Жената што го обвини принцот Ендрју за сексуална злоупотреба откри која и била целта

70

Задоволна сум што судијата вчера дозволи мојот случај против принцот Ендрју да продолжи. Мило ми е што ќе имам шанса да продолжам со откривањето на вистината и многу сум благодарна на мојот правен тим. Нивната одлучност ми помага да барам правда од оние кои ме повредија мене, но и многу други. Мојата цел отсекогаш е да покажам дека богатите и моќните не се над законот и треба да одговараат за своите постапки. Ова го напиша на Твитер, жената што го обвини принцот Ендрју за сексуална злоупотреба, Вирџинија Џуфре.

-Низ овој пат не минувам сама, туку со безброј други лица кои преживеале сексуална злоупотреба и трговија со луѓе, завршува Џуфре во пораката на интернет.

Принцот Ендрју се соочува со граѓански случај во САД, откако Вирџинија Џуфре го тужеше, тврдејќи дека ја злоставувал во 2001 година. Тој постојано ги негира тврдењата.

Како што пренесе Би-Би-Си, Џуфре тврди дека била жртва на сексуална трговија и злоупотреба од страна на осудениот сексуален престапник Џефри Епстајн, тврдејќи дека била тргувана за да има секс со принцот Ендру, кога имала 17 години.

Вчера беше соопштено дека британската кралица Елизабета Втора му ги одзеде сите кралски и воени титули на принцот Ендрју. Тој ќе престане да го користи ословувањето Неговото кралско височество во службено својство, тврди кралски извор.

Извор близок до принцот рекол дека тој „ќе продолжи да се брани“ од случајот што го покрена Џуфре во Њујорк.

Во интервју за Би-Би-Си Ноќни вести во 2019 година, принцот Ендрју рече дека не се сеќава дека некогаш ја сретнал Џуфре, а нејзиниот извештај за нивен секс „не се случил“.