Книга за тетовското село Вратница насловена „Вратничка енциклопедија“, на авторите Душан Синадиноски од САД и Стево Томоски од Македонија, која неодамна е објавена, ќе се промовира на 16 јуни во ова македонско село. Значајно е што во книгата читателот може да најде многу податоци за Вратница, за целиот период на нејзиното постоење за којшто има пишани документи. На промоцијата ќе присуствува и Синадиноски кој од САД пристигнува за овој настан…

Кога е пишувана „Вратничка енциклопедија“ и што содржи книгата?

Авторите, Душан Синадиноски во САД и Стево Томоски во Македонија, на текстовите и на прибирање податоци работеле 4 години. Една ипол година е работено на концептот, на техничкото уредување и преломот, со континуирано дополнување со нови податоци и фотографии. На 280 страници по азбучен ред се опишани: поважни историски настани, историски личности и личности што придонеле за афирмација на Вратница, топоними од атарот на Вратница, карактеристични јадења… Тука се и женските и машки имиња кои се користени низ вековите, народни обичаи, разни карактеристични настани, изреки и клетви, легенди и преданија, домашни животни кои се чувале во семејставата, маала и родови од Вратница. Во книгата може да се прочита и за занимања и фирми што постоеле и кои денеска егзистираат во селото, воденици, бачила и трла, текстови на разни патеписци и научни трудови за Вратница, имиња на учесници и жртви во првата и втората светска војна, како и верски локалитети и објекти, културно историско и уметничко наследство. Опишани се и сите делови од машки и женски носии.

Што е посебно атрактивно за читателите во оваа книга?

Содржани се податоци и информации добиени почнувајќи од првиот турски попис од 1452, па наваму низ историјата, како и податоци кои се преземени од претходни трудови кои се однесуваат на Вратница од автори кои потекнуваат од селото, како што се проф. д-р Славко Милосавлевски, Душан Атанасовски… Значајно е тоа што читателот на едно место може да најде многу податоци за Вратница за целиот период на нејзиното постоење за кој има пишани документи. Акцент е ставен на доблестите кои ги имаат вратничани како интелигентни, вредни, образувани, секогаш со напредни сфаќања и погледи кон иднината, големи борци и патриоти за својот роден крај. Во книгата се опишани потеклото и останати податоци за 18 родови, односно маала, кои постојат и денеска во Вратница и тоа: Шишковци, Данќевци, Доброќевци, Пеовци, Тодоровци, Костанеќевци, Маџиќевци, Машкоќевци, Мојсиќевци, Крагуљевци, Дабоќевци, Папуџини, Васиљевци и Коеќевци.

Какви документи се користат во книгата?

Книгата изобилува со постари и понови фотографии на личности, места (топоними), документи, цитати посветени на Вратница и редица други податоци.

Еден од поинтересните историски документи е дозволата за влез во САД од 1910 година на жител од селото (Ѓеро Ѓорѓи Антов од фамилијата Степановци) во која пишува дека доаѓа од Вратница, Македонија, држава Турција. Во документот е запишано неговото второ одење во Америка (на 1 јуни 1910), но и дека тој во САД престојувал и од 1905 до 1908. Во документот Вратница по грешка е пишана Кратница. Но како што кажал Ѓеро Антов така и стои – дека доаѓа од Македонија, држава Турција. Вториот пат тој доаѓа кај браќата кои живееле во Сент Луис, Мисури. Документот е издаден од американската служба за емиграција.

Исто така во енциклопедијата се наоѓа и автентична фотографија од погреб на 18-годишниот Симче Настоски во 1944 година. Tој е еден од 13 младинци од Вратница и околните села кои бугарската војска во 1944 ги убива затоа што добива информации од шпиони дека им помагале на партизаните.

