Жешко политичко лето пред есенските избори

95

Жешко политичко лето пред есенските избори се наѕира уште на четири месеци пред локалните избори. Партиите се растрчани, тимовите се екипираат, а на терен се засилува темпото да се дозавршат и сите проекти ветени уште пред четири години. Партиските бои се менуваат, скараните се смируваат, до крајот на летото ќе се знае дали кој со кого ќе се здружи во предизборна коалиција. Старо- нови ветувања и веќе позната реторика, уверувања дека Македонија ќе стане како Швајцарија, секој ден се исраќаат од партиските настани каде неретко се појавуваат можните кандидати за градоначалници, во друштво на партиските лидери.

Не се исклучува можноста некои од пратениците да бидат кандидати за градоначалници, а тоа, доколку нема предвремени парламентарни избори, би ја сменило и парламентарната структура.

Откако ДУИ ја претстави зелената платформа со фокус на екологијата и економијата, потврди дека соработката со СДСМ е одлична и оти не е исклучена можност за коалицирање за локалните избори наесен.

-Треба да видиме какви се интересите. Не знам. Да видиме кои и какви се интересите на граѓаните, пред се, на ДУИ, на СДСМ. Мој став е дека со СДСМ функционираме одлично во изминатите четири години од кога сме во Влада со нив и вреди да се размисли за коалиција. Но, сеедно, ние ќе настапиме со сопствена листа на советници, без оглед дали ќе одиме заедно или посебно – рече лидерот на партија Али Ахмети.

Веќе од следната недела СДСМ ќе почне со проверки преку теренски анкети за да добие информации што им е најважно на граѓаните во делот на номинацијата на кандидатите. Извори од „Бихаќка„ брифираат дека привршуваат и внатрепартиските анкети, за тоа кои ќе бидат партиските фаворити кои ќе трчаат во најтесниот круг за кандидидати за градски татковци.

Актуелниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов минатата недела потврди дека повторно ќе се кандидира за оваа позиција, а тоа го направи и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, посочувајќи дека ги надминал несогласувањата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

На терен постојано е и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која од вчера повторно започна со граѓански протести, барајќи увид во докуметот за кој се преговара со Бугарија. И лидерот на партијата Христијан Мицкоски и други опозициски функционери реализираат средби и посети низ целата територија на земјата. Велат дека за евентуална соработка се отворени со сите политички партии.

Веќе е извесно дека Алијансата за Албанците на претстојните локални избори ќе настапи во коалиција со Алтернатива, но останува отворена за соработка и со други политички партии. Како што наведуваат извори во партијата на брифинг со новинарите, раководството на АА нема да го скрати правото на нивните кандидати за градоначалници да коалицираат и да соработуваат со сите граѓани и политички партии.

Алијансата за Албанците во наредниот период ќе ги утврди имињата на кандидатите за градоначалници, посочувајќи дека граѓаните можат секојдневно да видат како се менаџираат работите во оние општини со кои раководат кадри од нивните редови и да направат споредба со останатите.

Од Беса има засега потврдени, но се уште неофицијални информации дека лидерот Билал Касами ќе се кандидира за градоначалник во Тетово, додека потпретседателот на Собранието Фадил Зендели во Гостивар.

Во Охрид беше промовирано учество на локалните избори на независна група граѓани.                                                                      (Ј.Ц.Г.)