Ефикасна дигитализација во земјоделството е важен предуслов за негов развој

41

Рурална Коалиција, како национална организација која делува за развој на руралните средини и земјоделството, составена од 50 локални здруженија од државава, повика на итна и неодложна државна активност на полето дигитална писменост во руралните средини и дополнителна дигитална трансформација во земјоделството како еден од најважните предуслови за понатамошен развој на секторот.

– Потребно е итно дејствување со цел дигитализација на секторот и запознавање на руралното население со дигиталната агенда, порталот за е-услуги, но и за зголемена едукација при употреба на веќе достапните е-услуги, вели Лилјана Јоновска, Извршен директор на Рурална Коалиција.

Од Рурална Коалиција сметаат дека час поскоро треба да се дејствува во насока на воведување на едукативни модели/курикулуми наменети за зголемување на дигиталните вештини кај земјоделците и жителите во руралните средини, кои би се реализирале во соработка со засегнатите институции (МИОА и Агенцијата за вработување), но и да се подготват лесно разбирливи и достапни апликации со детални упатства за користењето на е-услугите.

Според истражувањето кое неодамна го спроведе организацијата, иако голем дел од земјоделците рекле дека се начелно запознаени со електронските услуги од нивниот домен на работење (како што се на пример електронското аплицирање за субвенции, електронско издавање на имотни листови, електронско следење на временската прогноза и сл), сепак, во огромно мнозинство (82,5 проценти) кажале дека не ги користат овие услуги, а 54 отсто од испитаниците од руралните средини рекле дека воопшто не се запознаени со порталот uslugi.gov.mk, што пред се е резултат на недоволна доверба и информираност за користење на електронските услуги.

– Ако сакаме да направиме успешна дигитална трансформација на секторот земјоделие мора да ја зголемиме и сигурноста во е-документите, но и да ги промовираме и споделиме успешните примери на користење на дигиталните услуги и бенефитите од нив помеѓу земјоделците и жителите во руралните средини. Дигитализацијата во земјоделството е важна не само за полесен пристап до информации и јавни услуги туку таа овозможува и полесно малите и витални земјоделски стопанства да можат многу полесно да се прилагодат на новонастанатите пазарни ситуации, и поуспешно и побрзо да направат реформи со кои ќе станат поконкурентни, а со тоа и да го задржат пазарот денес и во следните децении. За сето ова ефикасно да се реализира мора да обезбедиме директна поддршка на терен и работа со земјоделците, заклучуваат од организацијата.

Рурална Коалициjа е една од трите организации од Северна Македониjа коjа што стана дел од регионалната мрежата ИЦЕДА – Мрежа за зголемување на граѓанското учество во спроведувањето на Дигиталната агенда, која што освен во Северна Македонија е активна и во Албаниjа, Косово, Црна Гора и Србиjа.