања. Незадоволството од себе, неприфаќањето на судбината, самоказнувањето претставуваат вирус за идните сериозни болести и несреќи.
Животот е една голема клацкалка, еднаш сме горе, другпат доле, но целта е да одржуваме балансирана рамнотежа на мир и хармонија, во која умот и срцето, духот и телото ќе уживаат во миговната среќа, осознавајќи дека сî тече сî се менува и дека ништо не е трајно и непроменливо – и најголемата мака ќе помине, како што и најсилната радост ќе исчезне. Единствено што не треба да исчезне е нашата волја нештата да ги направиме посреќни, похармонични и поубави.
Никогаш не треба да дозволиме да не напушти сеќавањето оти и покрај сите ограничувања, разочарувања, борби и тешкотии, искрено сме љубеле, сме се радувале и сме уживале во позитивните вибрации на животот. Притоа, никогаш не треба да дозволиме да не напуштат волјата, поривот и импулсот за создавање убави мигови со саканите, како и за искрено споделување на виталноста и радоста на постоењето.
Животот е прекрасен ако во него го внесеме тоа што ние самите сме – зашто да не бидеме љубов, радост и хармонија, овозможувајќи и животот да ни стане љубов, радост и хармонија.
Живееме во свет на константни промени каде ништо не останува исто и во општество во кое ретко може да се предвиди што ќе следи. Сепак, секое искуство има свој крај, токму како што и секоја негативна мисла, чувство, слабост и однос си имаат свој крај. За да не страдаме кога нештата ќе почнат да се движат кон надолната патека на животот, неопходно е да почнеме духовно да се менуваме, да растеме и усовршуваме.
Заклучокот е да престанеме да ја предимензионираме темнината на своето постоење – жалејќи по нештата што ги немаме и копнеејќи по се што сакаме да имаме. Наспроти тоа, треба да бидеме како Сонцето кое најавувајќи го новиот ден, никогаш не престанува да ја осветлува и обновува вредноста и смислата на своето постоење, овозможувајќи и на светлината секогаш да ја надвладее мрачната страна на судбината.