Македонскиот ракометен вицешампион Еурофарм Пелистер, претрпеа висок пораз на гостувањето кај Фуксе Берлин во рамките на Европската лига. Битолчани во рамки на 9. коло во Д – групата загубија со 34:25. За „пелистерци“ ова беше петти пораз, додека Фуксе Берлин ја забележа максималната деветта победа.

Во истата група изненадување направи украинскиот шампион Мотор Запорожје, кој триумфираше против Бидасоа Ирун, со 33:31. Младиот член на Мотор, Игор Турченко повторно имаше одлична парија и го предводеше својот тим во победата против Бидасоа, постигна 13 гола од 16 обиди.

Мотор со победата над шпанскиот тим, остана во игра за пласман во осминафиналето во второто по ранг европско натпреварување, бидејќи се уште има шанси за 4. позиција на табелата. Во последното коло Еурофарм Пелистер ќе биде домаќин на Мотор во директен дуел за пласман на 4. место кое носи учество во следната фаза.

Фуксе е лидер на табелата со 18 бодови, Архус е втор со 14, Бидасоа има 7 на третото место, Еурофарм Пелистер е четврти со 6, Мотор е петти со 5, Агус Сантас е последен со 4 бода.