ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: ДУХОВНА СИРОМАШТИЈА

619

 

Секој поседува моќ за подобрување на своето постоење и за движење по патеката на мирот и хармонијата. Себеспознанието и високата свесност за вредностите на животот се основата за будење на духовните потенцијали и за осознавањето на моќта на умот и моќта на срцето. Малодушноста, стравот, зависноста од другите и несигурноста во сопствените вредности никогаш не можат да донесат позитивни резултати. Од човекот зависи кон какви вредности ќе се насочи, колку и како ќе се бори против животните неприлики и што ќе им остави во аманет на своите поколенија.

Теоретски тоа е лесно да се каже, но практично гледано тоа е тешко да се постигне. Проблемот е што сите ние живееме во свет (општество) во кој се потиснуваат духовните вредности, а се експонираат ниските страсти, егото и материјалистичките придобивки.

Одредени богати луѓе, плашејќи се од неуспехот, од губењето на нивната моќ, стануваат ужасно несреќни, духовно сиромашни и душевно дисхармонизирани. Некои од нив, можеби многу доцна ќе сфатат дека високиот статус и парите не се основните квалитети што создаваат искрена љубов, вистински пријателства, радост и слобода. Напротив, постојаните искушенија кои се надвиснати врз духот и телото, може да ги направат робови на ниските страсти, на егото и на материјалистичките побуди. Стравот од загуба на стекнатото богатство, немирот дека можеби другите ги почитуваат исклучиво поради парите, предизвикуваат нивното срце да стане тврдо, а егото моќно во бранењето на статусните позиции и материјални придобивки. Затоа, многу поединци имаат опсесивни стравувања дека може да го загубат своето богатство или да бидат животно загрозени од непријателите. Она што го уништува духовното спокојство на нивната личност е тврдото срце, полно со егоизам и себичност, насочено кон профит, профит и само профит. Таквата ориентација предизвикува да ги експлоатираат другите, да шират неморал, да ја загадуваат еко средината, да ги прекршуваат нормите на должноста, одговорноста и човечноста. Секако дека во оваа група не спаѓаат оние богаташи, кои се истакнале со своето филантропско дејствување и кои придонеле за социјалниот, културниот и егзистенцијалниот напредок на својата заедница.

Суштината на животот не се наоѓа во алчното трупање на материјалните добра, во злоупотребата на статусната моќ и во бескрупулозната експлоатација на другите, бидејќи како што укажал Исус Христос: Не можеме да им служиме и на Бога и на алчното трупање на богатството (Лука 16,13). Сето богатство на светот е безвредно, ако немаме смирен дух, чисто срце, добро здравје или време да уживаме во материјалните придобивки. Животот може да биде убав и едноставен, само доколку не претеруваме со мегаломанските барања, не се опседнеме од потребата за трупање пари и престанеме умот и срцето да ги подредуваме на страстите на телото.

Целта на животот попрво се темели врз отсуството на болка, отколку врз постигнувањето на задоволството. Зашто, неразумното предавање на задоволствата на телото, подоцна може да ни создаде голема болка и страдање. Вредноста ќе ја постигнеме ако бидеме аскети на телото и хедонисти на духот, а не обратно. Кога задоволството го наоѓаме во развојот на сопствениот дух, мудрост и знаење и кога нé дозволуваме нагонските сили на телото да ја управуваат нашата личност, нужно ги создаваме предусловите за постигнување на мирот и хармонијата во душата. Недостатокот на повисока свесност за вистинските вредности на животот и немањето чувство за болките и страдањата на другите, секогаш се показатели за лоша визија, негативна мисија и деградација на моралот и хуманоста.

Во ерата на Водолија, учиме да се вратиме кон хуманата димензија на постоењето, за да може да најдеме извор на божествена светлина и свој спасител. Ние сме таа моќ, љубов и позитивна енергија по која трагаме. Кога ќе почнеме да се сакаме себеси, кога со љубов и разбирање ќе гледаме кон својот дух и тело и кога својата животна мисија ќе ја водиме според начелата на доброто и духовното, многу нешта ќе ни станат појасни и поврзани со позитивната енергија на космичката интелигенција. Во „Малиот принц” пишува: Само со срцето се гледа исправно; суштината останува невидлива за очите, или како што вели Абрахам Линколн: Патот кон човековиот разум води преку неговото срце. Значи, треба да научиме да слушаме и да гледаме со срцето, кое ќе нé дарува со благородно чувство на емоционална енергија, со живост на умот и со дух исполнет со надеж и светлина.

Проблемот произлегува од определбата на луѓето најголемиот дел од својот живот да го живеат потполно заспани, со погрешни претстави за вредностите на духовноста. Несвесноста, неспособноста да го видиме животот онаков каков што е, неразбирањето на сопствените и туѓите постапки, предизвикуваат денес на светот да има премногу апатични, огорчени и несреќни луѓе. Трагедијата на нашето време се состои во општата манипулација, во наметнувањето на лажните вредности и во големиот несклад меѓу умот и срцето. Крутиот разум, насоченоста кон профитот, загадувањето на еко системот, нарушувањето на традиционалните морални норми и неводењето сметка за духовните начела на животот, како да го отстранија срцето од матрицата на човековото постапување. Луѓето престанаа да размислуваат и дејствуваат според импулсите на срцето и заборавија на мудрата порака од Стариот завет дека  никој нема да го најде Бога преку размислување: Ќе ме барате и ќе ме најдете ако ме побарате со сето свое срце (Еремија 29,13).

Човештвото се наоѓа пред амбис; или духовно ќе се препороди и ќе тргне кон насоката на хуманоста, солидарноста и праведноста или тотално ќе исчезне во сета своја технолошка деструкција и морална декаденција. Сепак, со доаѓањето на ерата на Водолијата, се пројави искрата на светлината и почна да протечува изворот на космичката интелигенција кои во својата суштина ја кријат универзалната љубов, духовната визија и моќта на умот и моќта на срцето. Овие вредности ќе бидат поставени пред секој човек поединечно, кој врз основа на свесноста, мудроста и етичноста, ќе одлучи дали ќе тргне по патот на ништожноста, порочноста и негативноста или ќе се определи да му служи на божественото, позитивното и духовното. Водолијата е знак на енергијата, свеста и мудроста, таа е предвесник на новото и прогресивното и иницијатор за промена на старите навики, обичаи, намери и мотиви. Главната порака на овој зодијачки знак до човекот е: „Над сé чувај го своето срце, зашто животот извира од него (мудри изреки 4,23).

Во екот на силната закана од ковид -19 се чини неопходна потребата за духовно будење на луѓето и за заземање за патот што води кон здравјето, мирот и хармонијата.

Љубовта извира од срцето, мудроста протекува низ умот – кога овие вредности се во тесна корелација, претставуваат најмоќна сила во универзумот, која ги разоружува и поразува и најголемите непријатели на животот. Затоа, сите ние треба духовно и ментално да се отвориме за новата ера, да вложуваме во надградбата на сопствената личност и да почнеме да ги користиме огромните потенцијали на умот и на срцето. За да ја извојуваме победата, треба да се подготвуваме за борбата, а борбата за победа над самиот себе е најтешка, но и најслатка. Откако ќе ги победиме сопствените слабости, недоверби и сомнежи, ќе сфатиме колкава моќ и убавина во себе кријат верата, љубовта и надежта и најголемата меѓу нив – мудроста.

Заклучокот е дека само вистинската среќа насочена кон мирот и хармонијата е вечна среќа, зашто останува да живее во душата, која никогаш не умира.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)