Живи статуи синоќа им „одиграа“ танго на скопјани/ ФОТО

1777

Синоќа на сквер „Јадран“ живи статуи во бела, црвена, зелена, жолта боја им „одиграа“ танго на скопјани – некои осамени, некои во пар и измамија насмевки од присутните на фестивалот „Статуафест“ кој како и секоја измината година концептуално раскажува приказни.

Фото: Н.Батев

– Оваа година (шесто издание) се раскажува за претворањето на Скопје во една мала, но сепак – огромна уличка сместена некаде во некој раздвижен простор во длабочините на духот на аргентинското танго, тежнеејќи да ги видиме и запознаеме оние страсни скопјани кои со сиот свој дух лудуваат по тангото „премачкани“ во тој разигран уличен миг на евергрин – велат од здружението граѓани „Тим Театроск“ кои се организатори на фестивалот.

Називот на годинешниот „Статуафест“ е “Другото лице на улицата“ каде уличната уметност преку живите статуи ќе се обиде заклучно до сабота (25 јуни) да ги забавува скопјани.

„Тим Театроск“ е улична театарска продукција која работи уличен театар, улични промоции и настани со сличен карактер. Она по што е препознатлива ова продукција се пантомимските улични точки и уличните подвижни статуи, како поединечни, така и во акт, т.е. слика.

Во продолжение погледнете ги фотографиите на фоторепортерот на весникот ВЕЧЕР – Наќе Батев.