ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Вљубување

363

Вљубувањето може да се случи за миг, понекогаш и кога најмалку очекуваме. Тоа предизвикува да бидеме восхитени од некого на прв поглед, но за вистинска љубов се потребни време и подлабока поврзаност со саканата личност. Постои разлика помеѓу вљубеност и сакање. Вљубеноста е водена од импулсот на страста и физичката привлечност, а сакањето има многу подлабока основа и не може да се поврзе со љубовта на прв поглед.

Впрочем, често и не се работи за љубов на прв поглед, туку за страст и флуид на прв поглед. За да се разгори љубовта, потребни се многу нешта, додека за страста доволна е магнетската привлечност. Вљубувањето е магија, а вистинската љубов е процес, давање, таа е избор, бидејќи кога ќе исчезне вљубувањето, ние избираме дали и понатаму ќе го сакаме својот партнер или ќе го напуштиме. Еротската љубов произлегува од потребата за интимно зближување со партнерот, таа потешко ќе се одржи ако единствено се базира на телесна привлечност. За разлика од неа, многу љубовни односи опстојуваат и без вљубување. Имено, некои лица постепено почнале да го засакуваат партнерот без оглед што првично не чувствувале силна страст и емоционална приврзаност кон него.

Способноста за сакање се развива и надградува, па како и сé друго, и љубовта е процес, акција и вложување.

Мудро ќе постапиме ако не се заљубуваме во нешто што сакаме да го видиме, туку во она што навистина е таа личност. Вљубувањето е како еден вид хипноза, бидејќи е полно со илузија и проекција, зашто во партнерот гледаме сé што сакаме да видиме и тоа е како да сме примиле наркотично средство. По одреден временски период, мозокот се презаситува и откако ќе заврши хормоналната привлечност, односно фазата на вљубеност, ние можеме да кажеме дека помалку го сакаме партнерот или дека сме преминале кон повисоката вредност – љубовта.

Основните темели на љубовта се довербата, грижата, приврзаноста и посветеноста. Тоа се компонентите без кои вистинската љубов не може позитивно да се развива.

Лицата кои вистински нé почитуваат и сакаат, не бараат постојано да им се докажуваме и да ги одоброволуваме, туку да бидеме опуштени, спонтани и позитивно насочени. Доколку дојдеме во ситуација да привлечеме  личност која не знае вистински да нé сака, тоа не значи дека сме должни по секоја цена да опстојуваме во таков однос. Затоа, неопходно е да си ги поставиме следниве прашања, со цел да ја преиспитаме љубовната перспектива во која се наоѓаме: Дали позитивно се надополнуваме, соработуваме и усогласуваме со партнерот? Дали можеме да излеземе на крај со животниот ритам и со животните навики на другиот, а притоа воопшто да не се запоставуваме себеси?

Кога постојат бескрајни расправии и караници, тогаш неизбежно ги уриваме темелите на љубовта.

За вистинска љубов, неопходно е да постојат: интензитет на блискост; време поминато заедно; вложување во односот; ментална, емоционална и физичка поврзаност; тест-период; преиспитување на заедничката животна визија; капацитет за справување со тешкотиите и способност за надминување на ограничувањата. Само така се кали и воздигнува љубовта, зашто ако умислиме дека сé е совршено, еден ден може сериозно да се разочараме. Љубовниот однос треба постојано да се зајакнува, да се исчеличи и да се воспостави како компатибилна целина која се преиспитува низ сознанието дека можеме да се потпреме и да му веруваме на другиот. Тоа е главниот темел на љубовта – да изградиме однос на заемно помагање, надополнување и стимулирање.

Вистинска љубов е кога се откажуваме од егоцентризмот и безрезервно ѝ се посветуваме на саканата личност.

Сепак, денес како да стана нормално љубовните партнери да не се третираат соодветно еден со друг, бидејќи секој влече на своја страна, очекувајќи другиот повеќе да љуби, попушта и вложува во врската. Таквото однесување создава емоционален јаз помеѓу двајцата, во кој едниот му вели на другиот: „Ти мене ми направи така, е сега јас ќе ти возвратам вака. Ти мене со таков пристап, е сега јас тебе со ваков пристап”.

Во љубовниот однос не е клучно, но е значајно да постои реципроцитет на емоција, енергија, посветеност и нежност. Проблемот се јавува ако доминира идеалистичката и жртвеничка љубов во која само едниот дава, вложува и придонесува, а другиот иако придобива, многу малку возвраќа. Во тој случај, треба да го поставиме прашањето: Дали се работи за патолошки тип на љубов; за вистинска љубов или за ниско ниво на самодоверба и емоционална несигурност вгнездена во психата на поединецот кој постојано се вложува и жртвува за другиот?

Во голем број книги од областа на популарната психологија се вели: битно е да љубиме; безрезервно да сакаме и да му се посветиме на партнерот, зашто љубовта е најскапоцената вредност без која не може квалитетно да се живее. Овие идеалистички концепции, иако не треба целосно да се игнорираат, сепак се далеку од суштината, бидејќи секој разумен човек очекува барем делумно да му биде возвратена или почитувана љубовната емоција. Многу автори со избрани зборови ја воздигнуваат величественоста на љубовта и мудруваат како треба да се љуби и колку е битно да ѝ се предадеме на љубовта со целото свое битие без да преиспитаат што се случува во стварноста. Тие забораваат дека секој човек има нужна потреба да придобие љубов и внимание, да доживее страст, да ги сподели емоциите и да почувствува оти и другиот е подготвен да ја почитува и возвраќа љубовта.

Како и сé во животот – вредноста на љубовта многу лесно се воздигнува и образложува низ убаво срочените зборови, но колку од сето тоа може да се воспостави или пронајде во практика? Делата се мерила на нештата, а не зборовите, така што клучно е да правиме разлика помеѓу еднонасочната љубовна вибрација и заемната блискост, сродност и посветеност. Секој треба да размисли дали и колку во односот со партнерот се присутни флуидот и љубовната вибрација или, пак, владеат убаво срочените зборови и лажните вредности. Поразително е што некои поединци опстојуваат во врска и тогаш кога не го сакаат партнерот, кога не чувствуваат сексуална привлечност, ниту некоја друга форма на привлечност. Дали опстојувањето во незадоволителен љубовен однос, можеби, произлегува од стравот да се биде сам?

Реално гледано, стравот е најголемиот непријател на љубовта. Стравувајќи од осаменоста, современиот човек си постави цел да биде во љубовно партнерство, но не и да биде во среќна љубовна врска. Тоа предизвика голем број лични фрустрации, незадоволство и отуѓување помеѓу партнерите. Како што пишува Бруно Шимлеша, многу пологично е да посакуваме личност со која нема да пополнуваме некаква животна празнина, туку со која ќе ја славиме животната полнота.

Кога опстојуваме во врската поради стравот од осаменост, тогаш најмногу се измачуваме. Некои и покрај недостигот на љубов и хармонија, остануваат заедно само поради децата, односно поради заедничката идеја – на едно место да се задржат имотот и материјалните придобивки или за да не ги разочараат блиските. Тие треба да знаат дека вистинската љубов не е поврзана со личните откажувања и жртвувања, туку со задоволството на сакањето и со уживањето во сродноста и посветеноста. Затоа, не треба да дозволиме наш стил на живеење да стане филозофијата – подобро да бидам со кого било отколку да бидам сам, зашто таквиот пристап неизбежно ги уништува убавата вибрација и вистинската смисла на љубовта.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)