ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Енергетски вампири (3)

579

Енергетскиот вампир ја цица нашата психичка енергија, со сите за него достапни начини. Со својата наметливост, импулсивност и конфликтност, тој нè троши на психофизички план, предизвикувајќи ни внатрешна несигурност и нервоза, зашто само така може подлабоко да продре во нашето биополе. Тогаш вампирот се чувствува полесно и подобро, а донаторот или жртвата на вампирот станува болен, депресивен и малаксан. Последиците од енергетскиот вампиризам се долготрајни, прогресивни и дури опасни за животот на жртвата. Ако навреме не се заштитиме од грабливците на нашата позитивна енергија, може сериозно да ја загрозиме својата психофизичка состојба. Треба да сфатиме дека постојат лица кои се исклучително себични, негативни и неискрени. Тие сакаат сé да земат за себе, без притоа да возвратат за направените добрини. На љубовта гледаат како на чин на земање, а не и како чин на давање. Кога ќе почувствуваат дека може да манипулираат со туѓата позитивна енергија и да извлечат некоја корист за себе, упорно ѝ се прилепуваат на жртвата и опстојуваат во нејзиното друштво сè додека не ја доведат во состојба на крајна психофизичка истоштеност.

Емоционалната ранливост за сè и сешто, неводењето сметка за сопственото тело и душа, подложноста на стресот и константните енергетски атаци од надворешната околина, се едни од најголемите причини за слабеењето на нашето биополе и за појавата на разните болести. За да постигнеме здрав, успешен и среќен живот се препорачува да водиме сметка за психофизичката балансираност на сопствениот организам. Со нарушување на биополето, стануваме подложни на стресот и лесна мета на енергетските вампири, кои пред сè, ги напаѓаат лицата кои се емоционално отворени, ранливи и без механизми за себезаштита.

Кога сме под постојани енергетски атаци, манифестираме песимизам, анксиозност, конфликтност и имаме проблеми со апетитот. Овие манифестации посебно ќе дојдат до израз, доколку им се подредиме на лицата кои се полни со гнев, намќорести и агресивни во определбата – со манипулација да го добијат тоа што го сакаат. Иако симптомите на еден вампирски напад често минуваат брзо, тие имаат тенденција на долготрајност доколку контактите со енергетскиот вампир се константни.

Секогаш треба да бидеме подготвени да помагаме, но и да анализираме: дали на другите најмногу ќе им помогнеме, доколку ги научиме да се потпираат на сопствените сили и способности, а не ако ги направиме тотално зависни од нашите енергетски потенцијали и вредности? Поентата е дека суштината на личноста се гради со свест за сопствените вредности, со преземање одговорност за својот живот и со остварување позитивна интеракција со другите.

Покрај соларните и лунарните, ќе наведеме и други типови на енергетски вампири:

Психички вампир: се карактеризира според својата упорност, настојчивост и себичност во определбата да се храни со туѓата позитивна енергија. Постојано поставува прашања за тоа што го интересира и секогаш разговорот го насочува кон „својата воденица“. Тој манифестира нечувствителност, негативно расположение, ароганција и суета во контактите. Психичките вампири сакаат да го имаат главниот збор во комуникацијата и треба да вложиме максимална концентрација и дополнителен напор за со нив да одржиме конструктивен разговор. Сето тоа ментално ќе нè исцрпи и непотребно ќе го потроши капацитетот на нашата креативна енергија. Треба да знаеме дека за сé има граница и дека атакуваната личност, кога-тогаш ќе се соочи со феноменот „преполнета чаша“. Во конверзацијата со психичкиот вампир имаме потреба во истиот момент да го завршиме разговорот и да си одиме. Ако тоа не е можно, најпрепорачливо е да одговараме со „да, да“ и преку говорот на телото (кимање со главата, се вртиме наоколу и гледаме во часовникот), да му дадеме јасни знаци дека сакаме да го прекинеме разговорот. За жал од  „психичкиот вампир“ не можеме да се спасиме со суптилни знаци, туку мора да бидеме јасни и гласни, односно да му нагласиме дека немаме време за разговор, бидејќи брзаме. Но, најбитно од сé е да научиме да кажуваме „не“.

Емоционален вампир: во својата околина се наметнува како сочувствителен, внимателен и грижлив поединец, но ако подолго време комуницираме со него, ќе забележиме дека манифестира голема патетика и лажна добродушност. Тој постојано се жали без намера било што да реши. Кога ќе се вклучиме во неговата драма, заглавени сме на подолго време. Сака да сме му достапни во секој момент, со цел да се жали на сé и сешто. Препорачливо е да му дадеме до знаење дека не сме негова канта за отпадоци и да го советуваме дека индивидуата што постојано се жали на судбината, со самото тоа ја привлекува енергијата на лошите и неубави вибрации на животот. За овој тип на вампир, има пишувано и американскиот психолог Алберт Џ. Бернстин. Според него: „Емоционалните вампири не сакаат здодевност, неизвесност, одговорност и ситуации во кои треба да дадат, зашто нивна цел е постојано да добиваат. Тие не преземаат одговорност за сопственото однесување, посебно кога последиците од тоа однесување се негативни“.

Депресивец: карактеристичен е по тоа што постојано се жали на судбината, манифестира очај и меланхолија, обвинувајќи ги другите за сето негативно што му се случува во животот. Неговите жалопојки, песимистички тонови и критики речиси никогаш не престануваат, бидејќи на тој начин ја надополнува својата енергија, а ја дисхармонизира туѓата. Има голема потреба од внимание и се жали кога немаме време да го сослушаме. Депресивците се „празнат“ на нас и со својата намќореста енергија, максимално нè заморуваат на психички план.

Умислена жртва: овој вампир, тактички и притаено нè вовлекува во своите обрасци на однесување и со својот концепт на песимистичко размислување го атакува нашето биополе. Колку и да го убедуваме дека постои решение за проблемот, тој упорно ќе се држи до сценариото дека целиот свет е свртен против него. На нашите совети и понуди за помош, секогаш одговара со некое тешко „но“ и никогаш нема да се помрдне од мртва точка. Најдобро е да се дистанцираме од таквите луѓе. Трудот може да биде залуден, бидејќи тој си живее со ореолот на жртва и со убедувањето дека никој не може да му помогне, односно дека другите секогаш се виновни за неговата несреќа.

Сентименталец: опседнат со минатото и со нештата кои одамна се случиле. Тој е личност која секогаш наоѓа причина да се жали и да глуми жртва, бидејќи сите му се виновни за пропуштените шанси во животот. На таквиот вампир кога му зборуваме за нови идеи и можности, со својот песимизам го убива секој ентузијазам, зашто сé уште живее со импресиите од минатото.

Приговарач: дава забелешки, дели обвинувања и постојано приговара дека не сме направиле ништо конкретно за тој да се чувствува поубаво. Во контактите со ваквата личност, не треба да негуваме илузија дека може да го промениме, зашто тој на сè гледа црно. Многу попрагматично е да се спасиме себеси и да престанеме да ги впиваме неговите негативни вибрации и перцепции. Треба да знаеме дека неговите жртви често паѓаат во анксиозност, потиштеност, па дури и во депресија.

Во наредната колумна ќе ги предочиме и останатите типови на енергетски вампири.

 (авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)

(продолжува)