Жените сѐ помалку ги има на пазарот на труд

Во вториот квартал годинава во споредба со истиот период лани процентот на неактивни мажи се намалил за 1,6 проценти, додека бројот на неактивни жени се зголемил за 1,8 проценти. Сега над 460.000 работоспособни жени се евидентирани како неактивни и тие сочинуваат над 62 процента од неактивното население во државата

111

Невработеноста во државата уште еднаш, овој пат во вториот квартал годинава, достигна историски најниско ниво.

Според податоците на Државниот завод за статистика во второто тримесечје од годинава во земјава имало 1.681.862 работоспособни граѓани од кои активни биле 945.412, од нив 795.271 вработени, а 150.141 невработени. Стапката на активност во овој период е 56,2, стапката на вработеност 47,3, додека стапката на невработеност се спушти на најниски досега 15,9 отсто.

Но, статистичките табели откриваат и дека и понатаму трае трендот на благ раст на неактивното население. Во вториот квартал има 736.450 лица кои се работоспособни, но ниту учат, ниту работат, ниту пак бараат работа. Со тоа стапката на неактивност во однос на истиот квартал лани е зголемена за половина процент, а тука најголемо влијание има поголемото пасивизирање на жените. Имено, ако за една година процентот на неактивни мажи се намалил за 1,6 проценти, бројот на неактивни жени во истиот период се зголемил за 1,8 проценти. Над 460.000 работоспособни жени во вториот квартал од годинава се евидентирани како неактивни и тоа се повеќе од 62 процента од неактивното население во државата.

Исто така, стапката на вработеност кај мажите, која според најновите податоци е издигната на 55,8 отсто и со тоа е многу блиску до просекот на Европската Унија кој изнесува 60 отсто, кај жените е сè уште многу ниска и изнесува само 38,7 отсто.
Според премиерот Зоран Заев Владата посветено работи на корекција на овој дисбаланс преку активните мерки за вработување. Годинава е воведен принципот 60 отсто од буџетот за мерките да искористат жени, а останатите 40 проценти да бидат поддршка на вработување на мажи.

-Земајќи ги предвид традицијата и нискиот опфат на деца во претшколска дејност, оваа Влада работи на изградба и отворање детски градинки низ целата земја како никогаш досега, што дополнително треба да влијае на активирање на голем дел од женската популација на пазарот на труд, објави премиерот на Фејсбук.

Независниот институт „Фајненс тинк“, пак анализирајќи дали мерките за вработување обезбедуваат еднаков пристап за мажи и за жени им препорачува на носителите на политики да ги зголемат буџетските средства наменети за имплементација на активните мерки за вработување и да воведат јасни квоти за опфат на невработени жени, како и континуирано да се залагаат за едукација, информирање и поттикнување на жените да се вклучат на пазарот на труд и/или да започнат сопствен бизнис.

Лани, според анализата, жените, како целна група, се таргетирани во само 2 од 14 активни мерки за вработување и тоа самовработување и субвенционирање на плати, но тоа не се однесува на сите активни барателки на работа туку за специфични категории, како кориснички на социјална помош, жртви на семејно насилство, стечајки и слично. Сепак, жени биле помал дел, или 41 отсто од корисниците на тие мерките.

-Само 32,8 од апликантите и 29,6 од корисниците на мерката самовработување во 2020 година се жени, а несигурноста, менталитетот и ограничен пристап до финансии се причини за незаинтересираноста на жените за оваа мерка, анализира Фајненс тинк.
За оваа година се наведува дека во Оперативниот план за активни мерки за вработување истите категории невработени жени се издвоени како посебни целни групи само во мерките за самовработување и субвенционирање плати, но според Оперативните упатства по барање на Владата, во мерката самовработување, учеството на жените треба да биде 60 проценти.

Анализирајќи ги овие состојби на пазарот на трудот Фајнанс тинк им предлага на носителите на политики да спроведат мерки за поттикнување на активноста на жените како што се мотивациски обуки и можност да учествуваат во активните мерки за вработување без да ја изгубат социјалната помош. За поттикнување на женското претприемништво, пак, се предлага зголемување на буџетот за имплементација на активните мерки за вработување, квота од најмалку 40 проценти учество на жени во мерката самовработување која со секој нареден план би се зголемувала, помали трошоци и процедури при основање компанија и помош на компаниите помлади од три години, зголемување на пристапот до финансии за компании основани или управувани од жени, преку грантови, поволни кредити, инвестициски фондови и слично.

(С.В.)