Сите земји од Западен Балкан се на непотребно долг пат кон членството во Европската Унија. Македонија веќе одамна мораше да биде членка на Унијата и затоа ја повикувам претседателката на Европската комисија да стори сè со цел кон Унијата што побрзо да ѝ се придружат земјите од Западен Балкан и да покаже повеќе емпатија за граѓаните и граѓанките во овој дел од светот, порача денеска поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ од Скопје.

Тој додаде дека од примерот со Украина видовме дека патот кон Европа мора да биде и побрз. Сегашната Европа во ЕУ, оцени тој, е малку уморна од здружувања, а земјите кои не се влезени во ЕУ се уморни од чекање.

– Атрактивноста на ЕУ помалку избледнува и тоа не е добро, бидејќи творците на ЕУ беа лидери и знаеја што сакаат. Денес, мора да ми простите, но не гледам вистински лидери, ниту во Европа, ниту во светот, тоа се бирократи во Брисел со големи плати, но не гледам резултати. Наместо да се забрза влезот на земјите кои чекаат и да им се помогне што побрзо да влезат во ЕУ се губи атрактивноста, рече Месиќ.

Творците на ЕУ, потсети тој, замислиле цела Европа да се здружи, да се отворат границите и да соработува меѓу себе, со што би се исклучува војната како политичко средство.

– Денешното раководство на ЕУ малку го забавува, наместо да го забрза влезот на другиот дел од ЕУ, за Европа да стане континент на мир и соработка. Треба да се забрза влезот во ЕУ. Европа ќе стане голем играч само ако е здружена и што е најважно тоа ќе биде континент на мирот. Дали се за тоа свесни тие што во Брисел и надвор од Брисел е друго прашање, но според она што се презема јас немам чувство дека некој размислува за тоа, посочи Месиќ.

Според Месиќ, наједноставната порака за државава е да се исполнат стандардите и условите од Европската Унија, за да се забрза зачленувањето во ЕУ.

Претходно и сегашниот хрватски претседател Зоран Милановиќ на средбата со бугарскиот колега Румен Радев упати порака дека Македонија има одредени услови кои мора да ги исполни за да продолжи на патот кон ЕУ. Тој во Софија рече дека барањето за внесување на Бугарите во македонскиот Устав „му се чини оправдано“. Потсети дека во хрватскиот Устав се вметнати и Бугарите и Македонците, па, како што рекол, не гледа проблем тоа да не се случи и во Македонија.

Но, за разлика од Хрватска, која нема проблем да им обезбеди човекови права на Македонците кои живеат таму, Бугарија и понатаму забранува секаков вид на организирање на Македонците. Во отвореното писмо до бугарскиот претседател Радев кое го испратија од Македонски културен клуб „Никола Вапцаров“, Благоевград, тие посочија дека е „грев“ да се биде Македонец во Бугарија.

„Почитуван господине претседателе, неодамна изјавивте: „Овие луѓе имаат целосни права еднакви на сите бугарски граѓани, не се гонети, нема монтирани процеси против нив, нема судења, нема палење, пукање, нема тепање… тие имаат целосни права и никој не ги ограничува, никој не ги прогонува. Ова е големата разлика и таа мора да се разбере“.
Импресионирани сме од вашите зборови. Објективноста бара префинетост. Ние би почнале не со нашите права, туку со нашите должности: ние сме работни луѓе – работиме за просперитетот на нашата татковина – Република Бугарија, плаќаме даноци и такси, ги почитуваме правата на нашите сонародници и не создаваме услови за тензија во општеството. Но, ние се дефинираме како Македонци и тоа е „грев“ во нашата татковина, стои во пораката на македонскиот клуб.

Во пораката до Радев тие укажаа на бројните проблеми кои ги имале од формирање на клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград, од одбивањето за регистрација, обидот да се создадат судири за време на свеченото отворање, каменувањето на клубот, до притисоците врз сопственикот на локалот да не им го продолжи договорот за изнајмување на просторот.

„Бараме просторија. На веб-страниците на агенциите за недвижности во Благоевград има изобилство понуди, но не за нас. И се прашуваме која би била причината сопственикот да се откаже од приходите на својот имот. Сето ова не е познато во општеството, а ние немаме пристап до медиумите. Немаме можност да ги информираме првите луѓе на државата. Нашите пријави за прием не само што не се проследени со прием, туку со години не ни добиваме одговор. Со молба, господине претседателе, да процените до кој степен ни се реалност наведените права и дали не би било нормално да нè видите и слушнете. Сметаме дека вие, господине претседателе, сте еднострано или лошо информирани“, заклучуваат во отвореното писмо до Радев од македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград.

(И.С.)