Многу од успешните поединци константно се соочувале со искушенијата при градењето на кариерата, статусот и успехот. Во нивниот животен пат постоеле разни предизвици, ризици и пречки, но тие со одржување на духот, со негување на вредноста, со иницирање на волјата, успеале да ги распрснат сите ограничувања и да ја остварат целта. Но, бидејќи животот не е праволиниски зацртан, секогаш може да се соочиме со нови предизвици и искушенија и со тоа одново да бидеме ставени пред дилемата: дали вреди да ризикувам или подобро е да го чекам вистинскиот момент за дејствување?

Има ситуации кога нештата не одат како што сме очекувале, но со работа, истрајност и настојчивост, тешкотиите исчезнуваат, а успехот станува извесен. Со такви околности се соочиле и многу познати актери, кои не биле најуспешни на почетокот на кариерата, имале многу тешкотии во совладувањето на улогата, не се истакнувале со некој посебен уметнички сензибилитет и настапувале со голема трема и несигурност. Но, со текот на времето, откако многу повеќе работеле на личната и професионална надградба, успеале да се докажат и да изградат забележителна кариера. Еден од нив бил и Силвестер Сталоне, кој имал многу проблеми во младоста и никој не верувал дека ќе постигне нешто значајно во животот. За да се прехрани, тој во одреден период работел како разнесувач на пица, мешал салата во прехранбена продавница, дури и ги чистел кафезите на лавовите во зоолошка градина и имал снимено порно филм. Како што наведува Брајан Соуза: „Сталоне толку бил без пари што морал да ја пере својата облека, така што се туширал облечен“. Единствено нешто кое го движело напред била силната верба, волјата и позитивниот дух, дека ќе се воздигне и извлече од бедата и сиромаштијата на животот. Со текот на времето, откако многу повеќе работел на личната и професионална надградба, Сталоне успеал да се докаже и да изгради забележителна кариера во филмската индустрија. Од тотален анонимец, по филмот „Роки“, (добил две номинации за наградата Оскар – најдобар актер и најдобро сценарио), Силвестер Сталоне успеа да стане еден од најплатените и највпечатливи филмски ѕвезди на Холивуд.

Истото се случувало и со многу успешни спортисти, кои пред да станат големи ѕвезди доживеале многу порази и неуспеси, поради што биле на границата да се откажат од спортската кариера. Дури и Новак Ѓоковиќ, по поразот во четвртфиналето на турнирот Ролан Гарос во 2010 година, се соочил со ризикот да се откаже од професионалното играње тенис, бидејќи чувствувал голем стрес, психофизички замор и слаба волја за натпреварување. Во едно интервју, тој потенцирал дека како и секој човек и самиот се соочувал со осцилации, со кризи и тешкотии во градењето на кариерата. „Во еден таков миг, седнав со мојот тим и почнав да ги преиспитувам моите можности и евентуалните достигнувања и дали треба да продолжам понатаму. Тоа можеби беше и пресвртница од психолошки аспект, бидејќи луѓето од семејството, па и од тимот, ми помогнаа и ме уверија дека поседувам квалитет и потенцијал да бидам најдобар тенисер во светот и дека треба да продолжам по тој пат“.  И биле во право! Зашто, откако го променил начинот на тренирање и се ориентирал кон здравата исхрана (алергичен е на глутен), притоа вложувајќи во менталната подготовка, мотивациските вештини и позитивниот пристап, Новак Ѓоковиќ ги вратил победничкиот дух и волјата и веќе неколку години е најдобар тенисер на светот.

Тоа покажува дека не можеме секогаш и во сè да бидеме индивидуалци, кои сè сами ќе направат, зашто во период на кризи и искушенија, неретко токму поддршката од најблиските може да биде пресвртната точка, која наместо кон болеста, стагнацијата и уназадувањето, ќе не придвижи кон здравјето, успехот и реализацијата. Затоа, треба да веруваме во себеси, да работиме на јакнењето на сопствената личност, но и да бидеме отворени за добронамерните совети и за позитивните потстреци, бидејќи успехот не се гради со оттргнатост и негација на другите, туку со соработка и благодарност до лицата кои  придонесуваат за нашиот личен развој, напредок и психофизичка хармонизација.

