ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: ВЕРБА

445

Вербата во позитивните вибрации на Божјата енергија кај човекот буди внатрешен мир, спокојство и согледба дека ништо не е случајно и дека секоја болка, радост, страдање и искушение се случуваат за да научиме нешто повеќе за себе и за вистинските вредности во животот. Одредени луѓе го избираат патот што води кон духовно просветлување, но многумина врват по патеката на неосознаеното и темно егзистирање. Во Новиот завет пишува дека доаѓа време кога ќе се водат духовни борби и секому ќе му биде дадено според делата негови. „Светиите уште повеќе ќе се осветат, а нечистите ќе станат уште понечисти”. (Откро. 22,11) Гревот, блудот и неморалот како сé повеќе да стануваат мода. Според отец Пајсиј Светогорски: „Некои гревот го сметаат за напредок, а она што е морално го сметаат за назадно. На оној што постојано е во неморал, неморалот не му пречи, веќе се навикнал. Затоа повеќе вредат оние што духовно се борат во светот, чувајќи ја чистотата на живеењето”.

Чистотата на живеење и научената животна лекција создаваат увид за вредноста и водат кон повисокото еволуциско скалило на постоењето. Од друга страна, секоја неосознаена грешка создава предуслови за повторно соочување со искушенијата  и учење лекции, сé додека целосно не платиме за тоа што ѝ го правиме на душата.

Во одредени општества, постојано се случува навидум спротивставените, но материјалистички сродни и духовно неосвестени поединци и групации да ја креираат колективната иднина и да влијаат врз напредокот на заедницата. Со слични нешта се соочуваме и во меѓучовечките односи, љубовта и работата. Понекогаш и судбината сака најзначајните животни лекции да ги добиеме токму од негативните и неморални лица. Со своето лошо однесување, тие нé потсетуваат дека некаде сме забавиле со личниот развој и дека треба повеќе да работиме на духовното подигање на сопствената личност.

Неубавите нешта се случуваат за да се освестиме, за да полагаме духовни испити и за да осознаеме многу нешта за напредокот на нашата душа.

На судбината не треба да гледаме со револт и огорченост. Таа ни е дадена од Бога, така што постои подлабока причина зашто се соочуваме со одредени животни проблеми и искушенија. Огорченоста од судбината е директен протест против Божјата волја и одбивање на можноста за подобрување на состојбата во која се наоѓаме. Болката е симптом на животот. Илузорно е да очекуваме дека може да опстојуваме во овој свет исполнет со многу морални борби и неправди без притоа да почувствуваме болка и да доживееме разни разочарувања. Сепак, константните кризи и внатрешни немири се знак дека имаме проблеми со душата.

Во овој свет сме дојдени поради еволуцијата на душата, подигнувањето на свеста и препознавањето и осмислувањето на својата животна мисија. Затоа неретко и негативните случувања се дел од Божјата промисла, која сака да го тестира нашиот дух и да испита во миговите кога нештата нема да се однесуваат како што посакуваме. Тоа не значи дека вечно ќе останеме во искушенија и дека ќе потклекнеме во борбата со негативните влијанија.

Кога ученикот е подготвен, духовниот учител се појавува. Тоа е основниот лозунг на духовноста. Секогаш кога духовно се будиме, искрено и посветено се покајуваме и почнуваме да чукаме на портата на позитивноста, тогаш ѝ Бог ни помага во настојувањата и го отвора патот што води кон смисла, мир и опуштеност. За да ги оствариме овие благородни цели, неопходно е енергијата да ја водиме според начелата на трпението и смирението. Во корелација со вербата, љубовта и надежта, тие се главни вредности за воспоставување духовен напредок и среќа.

