ЕУ: Руските дезинформации за вакцините резултираа со спротивен ефект

43
Кампањата на систематско дезинформирање во руските медиуми со цел да се поттикнат сомнежи и стравувања во врска со вакцините против Ковид-19 на Запад, имаше спротивен ефект, бидејќи расте бројот на смртни случаи во Русија, поставувајќи дневни рекорди, според денешниот Извештај на Европската Унија.
Во студијата на ЕУ се вели дека рускиот државен сервис РТ и други медиуми на нивните европски веб -страници на неколку јазици, вклучително и руски, шират недоверба во ефикасноста и безбедноста на вакцините, пренесува Ројтерс.
„Дезинформациите можат да убијат. Тоа треба да се има на ум кога сме сведоци дека медиумите во Кремлин продолжуваат да шират лаги за „Ковид-19“ и вакцини, иако расте бројот на смртни случаи во Русија “, се наведува во студијата на ЕУ насловена„ Преглед на дезинформации “.
Соочен со наглиот пораст на инфекции и смртни случаи од „Ковид-19“ и зголемената неподготвеност на Русите да се вакцинираат, претседателот Владимир Путин вчера го одобри владиниот предлог за затворање работни места во Русија за една недела во почетокот на ноември, со цел да се спречи ширењето на вирус.
Кремлин ги отфрла сите обвинувања за дезинформации на ЕУ, која објавува редовни извештаи и се обидува да соработува со Гугл, Фејсбук, Твитер и Мајкрософт за да го ограничи ширењето лажни вести.
Како што се наведува, ЕУ ги документира руските дезинформации од почетокот на пандемијата преку надворешната служба на ЕЕАС, кои се дел од, како што ги нарекува Унијата, напорите на Русија во странство за слабеење и поделба на западните општества.
Русија денеска објави 1.036 смртни случаи поврзани со корона вирусот во последните 24 часа, како и 36.339 нови инфекции, што е рекорден дневен број, а градоначалникот на Москва најави нови мерки против Ковид-19 од 28 октомври.
Само околу 48 милиони од 144 милиони Руси беа целосно вакцинирани до средината на октомври, а 51 милион ја примија првата доза од вакцината, што е многу пониско ниво на вакцинација отколку во западноевропските земји, иако Русија беше меѓу првите што разви и аплицираше нејзината вакцина Спутник В против Ковид 19.