ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Енергетски паразити

630

Сите ние мора да размислиме дали со своето однесување ги правиме зависни другите или, пак, самите стануваме зависни од другите. Клучот е да не им се натураме и да вршиме притисоци, но исто така, да не дозволиме тие нам да ни се наметнат и во секој момент да го контролираат и доминираат нашиот живот. Енергетските паразити (цицачи на нашата позитивна енергија) ретко нè покануваат во нивниот дом. Тие доаѓаат на наша територија, за да нè исцрпат на енергетски план. Затоа се тие паразити, бидејќи се налепуваат (народски кажано „фластери“) и имаат потреба од внимание.

Неретко и во пријателството се создаваат такви односи каде што пријателот постојано нè следи и од нас бара за сè да го информираме. Тој игра на картата да ни наметне грижа на совест доколку го отфрлиме и не му посветуваме доволно внимание. Секој човек треба да се обиде да ги разбере другите луѓе, но не на своја штета и со повторување на истите грешки. И другите треба да преземат одговорност за сопствениот живот – не треба ние да одлучуваме за нив, ниту тие да одлучуваат за нас.

Проблемот е кога не внимаваме на себеси и дозволуваме некој да се полни со нашата енергија, а ние да пропаѓаме, да венееме и да слабееме. Зошто? Бидејќи ја прифаќаме туѓата игра!

Најголемиот број на болести произлегуваат од стресот, од кризата на идентитетот, од енергетската слабост и пред сè од слабиот имунитет и недостатокот на соодветна енергетска заштита. Кога го примаме сето позитивно што енергетски и духовно нè храни и надополнува, одиме напред, а кога сме под ментални удари и енергетски атаци од надворешната средина, доживуваме криза и се уназадуваме.

Неретко енергетски се трошиме и кога одиме во шопинг центрите, во маркетите и на пазарите, односно каде што има голема бучава, метеж и турканици. И кога ќе излеземе од таму се чувствуваме слаби и изнемоштени. На такви места циркулира разна енергија која може да биде мошне дисхармонизирачка. Луѓето со своето биополе вибрираат енергија, некои позитивна, други негативна. Со самото присуство во одредена просторија, човекот манифестира енергетска вибрација која се пренесува и преку говорот, допирот и погледот. Затоа, во присуство на некои луѓе чувствуваме голем замор, тензија и психофизичка блокада, додека со други опуштеност, ведрина и хармонија. Понекогаш со некои лица, воопшто не треба да разговараме за да ја почувствуваме нивната песимистичка, депресивна и напната енергија. Доволно е што низ нас поминува студен бран на негативна вибрација, која ни создава непријатност и внатрешна нервоза.

Последици од енергетскиот вампиризам многу често се: вознемиреност, деконцентрација, целосна исцрпеност, поспаност, чувство на лутина, главоболка итн. Менталното оружје на некои од енергетските вампири се критиките, озборувањата, омаловажувањата и кавгите. Активниот вампиризам е придвижен од суетата и тенденцијата по секоја цена да се наметне своето. Активниот, односно соларниот вампиризам го манифестираат личности со исклучително развиено его, кои сакаат да доминираат и владеат во секој аспект на животот. Во комуникацијата со нив ни се покачува крвниот притисок, чувствуваме гушење, деконцентрација и општа слабост на психофизички план. Тоа може да го сретнеме и на работното место, ако претпоставениот е активен тип на енергетски вампир, кој е воден од опсесијата константно да критикува, да наредува и лошо да се однесува со подредените.

Активниот вампиризам го има и во љубовните односи, кога партнерот опседнат со љубомора и посесивност ѝ вели на партнерката (а може да биде и обратно): „Ајде сега ти мене сè да ми кажеш; чувствувам дека се случува нешто со тебе; сигурно ти имаш некој друг“. Таа му докажува со факти дека ништо не прави, секогаш навреме се враќа од работа, но тој е повторно незадоволен, така што ѝ вели: „Да, ме убеди, ти немаш друг и навистина нема кога да се гледаш со некој, но ти размислуваш за друг, кај тебе во мислата се крие потребата да изневериш“. И одете вие објаснете му на активниот вампир дека и во мислите не постои желба да се биде со некој друг. Тој ниту  може тоа да го докаже, ниту да го види (зашто сè уште не се родил човек кој најпрецизно ќе успее да проникне во туѓите мисли и намери). Но, за него е клучно што „открил“ дека партнерката во мислите го изневерува и дека токму, затоа е неморална. На тој начин, активниот вампир си обезбедил алиби, за во секој миг да може психички да ја малтретира својата партнерка, од неа да го исцицува и последниот атом на енергија и да ја казнува за „направеното неверство“. Што да се каже за овој пример, кој е и практично осведочен, освен дека спасот мора да се побара во напуштање на таквиот параноичен вампир, бидејќи сè друго е пат кон болест, деградација и губење на енергетската хармонизираност на личноста.

Кај пасивниот вампир имаме сосема поинаква ориентација. Тој е бавен и тивок, затоа се вели „тивка вода, брег рони“, така што се наметнува со своите жалопојки. Секогаш поставува исти прашања, на нашите препораки, тој секогаш одговара со: ама; не можам; не е сега време; не знам; не вреди; што ако итн. Парите секогаш му се малку, љубовта недоволна, се жали дека се чувствува слабо, меланхолично и незадоволно. Не го прифаќа животот како радост и виталност, туку како слабост и страдање.

Најголемата мудрост се крие во сознанието, дека не можеме да му го дадеме на другиот тоа што тој не сака да го види или прими.

Секој е должен да го активира сопствениот биоагенс, за да може да ги почувствува вибрациите на радоста, хармонијата и виталноста. Ако го затвори своето биополе, другите многу тешко ќе успеат да му го отворат, зашто за сè е потребна лична иницијатива. Бидејќи, како што асоцирал Исус Христос: „Сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори“ (Матеј, 7,7 стих).

Постојат периоди кога и нам ни е потребно внимание и кога очекуваме некој да нè сослуша и да ни помогне полесно да излеземе од кризата во која се наоѓаме. За да не ја исцрпиме туѓата позитивна енергија, се препорачува да прошетаме во природа и да разговараме за проблемот што нè измачува. На тој начин, на соговорникот ќе му дадеме можност повремено да се  деконцентрира и барем за миг да ги оддалечи мислите од напорниот разговор. Во комуникацијата со луѓето, неопходно е да забележиме дали тие во нас поттикнуваат волја, оптимизам, желба за напредување, храброст и самодоверба или само нè бомбардираат со песимизам, апатија и негативна енергија. Во секојдневието, како да преовладува мислењето дека позитивците повеќе страдаат од негативците, зашто негативецот многу подобро се надополнува со другиот негативец – тие се разбираат во својата определба постојано да критикуваат и да шират неубава енергија.

Ако болката и стравот отвораат рани, радоста и среќата ги лекуваат! Ако злите и негативни личности оставаат лузни, добрите и позитивните целосно ќе ги исцелуваат.

Во животот неопходно е да согледаме дека се присутни и болките и страдањата, но воедно треба и мора да ги побараме и животните радости и да бидеме посреќни, затоа што постоиме и ја имаме можноста да бираме. Затоа, понекогаш треба се отиде во болница и на гробишта за да се види како некои лица се соочиле со тешката судбина – да го загубат своето здравје или своите блиски. Тогаш, можеби, многу повеќе ќе ја цениме убавата страна на животот и со законот на афирмацијата и позитивната вибрација ќе ја креираме и воздигнеме својата судбина.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)