ЕЦДЦ: Дополнителната доза треба да им се дава на сите возрасни лица

164

Директорката на Европската агенција за јавно здравје, Андреа Амон, денеска изјави дека треба да се размисли дополнителни дози на вакцината против Ковид-19 да им се даде на сите возрасни, а приоритет треба да имаат оние над 40 години, што е голем пресврт во упатствата на агенцијата.

Препораките на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) не се обврзувачки за земјите-членки на ЕУ, но се користат при одлучувањето.

-Дополнителните дози треба да се земат предвид за сите возрасни, при што приоритет да им се даде на оние над 40 години, рече Амон, истакнувајќи дека тие треба да се даваат најмалку шест месеци по вакцинацијата со втората доза.

Во претходната препорака во септември, дадена заедно со Европската агенција за лекови (ЕМА), ЕЦДЦ соопшти дека нема итна потреба да се даваат дополнителни дози на целосно вакцинирани лица во општата популација, но предложи да се земат предвид дополнителни дози за лицата со ослабен имунолошки систем и како мерка на претпазливост за послабите постари лица.

„Достапните докази што доаѓаат од Израел и Обединетото Кралство покажуваат значително краткорочно зголемување на заштитата од инфекции и тешки болести по засилената доза кај сите возрасни групи“, се наведува во извештајот објавен во средата на ЕЦДЦ.

Европската комисија ќе го земе предвид овој совет кога неделава ќе треба да издаде препорака за промена на употребата на ковид сертификатите, наведоа официјалните лица.

Многу членки на ЕУ веќе почнаа да даваат дополнителни дози на вакцината, но користат различни критериуми за избор на групите кои имаат приоритет и различни временски интервали меѓу втората доза и засилената доза.