ЖАЛНА И ТАЖНА СЛИКА: СРЦ „Треска“ срамнет со земја, останати се само камп-приколките

2663

Моторни пили деновиве ги исекоа некогашните ресторани, бунгалови, тушеви, тоалети, гардероби, магацини. По наредба на Општина Сарај се срамнува со земја сè што порано го користеа скопјани кога езерото функционираше, а по неговото затворање, беа оставени на забот на времето. 

Фотографиите што ги направи фоторепортерот на весникот ВЕЧЕР, Ѕвонко Плавевски говорат сами по себе. Багери уриваат она што останало откако моторните пили ја завршиле својата работа. Кампери велат дека исечените делови како канделабри, железни и алуминиумските делови, како и дрвени греди и столбови се товареле во товарни возила без таблички и се изнесувале од местото на кое сега има само градежен шут

Жална и тажна е сликата денеска во некогашниот спортско-рекреативен центар „Езеро Треска“ во Сарај. Моторни пили деновиве ги исекоа некогашните ресторани, бунгалови, тушеви, тоалети, гардероби, магацини. По наредба на Општина Сарај се срамнува со земја сè што порано го користеа скопјани кога езерото функционираше, а по неговото затворање, беа оставени на забот на времето.

Фотографиите што ги направи фоторепортерот на весникот ВЕЧЕР, Ѕвонко Плавевски говорат сами по себе. Багери уриваат она што останало откако моторните пили ја завршиле својата работа. Кампери велат дека исечените делови како канделабри, железни и алуминиумските делови, како и дрвени греди и столбови се товареле во товарни возила без таблички и се изнесувале од местото на кое сега има само градежен шут.

И некои од камп-приколките полека се празнат, по известувањето што сопствениците го добија пред Нова година со која Општина Сарај им даде рок од 60 дена сами да ги отстранат од кампот кој беше подигнат во минатото (пред 30 години) по барање на тогашното раководство на градот Скопје.

Според Општината, оваа одлука следи откако Инспекторатот за животна средина утврдил загаденост на воздухот, нечистотија, застарена електрична инсталација, нефункционален водовод и канализација. Таму има лоцирано околу петстотини приколки од кои за 330 камперите плаќаат редовна годишна закупнина на општина Сарај.

Камперите не ги даваат своите приколки и преку нивното здружение најавуваат институционална битка за зачувување на кампот, иако од Општина Сарај велат дека не се вклопуваат во Деталниот урбанистички план кој е донесен пред нова година и со него се предвидува подигање на хотелски комплекси и викенд-населба. Тие ќе побараат поддршка од скопјани со чиј самопридонес беше изграден СРЦ „Треска“ преку собирање на потписи што ќе бидат поставени на неколку локации во градот.

Директорот на ЈКП „Сарај“ во изјава за медиумите вели дека ако сопствениците на камп приколките не ги дислоцират до 23 февруари, до кога е рокот за дислокација, Општина Сарај ќе ги премести, но на трошок на сопствениците на приколките.  

Поранешниот градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски вели дека тој и се спротивставил на владата на експремиерот Никола Груевски која ингеренциите за управување со СРЦ „Треска“ во 2011 година ги пренела на општина Сарај. И покрај неговото противење, одлуката била донесена и општина Сарај се обврзала да управува со спортско-рекреативниот центар според студијата која ја изготви Град Скопје, а која предвидуваше избор на концесионер што ќе го заживее градското езеро.

И додека на терен се расчистува сè што е цврста градба околу езерото, Владата сè уште не се произнела по барањето од општина Сарај за комплексот „Езеро-Треска“ да биде прогласен како туристичка развојна зона. Од Владата информираат дека барањето е проследено до надлежните министерства и кога ќе се расправа на владина седница, јавноста ќе биде навреме информирана.

– Препорака на Владата е доколку во новиот урбанистички план се одреди локација за кампови, тие што биле редовни во плаќањето на закупнината до сега, да имаат предност доколку истите имаат интерес за земање на земјиште под закуп за кампови – велат од Владата за РСЕ.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов деновиве изјави дека со езерото Треска е државен проект и сега ќе им се врати повторно на граѓаните.

– „Треска“ е од државен интерес и ниту тој како градоначалник на Град Скопје, ниту Блерим Беџети како градоначалник на Општина Сарај, не можат сами да оперираат со тој систем. Владата уште во 2017 година одлучи тоа место да стане туристичка зона, а Општина Сарај доби задолжение да донесе детален урбанистички план и да се влезе во реализација. Веројатно она што сега се случува на терен е имплементација на тој план – вели Шилегов.

Изградено пред речиси три ипол декади, езерото Треска се протега на површина од 136.000 метри квадратни со максимална длабочина од три метри. Иако има капацитет од 10.000 капачи во изминативе петнаесетина години е заборавено и непосетено. Изградено по иницијатива и самопридонес од граѓаните во 1978 година, ова езеро беше вистинската локација за разладување во жешките скопски денови. Со години скопјани уживаа во капење, сончање и риболов.

На Треска забраната за капење е поставена во 1998 година, и од тогаш наместо да се обнови езерото, се обновуваат само таблите. Забраната е ставена поради загаденоста на водата.

(С.Бл.) – Фото: Ѕвонко Плавевски