Љубовта може да ја повикуваме, но не можеме да и диктираме кога, како и каде ќе се појави!

Дали откако ќе ѝ се предадеме на љубовта, таа може да се однесува непредвидливо и неправедно кон нас?

Љубовните емоции може да ги насочиме кон другиот човек, татковината, работата, животните, односно кон многу нешта надвор од нас, но и кон нештата кои се присутни длабоко во нас. Сепак, љубовта е многу помоќна доколку е насочена кон другите, но воедно и кога е возвратена од другите. Тогаш добиваме сила и енергија, кои мотивирачки влијаат врз нашиот дух и го ориентираат кон поубавата страна на животот. Затоа, една од главните цели е да ја доживееме, споделиме и развиваме љубовта, бидејќи животот е празен без љубовта.

Денес како да стана голем проблем токму прашањето на љубовта. Кога ќе ја доживеам љубовта, кон кого да ја насочам, колку можам да се надевам, дали постојано ќе биде присутна во мојот живот или со текот на времето ќе исчезне? Не постои човек кој не размислувал за овие прашања, посебно доколку копнежливо и со трепет во душата исчекувал љубовта да се всели во неговото срце. Сепак, се променија концептите на размислување и дејствување, така што брзото темпо на живеење, актуелноста на пандемијата, потребата за многу пари, желбата да се напредува или да се успее на професионален план, како да го дистанцираа човекот од импулсите на љубовта, односно од миговите на нежност, посветеност и интимност со саканото лице.

За напредок на човекот и човештвото неопходно е љубовта да претставува суштинска цел, без оглед дали миговно или трајно ќе се всели во неговото срце. Историјата познава луѓе кои ја развивале и негувале трајноста на љубовта. Таква била Мајка Тереза, која несебично се грижела за болните, слабите и изнемоштени жители на Калкута. Нејзина максима била: „Ако не можеш да направиш големи нешта, направи мали, но со голема љубов”.

Многумина љубовниот импулс го иницираат кон професијата и рефлектираат желба за творење и придонесување за заедницата, други кон своето домашно милениче, трети кон учењето и потребата да се градат и воздигнуваат како личност. Дилемата е зошто кон луѓето како да е најслабо изразена константноста на љубовта? Виновникот за таквата состојба, веројатно, се наоѓа во нашите превисоки очекувања. Ако вложувањето во трудот, знаењето, личниот развој и домашното милениче може да донесе одредени задоволства или создаде позитивни резултати, тоа може да недостига во релациите со луѓето, кои нé разочарале со својата неблагородност и себичност, без оглед што сме ги опсипувале со голема љубов и посветеност. Таквите искуства прават да се насочиме исклучиво кон себе и да се дистанцираме од одредени лица, осознавајќи дека не вреди премногу да се вложува во другите.

Тоа може да предизвика свртеност кон сопствените интереси, а поретко кон партнерот, кого неретко неоправдано го обвинуваме дека недоволно се вложува во љубовниот однос. Сето ова придонесува да се вртиме во еден маѓепсан круг на меѓусебни обвинувања и да манифестираме незадоволство од врската. Излезот нема лесно да го пронајдеме, освен ако ги намалиме очекувањата и сфатиме дека е нереално да бараме партнерот во секое време и на секаков начин да нé надополнува и задоволува на љубовен план. Од друга страна, доколку заклучиме дека сме направиле погрешен избор на партнер, неопходно е да се дистанцираме од „неподобниот” и да избегнеме уште поголеми разочарувања на љубовен план.

Не можеме да ги спречиме другите да нé сакаат, ниту сосила да ги натераме да нé засакаат.

Денес е најприсутна еротската љубов, бидејќи луѓето не сакаат емоционално да се врзуваат, па им даваат предност на страстите и на краткотрајните љубовни врски. Во современото живеење може да се сретне и патолошката љубов манифестирана од страна на родителот кон детето и обратно. Таа доаѓа до израз, доколку родителот премногу авторитарно и надмоќно се наметнува врз животот на младиот, не овозможувајќи му самостојност и автономија во градењето на интегритетот и идентитетот на личноста.

За да ги избегнеме проблемите во градењето на карактерниот профил на личноста, неопходно е да се осамостојуваме и да тргнеме кон позитивниот правец на животот. Од друга страна, проблеми може да се појават, доколку младите тотално зависат од сугестиите на родителите и не градат способност за самостојно управување на сопствениот живот.

Човекот има потреба од одредена припадност, кон која би  можел да ја насочи својата љубовна емоција. Тоа може да биде припадност на одреден народ, држава, град, спортски клуб, политичка партија итн. Постои и универзална љубов, произлезена од потребата да го сакаме светот, луѓето, природата и да манифестираме алтруизам и емпатија кон повисоките вредности на животот. Мнозина емоционално се вознемируваат доколку забележат дека се уништува природата и еко системот, односно се повредуваат и погубуваат животните. Сепак, најважна е љубовта на човекот кон човекот – таа претставува најсовршена љубов, бидејќи создава најголема одговорност и буди најблагородни емоции. Природата треба да ја сакаме, но не можеме да измериме колку вистински ја сакаме. Односот со другиот е неопходен за човекот да се почувствува жив. Можеме само да ја замислиме љубовта на пустиот остров каде нема со кого да споделиме емоции и искажеме топли зборови. Токму преку другиот (тој може да претставува и пекол за нашата личност, смета Жан-Пол Сартр), ние се воздигнуваме себеси и ја креираме  суштината на љубовта. Главното прашање е: кој е тој другиот? Кон кого се насочуваме и со кого ја споделуваме енергијата, емоцијата и комуникацијата?

Клучот на успехот во љубовта е да ги утврдиме приоритетите и да откриеме што може да очекуваме од врската во која се наоѓаме.

Ако поставиме цел сé да биде совршено и сé што посакуваме да добиеме, максимално ќе се разочараме. Но, ако ги определиме приоритетите и ги потенцираме вредностите што нé придвижуваат кон другиот, тогаш шансите за градење перспективен однос целосно се зголемуваат. Проблемот е што сé помалку се размислува за потребите на другиот, туку приоритетот се става исклучиво кон сопствените желби и потреби. Наместо емпатија, безусловна љубов и посветеност се експонира сфаќањето: Што има јас тебе да ти давам; што има јас толку време да трошам на тебе, дај и ти направи нешто за мене.

Емоционалните импулси почнаа постојано да се мерат, без да се води сметка оти вистинската љубов подразбира безрезервно сакање и посветено насочување кон партнерот. Кога преовладуваат калкулациите и мерењета „колку добивам и колку давам”, тогаш илузорно е да се надеваме на среќна и хармонична љубовна иднина. На тој начин, наместо посветеност, доверба и сродност, партнерите почнуваат да експонираат некои други приоритети. Имено, мажот поинтензивно излегува со другарите, па за време на викендите можеби оди на натпревари, во обложувалници или кафеани, а жената почесто оди на шопинг, во кафулиња или на седенки со другарките. Или, пак, едниот премногу се насочува кон децата, а другиот фокусот го има кон работата. Сé прават, само не и да најдат интерес за поминување повеќе време заедно – исполнето со љубов, нежност и интимност. Бегството од љубовта го иницира јазот на отуѓување и создава проблеми во врската. Тоа предизвикува и двајцата да чувствуваат одредени фрустрации и да не ги забележуваат позитивните страни на односот, туку да бидат завладеани од законот на отпорот и негативната вибрација.

Заклучокот е дека нема да има напредок во љубовта, доколку врската е водена од его-борбите, различните приоритети и недостигот на емпатија за потребите на партнерот.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)