Книгата е напишана на дијалект кој се зборува во селото Вратница…

Кога требаше да одлучиме како ќе биде пишувана книгата, се консултиравме со стручни луѓе во оваа област. Се плашевме да не вложиме толкав труд и време и на крај да испадне „смешно“. Луѓето кои се занимаваат со оваа проблематика не охрабрија и ни посочија дека напротив, има многу малку пишани документи за дијалектите во македонскиот јазик, особено не на цели книги на локални дијалекти. Ова за нас беше сосема доволно да одлучиме книгата да ја пишуваме на наш вратничко-полошки говор. Верувајте дека не беше воопшто лесно, затоа што фондот на зборови со кои располага нашиот дијалект е ограничен и во одредени ситуации е многу тешко да се најде соодветен израз за да се каже тоа што се сака. И покрај тоа што нас ни е тоа мајчин јазик кој го зборуваме цел живот, многу е потешко тоа се стави на хартија, отколку да се пишува на македонски литературен јазик.

Живе Кировски
Живе Кировски

Како коавтор, кажете ни нешто повеќе за авторите Синадиновски и Томовски?

Двајцата автори се родени 1949 година во Вратница. Душан Синадиноски заминува во САД, долго време работел во Министерството за одбрана на САД, а имал приватна осигурителна компанија. Активен е и денеска во многу Американско – македонски здруженија, како и во МПЦ во Детроит. Сега е пензионер и живее во Детроит, САД. Стево Томоски цел работен век го поминува во Фондот за ПИОМ во Тетово, меѓу другото еден период и како началник на подрачната единица. Сега е пензионер и живее во Вратница.

Како е замисленa промоцијата на оваа енциклопедија?

Промоцијата ќе се одржи на 16 јуни (недела), со почеток во 18 часот, во просториите на ОУ Симче Настовски во Вратница. Предвидено е добредојде од директорката на ОУ, Дијана Петровска, настап на триото Кладенец со вокална изведба, осврт на вратничкиот дијалект од страна на проф. д-р Веселинка Лаброска од Институтот за македонски јазик и настап на женска пеачка група од КУД Кирил Пејчиновиќ од Теарце. Обраќање ќе има и од страна на авторите Томоски и Синадиноски, а промотор е д-р Бранислав Светозаревиќ. Во рамките на настанот ќе настапи и КУД Извор од Јегуновце, а ќе има и поставка на експонати со уметничка и културно историска вредност, штандови со локални фирми и занимања, културно уметничка програма.

За крај, кажете ни нешто повеќе за селото Вратница?

За Вратница има многу да се пишува и да се зборува, а дека е тоа така треба да се види и да се доживее ова преубаво подљуботенско место. На надморска висина од 750-800 метри, покрај самиот магистрален пат Тетово-граничен премин со Косово Јажинце, на 20 минути од Тетово и на 1 час до центарот на Скопје, со преубав и чист шарпланински воздух и изобилство на чиста изворска шарпланинска вода, со прекрасна река во чии води и песочни плажи. Тука го имаат поминато детството, младоста и животот сите генерации на Вратничани кои живеат во селото и оние кои доаѓаат за време на викенди. Вратница е урбана населба со најсовремена архитектура и прекрасно уредени дворови, со сите потребни инфраструктурни објекти, секогаш чисти и поткосени улици, современо основно училиште со прекрасни спортски терени достапни за секого. Селото има и пошта, месна канцеларија, стоматолошки и амбуланти од општа пракса, бензинска пумпа, модерни и добро снабдени продавници, ресторани, разни фирми кои тука функционираат, прекрасни верски објекти, историски места и споменици. Појдовна дестинација за освојување на врвот Љуботен, Ливадичко Езеро, Ливадица и останатите прекрасни падини на Шар Планина, во последно време стануваат се поатрактивна дестинација за планинари како од земјава, така и од странство, особено од Чешка, Словачка, Србија, Белгија и од многу други земји во светот. Прекрасни терени за планински велосипедизам и мотоциклизам. Посебно горди на својата Вратница и на нејзината богата историја и славно револуционерно минато. Вратничани се секогаш расположени со секој добронамерен патник да седнат и да му раскажуваат за Вратница и да направат секој да се чувствува како да е дома.