ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Духовно будење

2379

На 30 јуни ќе бидеме сведоци на ретка астролошка конјункција помеѓу Јупитер и Плутон во соѕвездието на Јарец (според соларниот календар). Нивна повторна средба ќе има на 04.02.2033 година кога ќе бидат на 14 степен во Водолија. Претходно Јупитер и Плутон се сретнале на 11 декември 2007 во Стрелец. Конјункција (поклопување) на Јупитер и Плутон во Јарец последен пат се случила 1771 година, кога имало голема епидемија на чума во Москва.

Конјункцијата на овие две планети била присутна и во 1918 година кога завршила Првата светска војна; 1930-та кога се случила големата економска криза или големата депресија и кога на изборите во Германија нацистите станале втора по важност партија; 1943 кога Втората светска војна била во својот зенит; 1968 кога имало голем бран студентски демонстрации низ Европа. Дека не е сè така негативно покажува настанот случен точно на денот на егзактната конјункција на Јупитер со Плутон (11.10.1968) кога бил лансиран Аполо 7, прва мисија во Аполо програмата на САД што носела екипаж во вселената и прва што вклучувала ТВ-преноси во живо од американско вселенско летало.

Аспектот на Јупитер и Плутон (на 24 степен во Јарец) доаѓа откако на 12.02. 2020 година Сатурн и Плутон влегле во конјункција (последен пат се сретнале на 07.11.1982) – тоа се поклопува со поинтензивното ширење на пандемијата и кога СЗО вирусот го нарекува ковид-19.

Овие планетарни поклопувања покажуваат дека се наоѓаме пред исклучително значаен период исполнет со настани кои силно ќе влијаат врз состојбите на поединецот и перспективите на човештвото.

Јупитер (владетелот на Стрелецот) ги претставува оптимизмот, благосостојбата, експанзијата, проширувањето на свеста низ себеспознавање, учење и духовно проникнување. Во неговиот домен на владеење спаѓаат совеста, правдата, милосрдието, законот, моралот, религиозните убедувања и среќата. Ако е добро поставен во наталната карта овозможува заштита, исцелување и благосостојба. Поттикнува стремеж кон иднината, напредување и барање нови хоризонти. Одлично е поставен во зодијачките знаци Стрелец, Рак, Вага и Риби.

Благородноста и потребата за подобрување на животот на поединецот се дел од карактеристиките на Јупитер, како и потрагата по духовно осознавање на нештата. За разлика од Сатурн кој ја соочува личноста со натрупаните кармички долгови, Јупитер ги претставува кармичките дарови, односно добрата среќа и талентите кои сме ги стекнале со спиритуалниот развиток и етичкото усовршување присутни во претходната инкарнација. Затоа положбата на Јупитер во наталната карта се врзува со полето на добрата среќа, потенцијалите, талентите и сите можности кои подразбираат напредок и просперитет. На личен план поттикнува да го сакаме својот живот и во него да најдеме љубов, радости смисла. Ако Сатурн е учителот, Јупитер е мудрецот. Проблемот со Јупитер е што води кон претерување, така што пренагласената добродушност може да стане наивност и глупост, а претераната потреба за ширење може да доведе до расипување на енергијата и да предизвика физичка истоштеност и болести. Во тој поглед, посебно треба да внимаваат лицата кои Јупитер (или Сонцето) го имаат во знаците Овен, Близнаци и Водолија. (на интернет програмот astrodienst.com може да ја проверите позицијата на планетите во вашата натална карта или консултирајте професионален астролог).

Ако Јупитер владее со небесните сфери, Плутон владее со подземниот свет (адот) или подземјето. Колку Јупитер е позитивен, отворен, добродушен и градителски ориентиран, толку Плутон може да биде негативен, скриен, одмаздољубив, опасен и уривачки настроен. Сепак, Плутон не носи само негативности. Ако е правилно насочен може да донесе трансформација, будење на духовните потенцијали и исцелителска моќ. Овие позитивни категории се однесуваат на лицата кои успеале да се ослободат од штетните матрици кои предизвикуваат напнатост, омраза и деструкција. На чистење на емоционалниот отров посебно треба да работат лицата кои имаат знак, подзнак и Месечина во Скорпија или силно нагласена 8 куќа во наталната карта.