Кога сме под удар на судбината, неопходно е да направиме сé што е потребно за да се извлечеме од проблемите, но откога ќе ги исцрпиме можностите, треба да се опуштиме и да му се препуштиме на божествениот извор на моќ и енергија. Препуштањето на внатрешната тишина (молитвата) и отворањето на умот за закрепнувачката сила на Бога создаваат чуда и имаат смирувачко влијание за душата. Посветените верници знаат дека креативната тишина и верата будат голема сила и мудрост, предизвикувајќи благотворно смирение во борбата со животните кризи и тешкотии.

Кога со свесен чин на волјата ќе продреме длабоко во молитвите и постепено ја развиваме мислата за светлоста, тогаш нашите тело, ум и дух стануваат поопуштени и приемчиви за позитивните вибрации на животот.

Библијата ни зборува дека во Исус Христос е животот, а тој живот за луѓето е светлост која создава духовна терапија, исцелува, трансформира и насочува кон мирот и спокојството на постоењето. За да се почувствуваат овие благодати, неопходно е да се верува, зашто верата е допирна точка со Божјата сила.  Според Норман Винсент Пил: „Ако човек оди во духовен храм и се вклопи во атмосферата што владее таму и само за неколку минути тишина успее да се сврти од негативните и деструктивни мисли што го вознемируваат и ако вистински релаксираните тело и душа ја потврдат верата во Бога, тој така се подготвува во себе за прифаќање на сила која ќе го оживее, а која непрекинато тече низ космосот”.

Луѓето се склони да бараат брзи решенија и очекуваат дека нивните проблеми прекуноќ ќе исчезнат. Сé е процес, согледба и соочување, така што мора да се размислува за излез од тешкотиите, но не треба да се претерува со силување на умот и да се создава притисок врз личноста. Континуирната ментална напнатост наместо да доведе до разјаснување, води кон непрекината збунетост. Затоа е потребно да се прекине напнатоста и да се ослободи умот од идејата „по секоја цена мора да успеам“. Неретко, во име на успехот, се плаќа исклучително висока цена.

Кога се иницира молитва и мислите се насочуваат кон Бога, тогаш ѝ се препуштаме на духовната сила и барем за миг се дистанцираме од проблемите со кои се соочуваме.

„Дојдете кај мене сите што сте уморни и оптоварени, и јас ќе ве одморам. Кој врви по Мене, нема да оди во темнина”. Тоа се зборови на спасителот Исус Христос, со кои тој нé повикува да го следиме и подржуваме Неговото поведение ако сакаме да бидеме просветени и ослободени од немирот на душата и заслепеноста на умот. Луѓето што се далеку од Бога никогаш не наоѓаат утеха и двојно се мачат. Тие трчаат по моќ, опседнати се од потребата за многу пари и се оддадени на ниски страсти. Лошо е доколку таквите управуваат со животите на луѓето и ги креираат (не)вредностите во општеството.

Според зборовите на светите отци: „Ако му служиш на црниот господар, уште овде животот ќе ти го направи црн. Ако му служиш на гревот, плата ќе добиеш од нечестивиот. Ако им служиш на добродетелите, плата ќе добиеш од Христа. И колку повеќе работиш за Христа толку повеќе ќе блескаш, ќе се радуваш“.

Бог непрестајно нé повикува кон Себе, но ние, обично, сме оддалечени од Него, и дури кога ќе се појави некоја опасност, итаме кон духовните вредности. Да се сака Бог, значи да се отфрли каењето поради минатото, грижата поради сегашноста и стравот во врска со иднината.

Спокојството многу тешко ќе го постигнеме ако проблемите постојано ги носиме со себе и не веруваме дека можат да бидат надминати. Кога ќе најдеме душевно олеснување, умот треба да го исполниме со корисни, позитивни идеи, полни со верба, надеж и визија.

Заклучокот е да не гледаме зад себе, туку да се пробиваме напред, затоа што животот секогаш оди напред – никогаш назад. Ќе го постигнеме тоа доколку сфатиме дека трпението е духовна одбрана, а смирението најмоќно оружје против нечестивите енергии на искушението.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)