ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Астрологија

1651

Со влегувањето во ерата на Водолија, астрологијата почна со мошне брзо темпо да се наметнува во современиот начин на живеење и да се експонира како дисциплина која заслужува поголемо научно внимание и емпириско истражување.

Таквите околности придонесоа во многу држави да се отворат приватни астролошки факултети и интердисциплинарно да се предава на одредени универзитети. Впрочем, според релевантните критички процени, астрологијата отсекогаш вршела големо влијание врз културолошката ориентираност на луѓето во старата, како и во современата цивилизација.

Нејзиниот подем се должи на методолошката оспособеност на врвните астролози да ја претстават како егзотерична и трансцендентална научна област, која претпочита низ симболичка призма да го согледа влијанието на планетите и на небесните тела врз живата и неживата природа на Земјата.

Сознанијата се дека астрологијата тендира факти, кои не смеат да се потценат ниту во културна, ниту во цивилизациска смисла, бидејќи поседува свои законитости, аксиоми, принципи, без оглед на различните, често и спротивставени школи.

Согледбата „како што е горе, така е и доле”, асоцира дека човекот како микрокосмос е тесно поврзан со макрокосмосот, претставен преку констелациите на ѕвездите и космичките законитости. Ако тоа го анализираме од филозофски и астролошки аспект, проучувањето на интеракцијата помеѓу космосот и човечкиот ум и душа претставува обид за познание на метафизичкото и езотеричното, како и за пронаоѓање на патот по кој индивидуата доблесно и етички ќе ја пропатува мисијата на сопственото постоење.

Кога човекот во текот на животот ќе согледа дека околностите во кои се наоѓа се резултат на неговата духовна состојба и кога ќе констатира дека астрологијата може да му помогне да ги реши егзистенцијалните дилеми, внатрешни борби и морални искушенија, тогаш му е полесно да се бори против сето она негативно што го држи во длабочината на сопствената личност. Тогаш човекот почнува да го сфаќа животот на еден поинаков начин. Осознава дека постојат некои судбински (кармички) фактори, кои имаат за цел да го зајакнат неговиот дух и тело, но исто така дека ја поседува и слободата на волјата, без која моралната одговорност и смислата на животот ја губат својата суштинска вредност.

Во ерата на технолошкиот напредок, галопирачката индустријализација и глобализација, човекот незадоволен од духовната состојба во која се наоѓа и од јаремот кој му го наметнуваат негативните општествени фактори, своите надежи и очекувања како сé повеќе да ги насочува кон сферите на мистичкото, космичкото и езотеричкото. Тоа придонесува вредноста и значењето на астрологијата постојано да се зголемува, зашто таа со својата структуралистичка и космобиолошка детерминираност ни овозможува да сфатиме со какви кармички и психофизички предиспозиции се раѓаме и во што се состои нашата животна должност и етичка мисија.

Впрочем, сé поголемата човекова насоченост кон себепознанието и духовните вредности ги прави привлечни и предизвикувачки сите оние концепции што можат да го хармонизираат и подобрат неговото живеење. Ориентацијата кон спиритуалното, окултното и мистичкото, поединецот неминовно го приближува и кон астрологијата, како кралица на сите гностички, симболички и научно недоволно истражени учења. Астролошката љубопитност првично е насочена кон влијанието на Сонцето (зодијачкиот знак на раѓање), а потоа и кон егзистенцијалната специфика согледана преку анализата на наталната карта. Тоа придонесува во меѓусебната комуникација луѓето неретко да си го поставуваат прашањето: „Во кој зодијачки знак си роден(а)”.

Лицата, пак, кои сметаат дека астролошката анализа може да им помогне во решавањето на животните дилеми и околности, одат на консултација кај професионален астролог и се интересираат за судбинската предопределеност и за перспективите на сопственото постоење. Таквите настојувања нужно придонесуваат улогата на астрологот како психо-филозофски советник, сé повеќе да се зголемува и наметнува во современото општество.