Во негативна смисла Плутон е поврзан е со криминалот, групното насилство, сексуалните девијации, гангстерите, корупцијата, масовната смрт и терористичките активности. Тој ги претставува и пругите, каналите, канализацијата, рудниците, катаклизмите, ерупциите на вулкани, атомската енергија и тиранијата. Лошата страна на Плутон е што создава неврози, опсесии, љубомори, параноја и фобии. Во позитивна смисла Плутон го претставува скриеното богатство во нас самите, регенерацијата, трансформацијата  и овозможува ослободување од потиснатите емоции. Плутон астролошки е поврзан со екстремно силните емоции, како и со силите кои се надвор од нашата контрола.

Што ќе се случи и што треба да се преземе во периодот што следи?

Јупитер конјункција Плутон буди голема страст и енергија и создава предуслови за воспоставување коренити промени во животот. Можностите за подобрување на состојбата во работата и љубовта се зголемуваат, како и опциите за патување и инвестирање. Овој аспект овозможува вложување во личниот развој, проникнување во скриените состојби на личноста и духовно трансформирање. Плутон владее со потсвеста, а Јупитер со натсвеста, така што кога овие две планети се во аспект создаваат длабоки увиди и можности за отворање нова страница во животот. Кај лицата кои нè поседуваат потенцијал за духовен развој, оваа конјункција може да ја зголеми љубомората, завидливоста, агресивноста или да ги интензивира стравовите и вознемиреноста. Негативно определените може да имаат проблеми со законот, претпоставените или авторитетите. Поединците кои се навикнати да шират негативни вибрации и омраза уште повеќе ќе ја манифестираат лошотијата, а единките кои зрачат со мудрост и позитивна енергија уште посилно ќе продолжат да зрачат со добрина. Етичкиот пристап ќе овозможи духовно напредување и душевно хармонизирање.

Борбата на доброто со злото ќе се преслика низ судирот на концептите на поединците и групациите кои управуваат и манипулираат од сенка, наспроти оние кои својата позитивна енергија и интелектуална способност ги ставаат во служба на доброто и за напредок на човештвото. Ќе бидеме „сведоци“ на борба за моќ и многу заткулисни игри за воспоставување глобална превласт и обид за заплашувања и загрозувања на слободата на луѓето.

Џуџестата планета Плутон во астрологијата се поврзува со вирусите, бактериите, смртта, деструкцијата и омразата. Тој е како птицата феникс, прво нештата ги доведува во состојба на пепел, а потоа се раѓа од урнатините. И на глобално и на лично поле Плутон создава суштински промени – носи крај и нов почеток (смрт и повторно раѓање). Јупитер има порив за ширење и развивање, а Плутон за уништување и трансформирање. Понекогаш таа трансформација може да биде многу болна. Со оглед што човештвото го загуби духовниот компас и отиде кон патеката на алчноста, заглупувањето, егоизмот, ниските страсти, прељубите и негативноста неопходно е да се случи освестување и луѓето да сфатат дека ништо не е поважно од мирот со себе, поврзаноста со блиските и здравјето.

Дали вирусот и лошите сили ориентирани кон моќ и профит ќе победат или добрите луѓе и хуманата ориентација ќе го надвладеат злото, ќе покаже времето кое е пред нас.

Колку нештата да изгледаат страшно и колку ѝ да зависиме од колективните случувања, секој индивидуално одлучува како ќе се постави пред искушенијата и во кој правец ќе ја води својата судбина. Во тој поглед, овој аспект треба да се искористи за ослободување од непродуктивните матрици на размислување и за подобрување на внатрешната состојба на личноста.

Верата и надежта (Јупитер) дека тешкото време ќе заврши (Сатурн) и сè ќе почне од почеток (Плутон), треба да биде наша идеја водилка и стремеж живеењето да го направиме помирно, посреќно и поубаво. Соочување со последиците (добри или лоши) ќе има околу 12.11.2020 година, тогаш Јупитер и Плутон повторно ќе се сретнат на 22 степен од знакот Јарец. Претходно овој аспект бил актуелен на 4.04.2020 (во екот на најсилното влијание на пандемијата). Едно е сигурно, после сите овие конјункции присутни во текот на 2020 година ништо повеќе нема да биде исто.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)