Битолскиот ракометен суперлигаш Еурофарм Пелистер, се пофали со новиот потпис на договор со средниот бек Марио Танкоски.  Дваесет и петгодишниот стружанец ја игра третата сезона во Битола, а со новиот договор ќе остане во дресот на пелистерци најмалку до 2025 година.

„Еурофарм Пелистер со особено задоволство ја информира јавноста дека ракометарот Марио Танкоски потпиша нов договор со нашиот клуб, заклучно со јуни 2025 година. Ова е продолжување на соработката со средниот бек за уште две сезони, со што клубот покажува континуитет и му укажува доверба на проектот и ракометарот. Тенденцијата најдобрите македонски ракометари да играат во нашиот дрес продолжува и во тој правец е следниот потпис. Танкоски дојде во Еурофарм Пелистер во пролетта 2020 година и со својот професионализам, пристап и човечност целосно се поклопува со клупските вредности“, се вели во соопштението на вицешампионот.

На крајот од минатата година Еурофарм Пелистер ги продолжи договорите со Цветан Кузманоски, Емилијан Ѓорговски, Ненад Костески и Павле Атанасијевиќ, така да скоро цел млад дел од тимот и во иднина ќе остане во Битола и ќе го носи „зелено-белиот“ дрес.