Живеат во населба, а во личните документи им стои дека се од Ново Село

423

-Ние бараме да си стои населба Даме Груев, а не Ново Село. Ние сме урбана заедница, а не месна заедница. Граѓаните реагираат зошто, ако е село не ги намалат комуналиите. Претходно, во документите за лична идентификација и патните исправи стоеше Ѓорче Петров. Името на нашата населба од осамостојувањето на државата до ден-денешен е Даме Груев. Тоа беше сменето со одлука на тогашна Општина Карпош, бидејќи тогаш немаше општина Ѓорче Петров – објасни Антевски и побара од институциите да објаснат дали причината за промена на името на населбата е некој од договорите, да не стои име на историска личност како што е Даме Груев

Жителите на населбата Даме Груев во општина Ѓорче Петров денеска со едночасовен мирен протест на улицата „Лука Геров“ кај раскрсницата до основното училиште „Страшо Пинџур“, почнувајќи од 11 часот, го искажаа револтот за бришењето на името на населбата од сите институции и документи (лични карти, пасоши).

-Станува збор за сложен проблем кој ни создава многу потешкотии и не ја прикажува вистинската слика за местото во кое живееме. Со овој протест бараме Општина Ѓорче Петров да одговори на нашите писмени барања и во координација со другите институции да најде решение на овој проблем – потенцираат жителите.

Игор Антевски, жител на населбата Даме Груев, вели дека кога пред еден месец вадел возачка дозвола, забележал дека во документот стои Ново Село, наместо населба Даме Груев, но и оти тоа се случува веќе околу две години наназад, како што луѓето си ги менуваат документите.

-Ние бараме да си стои населба Даме Груев, а не Ново Село. Ние сме урбана заедница, а не месна заедница. Граѓаните реагираат зошто, ако е село не ги намалат комуналиите. Претходно, во документите за лична идентификација и патните исправи стоеше Ѓорче Петров. Името на нашата населба од осамостојувањето на државата до ден-денешен е Даме Груев. Тоа беше сменето со одлука на тогашна Општина Карпош, бидејќи тогаш немаше општина Ѓорче Петров – објасни Антевски.

Тој повтори дека бараат во сите документи да стои населба Даме Груев, но и тоа институциите да објаснат дали причината за промена на името на населбата е некој од договорите, да не стои име на историска личност како што е Даме Груев.

Жителите на населбата Даме Груев, реагираат и на социјалните мрежи.

На фејсбук-страницата Ѓорче Петров, Бобан Бутрак Наумовски коментира: „Значи како и да вртиш името „Даме Груев” некој го избриша, а и со новото барање повторно го нема… дали тенденциозно како на државно ниво, така и на локално ниво „некој” сака да го избрише македонскиот револуционер Даме Груев? Дали некој свесно го уништува сè она што е Македонско и Македонска гордост која асоцира на Македонија?“.

Жаклина Костиќ Јакимовска вели дека жителите не треба да го прифатат ова.

-Не е само лична карта за да се смени. Тоа се еден куп документи – потенцира таа.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски на својата фејсбук-страница напишал известување во кое вели дека по барање на жителите на населбата Даме Груев, Општина Ѓорче Петров се обратила до Град Скопје како надлежна институција, барајќи да се изврши корекција во личните карти на жителите на Даме Груев, односно наместо населено место Ново Село да се впише името на улицата и бројот со населеното место Ѓорче Петров како живеалиште.

-Град Скопје од своја страна има доставено барање до Централен регистар да се изврши бараната корекција. Согласно член 8 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти не може да се врши промена на имињата шест месеци пред одржување на редовните локални избори и една година пред планиран попис. Очекуваме дека по спроведувањето на пописот и локалните избори, во меѓусебна комуникација помеѓу Централен регистар и Министерството за внатрешни работи, позитивно ќе се реши проблемот, согласно барањето на граѓаните на УЗ „Даме Груев“ – објаснува Наумоски.

(А.П.)