ЕУ сепак ќе ја воведе мерката која го налути Путин

942

Европската унија вети дека ќе ја ограничи цената на руската нафта и ќе воведе дополнителни ограничувања на трговијата со висока технологија, како дел од последната рунда санкции за „да го натера Кремљ да плати“ за ескалацијата на војната.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека Русија ја подигнала инвазијата на „ново ниво“, наведувајќи ги лажните референдуми на територијата окупирана од Русија, наредбата за делумна мобилизација и заканата на Владимир Путин за употреба на нуклеарно оружје.

„Ние сме решени да го натераме Кремљ да плати за оваа понатамошна ескалација“, рече таа.

Таа вети дека ЕУ ќе воведе ограничување на цената на руската нафта за да „помогне да се намалат руските приходи и да се одржи стабилен глобалниот пазар“.

Европската комисија, исто така, сака да наметне дополнителни ограничувања за високотехнолошките стоки што ЕУ може да и ги продаде на Русија, како што се одредени хемикалии и воздушни компоненти, за дополнително да ја ослабне способноста на Кремљ да води војна.

Путин претходно и се закануваше на Европа поради најавата на ЕУ дека може да ги ограничи цените на руските енергетски производи.

„Понатамошната примена на политиката на санкции може, без претерување, да предизвика уште потешки, па дури и катастрофални последици на светскиот енергетски пазар“, рече Путин.

„Санкциите против Русија предизвикуваат многу поголема штета на земјите што ги воведуваат“, рече тој, што досега многупати го повтори, посочувајќи дека цените на енергенсите во западните земји експлодираа. Тој изрази задоволство што другите земји производители на нафта се спротивставуваат на барањата на Западот да го зголемат производството за да ја компензираат бојкотираната руска нафта и да го спречат растот на цените.