Повеќе од третина од граѓаните во најголемите градови, односно 37 отсто, имаат навика секогаш или често да селектираат отпад. Најмногу одвојуваат пластика (82%), потоа стакло (42%) и хартија (34%).

Жените и повозрасните од 45 години селектираат многу повеќе, отколку мажите и помладите до 45 години.

Како најчеста причина зошто не селектираат отпад, граѓаните наведуваат дека е недостапноста на контејнерите за селекција на отпад, а огромен процент од нив  (94%) изјавуваат дека ќе селектираат доколку имаат контејнери во близина.

Ова се податоци што ги покажа најновата анкета на „Пакомак“, која, како дел од Стратегијата за подигнување на еколошката свест, беше спроведена во февруари годинава. Со неа, како што велат од компанијата, се бележи јавното мислење за свеста, навиките и за однесувањето во селектирањето на отпадот од амбалажа и се детектираат потребите и се прецизираат насоките кон кои „Пакомак“ ќе продолжи со работа.

Истражувањето во однос на последната направена анкета во 2017 година покажа дека постои напредок во подигнување на свесноста за селектирање на отпадот, односно нешто повеќе од една третина (37%) од граѓаните во најголемите градови во државата имаат развиено навика секогаш или често да селектираат отпад, што во однос на 2017 година (33,9%) е пораст за 3,1 отсто.

Ова значи дека четири од десет граѓани од најголемите градови во државата секогаш или често селектираат отпад. Во ова истражување Прилеп и Струмица се градови во кои податоците покажуваат дека граѓаните селектираат повеќе во споредба со другите градови, за разлика од 2017 година, кога такви градови биле Битола и Скопје. Жените и повозрасните од 45 години селектираат многу повеќе, отколку мажите и помладите од 45 години. Заклучокот од истражувањето од 2017 година e дека младите од 18 до 30 години во значително помал број селектираат отпад останува да важи и според резултатите од овој круг.

Најмногу се селектира пластика, потоа стакло и хартија.

Најголем дел од граѓаните селектираат пластика (82%), стакло (42%) и хартија (34%). Овие граѓани кои изјавиле дека никогаш не селектираат отпад, сметаат дека главни причини за тоа се недостигот од контејнери/канти за селектирање (79%). Околу 35 отсто од испитаните граѓани изјавиле дека немаат навика за селектирање. За разлика од сега, во 2017 година само 11 отсто од граѓаните ја навеле навиката како причина што не селектираат.

– Овие анкети се од големо значење и се патоказ за состојбата во која во моментов се наоѓаме, но и ни го покажуваат патот кон кој треба да целиме. Чувствуваме големо задоволство кога ќе забележиме процентуален успех во однос на последната анкета направена во 2017 година. Општиот заклучок е дека граѓаните во урбаните подрачја имаат високо ниво на свесност и се запознаени за тоа кои се видови отпад можат да се селектираат и рециклираат. Пластиката, хартијата и стаклото се материјали за кои девет од десет граѓани знаат и се свесни дека можат да се селектираат. Додека само еден од десет граѓани е запознаен дека батериите, железото и лименките, можат да се рециклираат – вели главниот извршен директор на „Пакомак“, Филип Ивановски.

Втората анкета на „Пакомак“ беше спроведена на поголем број испитаници и во повеќе градови, во однос на таа во 2017 година. Беа опфатени 1.200 испитаници од сите старосни групи во Скопје, Куманово, Битола, Струмица, Тетово, Штип, Охрид, Прилеп и Велес.

Од 2017 година до 2019 година перцепцијата за достапноста на контејнери за селектирање отпад е зголемена од двајца на тројца од десет граѓани.

– Во земјите на ЕУ со висока стапка на свесност на рециклирање на отпадот, има еден сет контејнери за селекција (жолт, син и зелен) на 200 до 500 жители, во зависност дали е урбана или рурална средина. Тоа би значело дека кај нас требаат најмалку 4.000 локации за селекција или вкупно 12.000 контејнери за да може отпадот да се фрла селективно – вели Ивановски.