Сите ние треба да знаеме дека силата се гради од неуспесите, а не од успесите, бидејќи како што вели Коко Шанел: „Треба да научиме да пливаме наспроти текот на реката“. Кога имаме дилема и кога се сомневаме дали може да оствариме нешто што сме го зацртале, клучно е во себе да ги поседуваме волјата, менталната сила, самодовербата и подготвеноста да се издржи кога е најтешко. Во таквите моменти многу луѓе покажуваат малодушност, страв, размислуваат дека нема да успеат, дека ќе потклекнат и нема да ја остварат целта. Впрочем, тоа е суштината на животот, да бидеме најсилни, кога е најтешко. Зашто, кога има убавина, раскош и благосостојба и кога постигнуваме победи, лесно е да се дејствува и да се оди напред во животот. Сепак, не постојат само радоста, убавината и благосостојбата, туку и ограничувањата, страдањата и разочарувањата. И треба да бидеме подготвени за таквите ограничувања, да не ги повикуваме и очекуваме зад аголот на секојдневието, но треба да бидеме свесни дека нема откровение без страдање, како што нема ни напредок без настојчивост, посветеност и упорност.

Како да го постигнеме тој цврст непобедлив став? Така што нема премногу да зборуваме за поразите, зашто на тој начин ќе се наведеме себеси и да ги прифатиме. Бидејќи, како што асоцирал Дражен Петровиќ: „Не можеме да влијаеме на минатото зашто би се нервирале и понатаму. Мора да разбереме дека е невозможно секогаш да се победува. Плачењето за еден пораз, без оглед колку бил болно почувствуван, само ќе ни ја забави кариерата. Ако сме чисти пред себе, ако знаеме дека сè сме направиле за победа – најдобро е веднаш да заборавиме на поразот“. Асоцијацијата е дека секогаш ќе има нови шанси за да се извојува победа, и тие шанси треба да ги пречекаме подготвени – со нова сила и моќен дух да се фатиме во костец со сите предизвици и искушенија на животот.

Во животот треба да се биде спонтан, опуштен и свесен дека и поразот и победата се составен дел од постоењето.

Секогаш треба да имаме на ум дека ништо не е сигурно, односно дека сè е можно. И писателот кој го пишува своето дело, не може да биде сигурен дека неговиот труд стопроцентно ќе биде прифатен од критиката и читателите. Не постои гаранција за такво нешто, бидејќи ништо не е докрај сигурно. Во таа насока, и многу големи сликари како што бил Винсент ван Гог, не успеале соодветно да го валоризираат својот огромен уметнички талент. Тој упорно создавал, се трудел, но во текот на животот не успеал да продаде повеќе од две слики, од кои едната ја купил брат му. Но, подоцна, сликите на Ван Гог станале едни од најскапите дела во историјата на сликарството. И овој пример укажува дека неретко патувањето кон целта и творечката активност, значат многу повеќе отколку остварувањата постигнати со протекции и протежирања од страна на јавноста и другите. И дека, ѕвездените мигови секој ги постигнува во различен период од животот. Некој тоа го постигнува во цутот на младоста, како што им успеало на Џуди Гарланд, Мики Руни, Мајкл Џексон, Орсон Велс, Џемс Дин, Елизабет Тејлор, Борис Бекер итн, а на други тоа им пошло од рака во поодминати години од животот –  Маргарет Мичел (писателка на романот „Одвеано со виорот“), Агата Кристи, Вивијан Вествуд, Вера Ванг, Харисон Форд, Хелен Мирен, Џоан К. Ролинг и др.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)