ЕУ: Турската воена операција ги загрозува мирот и стабилноста во Сирија

60

Европската Унија ја повика Турција да им стави крај на воените операции во северна Сирија и предупреди дека се загрозува стабилноста на регионот.

-Унилатерални акции од страна на Турција го загрозуваат остварениот напредок од страна на глобалната коалиција за поразување на Исламска држава, чиј член е Турција, соопшти вечерва Европската служба за надворешни работи.

Анкара денеска започна воена акција во северниот дел на Сирија веднаш откако војската на САД го напушти регионот. Официјално целта на Турција е да се справи со членовите на ИД, но меѓу нив има и припадници на курдското движење, кое Анкара го обвинува за тероризам и сепаратизам, но кое одигра и клучна сојузничка улога за западните земји во борбата против ИД.

-Воените акции ќе ја поткопаат безбедноста на локалните партнери на коалицијата и ризикува да ја одолговлечи нестабилноста во северноисточна Сирија, оставајќи плодна почва за повторно враќање на ИСИС (Исламска држава), која и натаму претставува значајна закана за регионалната, меѓународната и европската безбедност, предупредува ЕУ во својата реакција.

Како и претседателот на Европската комисија денеска, дипломатските служби на ЕУ предупредуваат дека „безбедносната зона” која Турција планира да ја создаде „нема да ги задоволи меѓународните критериуми за враќање на бегалците како што предвидува УНХЦР”.

– ЕУ останува на ставот дека бегалците и внатрешно раселените лица кои се враќаат, треба тоа да го сторат на безбеден, слободен и достоинствен начин кога условите тоа го овозможуваат. Секој обид за демографски промени би бил неприфатлив. ЕУ нема да дава помош за стабилизација и развој онаму каде правата на локалното население се игнорираат, предупредува Унијата.