Концепцијата на модерната западна астрологија укажува дека „на ѕвездите треба да им се верува, но не треба да им се робува“, односно дека „ѕвездите укажуваат, но не присилуваат“. Затоа вистински учениот астролог не смее фаталистички и исклучиво прекогнативно да ги толкува планетарните констелации во наталниот хороскоп, туку да укаже на позитивните можности и слабости со кои индивидуата ќе се сретне во текот на животот.

Неговата суштинска интенција треба да преферира коректно и аналитичко согледување на астролошките предиспозиции и да даде позитивни психолошки препораки, кои треба да помогнат како некој проблем да се надмине или одбегне.

Астрологијата во својата методолошка и астробиолошка структурираност ја носи и способноста за проникнување во каузалните (причинско-последични) односи кои се рефлектираат врз човековиот живот, што придонесува да се третира и како предвидувачка, но не и како предодредувачка дисциплина. Сепак, таквата интенција не ја фаворизира констатацијата дека астрологот е безгрешен и дека умее најпрецизно да ги предвиди индивидуалните и колективни судбински настани.

Напротив, современата „научна” астрологија во преден план не ја става тенденцијата за прорекување (или предодредување), туку можноста за давање корисни филозофски и психолошки совети. Впрочем, како што укажал и античкиот филозоф Хераклит: „карактерот на човекот му е судбина“, така и етички доблесниот астролог треба да го поттикне поединецот морално, разумно и духовно да се воздигнува и со негување на вистинските вредности да ја хармонизира и подобри својата судбина.

Суштината на аналитичката астрологија е да го мотивира поединецот преку осознавањето на потенцијалите на сопствениот зодијачкиот знак да си ги согледа психофизичките карактеристики и храбро да ита кон реализирањето на животната должност и мисија. Асоцијацијата е оти не е воопшто случајно што некој е роден во знакот на Скорпија, друг во Јарец, а трет во Бик итн.

Зашто, со раѓањето во периодот кога Сонцето (според тропскиот зодијак) престојува во некое од соѕвездијата, се добиваат одредени телесни и карактерни посебности, кои човекот со својата слободна волја и со влијанието на социјалните фактори, понатаму успешно или неуспешно ги имплементира во животот. Иако со анализата на Сончевиот знак не може да се воспостави вредноста на астрологијата, ниту да се укаже на кармичката предопределеност, сепак Сонцето е мошне значаен фактор, кој делумно го детерминира човековото однесување и придонесува за препознавање на сопствените и туѓите психофизички карактеристики.

Затоа препорачливо е секој да се запознае со основите на својот зодијачки знак, да ги согледа спецификите кои произлегуваат од неговото влијание во доменот на љубовта, работата, здравјето, емотивните односи и со тоа да си го олесни патот кон хармонизацијата и себереализацијата.

Имено, родените во знакот на Овен неопходно е да сфатат оти иницијативноста, борбеноста и независноста се гаранција за постигнување успех и стабилност во животот; Раковите дека вредноста и суштинскиот приоритет се наоѓаат во мирот и хармонијата присутни во семејната атмосфера, како и од емотивната исполнетост; Лавовите дека со изолација, потиснатост и страв, односно без иницирање на оптимизам, страст, гордост и експонирање, нивната личност ќе биде нереализирана и со неавтентична карактеризација произлезена од спецификите на својот знак итн. Значи секој се раѓа со конкретна психофизичка структурираност и со одредена духовна мисија, кои можат да бидат согледани токму преку суштинските начела на сопствениот зодијачки знак, а потоа и преку анализата на целосната натална карта.

Впрочем, не е случајно што големиот психоаналитичар Карл Јунг користејќи ја астрологијата во својата психијатриска практика, човековиот карактерен профил го одредил според 12-те зодијачки знаци, толкувајќи исто толку психолошки типови на личност. Затоа асоцирал дека астрологијата треба да се смета за претходница на модерната научна психологија.

Како заклучок ќе наведеме дека астрологијата нема за цел да ја потенцира човековата подреденост на влијанието на ѕвездите, туку да укаже дека поединецот со воспоставените духовни вредности и со самоспознанието, постојано ќе ја има можноста за автономно и независно креирање на сопственото постоење.