Хрватските музичари активно им помагаат на луѓето кои неодамна настрадале во разорниот земјотрес во таа држава. Уште една песна за поддршка на сите оние несреќници од областа Бановина кои се иселени од своите разурнати куќи или згради. Славко Недиќ напиша музика по стиховите на Иво Чувало, а песната има наслов „Бановина у срцу“.

-Идејата е преку песната да помогнеме. Секој што поминал низ Бановина знае колку е убава и повторно ќе биде убава.Тоа е поентата на песната. Таа дојде од срце и навистина е сега тажна ситуацијата, бидејќи ниту ние во Загреб сè уште не сме се опоравиле од земјотресот. Но, ништо не може да ме потресе колку што имам сила во себе да ги споделам тие емоции, верба и надеж за подобро утре, вели Славко Недиќ.

Кон Славко се придружи и многу познатиот Жера од популарната група “Црвена јабука“ со своите колеги-музичари пеејќи ја оваа песна од чија заработка парите ќе одата на адресите на настраданите.

-Никој не е поштеден од трагедиите, а ова е страшно што се случи на Бановина. И јас помагам на свој начин. Текстот на песната е силен и емотивен и секогаш потенцирам дека емоцијата ми е најважна во песните и затоа решив да се вклучам во снимањето во овој хуманитарен проект, вели Жера, фронтменот на „Црвена јабука“.