ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Борба

972

Борбеноста, решителноста и иницијативноста се клучни фактори за постигнување напредок и позитивни резултати во животот. Малодушноста, недостигот на волја и ниското ниво на самодоверба се главните причини за стагнацијата и неуспехот. Како им пристапуваме на искушенијата, борбите и тешкотиите, таква ќе ни биде перспективата и состојбата во која се наоѓаме.

На ударите на судбината треба да одговориме со секојдневен труд, работа која секого ќе го направи активно, борбено и вредно суштество. Оставањето проблемите да се таложат и постојаното исчекување некој друг да нè извлече од кризата ќе ни создаде уште поголеми тешкотии и страдања во животот.

Има една кинеска изрека која вели: „Ако му дадеш на човека риба, ќе го нахраниш за еден ден, но ако го научиш да фаќа риба, ќе го нахраниш за цел живот“. Да се биде успешен во ловот на вредните нешта на животот, значи да се работи понапорно и подолго од другите и да се завладее со сопствената личност и судбина.

Секој од нас е предодреден да расте, да се менува, да стекнува нови искуства и да напредува како личност. Тешкотиите со кои се соочуваме не се конечни и еднаш засекогаш дадени. Со трпеливост, работа на себе, осознавање на вредностите и борбен дух – најтешките животни ситуации може да бидат надминати.

Сè во природата е подложно на движење, менување и трансформирање. Такво е и живеењето на луѓето – возбудливо, стабилно и полно со радост, мир и инспирација, но многупати немирно, подложно на негативни промени, тешкотии и неизвесности. Промената е вечна сила која никогаш не умира. Според античкиот филозоф Хераклит: „Сè се менува и сè се појавува ново и одново, како што сонцето е ново секој ден“. Асоцијацијата е дека сè е подложно на минливоста, секој предмет, секое суштество и секој настан си имаат свој почеток и свој крај. Противставените сили ја определуваат промената, а борбата е обележје на сè што постои.

Животот е една голема борба. Се бориме за своето здравје, за успех во работата и за постигнување мир со себе; се бориме против разни загадувања на духот и телото; бараме начин да ги избегнеме алчните, неморални и себични поединци; водиме внатрешна борба со изневерени очекувања и натрупани разочарувања; под удар сме на надворешни притисоци за подреденост, послушност и подобност итн. Постои борба за чист воздух, за добро платено работно место, за чесен и искрен однос со партнер/ка, за напредок на семејството, за некористољубиви пријателства, за излез од криза и уште многу други борби кои нашиот живот го прават напнат, неизвесен и проблематичен, но и интересен, возбудлив и благопријатен.

Борбата за посреќна иднина никогаш не умира. Таа е клучна за да постигнеме нешто значајно во животот. Колку и да се обидуваме да ги избегнуваме проблемите и тешкотиите, тие ќе продолжат да бидат дел од нашето живеење. За да успееме да го неутрализираме нивното влијание неопходно е да го јакнеме својот дух, да ја облагородуваме својата душа и да научиме да се носиме со нештата кои не можеме да ги промениме. Затоа не треба да се бориме со лошите одлуки од минатото и да стравуваме од перспективите на иднината, туку да се фокусираме на мигот на сегашноста, бидејќи најголемата борба не е зад нас и далеку пред нас – таа се наоѓа длабоко во нас. Кога ќе ја победиме сопствената малодушност, ќе најдеме решение за емоционалната ранливост и ќе се ослободиме од чувството на вина за случките од минатото, тогаш ќе почнеме да се движиме по патот на успехот, мирот и хармонијата.

Според законот на природата „некој се движи кон врвот, некој кон дното, тој што се искачил на врвот, треба да биде подготвен за симнување, а тој што е на дното, треба да почне да се искачува кон врвот“. Постојаната пасивност и непреземањето ништо за да се реализираат вредностите е најголемиот противник на напредувањето. Одржувањето статус кво (првобитна) ситуација неретко претставува движење кон дното, зашто се губат потенцијалите, биолошкиот часовник отчукува, нештата се менуваат длабоко во структурата на човекот, но и надвор од човекот. Затоа е подобро да се направи првиот чекор, отколку вечно да се сонува и чека вистинскиот момент за активирање на виталната енергија. Времето изминува, а нештата остануваат непроменливи за поединецот кој нé дејствува. Големо знаење е да разбереме дека  корисно „потрошеното“ време е лек за душата, визија за умот и среќа за животот.

Никој не може да оди против времето – тоа е најнепристрасниот судија на нашето живеење. Како што вели Висарион Белински: „Најголемиот, најгенијален и непогрешлив критичар е – времето“.

Најголемата тајна за постигнување среќа во животот е да се фокусираме на сегашниот миг, заблагодарувајќи му се на бога што постоиме и што можеме да бираме. Ништо не е повредно од мигот на сегашноста и определбата низ борба, силен дух и решителност да создаваме позитивни промени во своето живеење. Клучот е да уживаме во мигот, користејќи ја секоја можност за духовно осознавање и за реализирање на сопствените вредности. Среќните и хармонични мигови никогаш не се поврзани со размислувањата за негативните состојби од минатото и со копнежливите мисли насочени кон иднината, туку со мигот на позитивната енергија проникнат од духот на сегашноста.

Хрватскиот филозоф Павао Вук-Павловиќ укажал: „Стремејќи се кон иднината, човекот трајно мора да се стреми кон вредната сегашност, постојано мора да мисли сегашниот миг да не му избега неоплоден со вредност, борбеност и духовност“.

Да се живее млитаво, пасивно и апатично претставува пораз за духот и показател за ниските вибрации на постоењето. Да се биде силен, енергичен и борбен подразбира храброст, волја и способност да се издржат најтешките удари на судбината. Вредноста е во карактерот и стремежот да се биде насочен кон повисоките вибрации на постоењето водени од моралот, доблеста и позитивната енергија.

Како што железото се кали на најсилниот оган, така и човековиот дух се преиспитува во најголемите борби и тешкотии. Многумина потклекнале пред притисокот и се определиле да ги повредуваат другите луѓе и да го уништуваат напредокот на  семејството или општеството. Подреденоста на нечестивата енергија е знак дека човекот ја изобличил душата, го загубил духот и целосно се ставил под власт на егото и ниските вибрации на телото. Лошо е кога таквите поединци извршуваат видни општествени функции и го креираат патот за „напредок“ на заедницата. Кога алчноста, лагата, егоизмот, ниските страсти и духовната неосвестеност ќе извојуваат победа врз моралот, вистината, чесноста, хуманоста и духовноста, тогаш ништо добро не може да очекуваме од државата во која живееме или од таквиот тип на луѓе со кои се сретнуваме.

Излезот е да се бориме за зачувување на праведноста, вредноста и позитивноста, но ако согледаме дека некои нешта се пресилни за да ги промениме, неопходно е да се повлечеме во самите себе и активно да работиме на воспоставување на мирот, хармонијата и смислата на сопственото постоење. „Ако не можам да влијаам на нештата надвор од мене, должен сум да го пронајдам патот што води кон мирот со самиот себе“. Оваа мисла треба да биде наша идеја водилка која ќе ни помогне да се справиме со личните стравови, борби и неизвесности. Секогаш треба да размислуваме далекосежно, но да дејствуваме непосредно. Тоа подразбира фокусот да го ставиме врз сопствениот мир, достоинството на личноста, чистиот образ и подигнувањето на свеста. Кога ќе успееме самите себеси духовно да се осознаеме и направиме среќни, ќе можеме позитивно да ги мотивираме другите да тргнат по патот што води кон мирот, убавината и хармонијата на постоењето.

 

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)