ЕУ предупредува – Западен Балкан да не ја извезува повторно опремата од ЕУ

Очекуваме дека исто така ќе бидат укинати сите ограничувања на национално ниво во однос на извозот на лична заштитна опрема од Западен Балкан кон Европската унија, како и да се обезбеди дека ова ослободување од дозволите за извоз нема да биде злоупотребено со повторен извоз на истата стока, се вели во писмото што го пренесуваат медиумите од регионот

64

Високите претставници на Европската Унија испратија заедничко писмо до министрите за надворешни работи на Западен Балкан, со кое се потврдува укинувањето на ограничувањата за извоз на медицинска опрема од ЕУ во Западен Балкан. Во заедничкото писмо на високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност и потпретседател на Европската комисија Џозеп Борел, европскиот комесар за трговија Фил Хоган и европскиот комесар за соседска политика и проширување Оливер Вархеји, се наведува дека ЕУ е целосно посветена на меѓународната соработка и продолжува да им помага на најранливите земји ширум светот, особено на Западен Балкан, како најблиски партнери.

Во писмото се наведува дека надлежните органи на Европската комисија внимателно го набљудувале спроведувањето на тековните мерки и ги анализирале пречките што настанале како резултат на процесот на поднесување барање за добивање дозвола за извоз за одредени производи, што довело до нарушувања на трговските текови.

Комисијата, посочуваат, доставила предлог за изменување и дополнување на постапката за добивање дозвола за извоз во согласност со потребите на земјите од Западен Балкан, бидејќи го намалува опсегот на производи за кои е потребна лиценца, истовремено ослободувајќи го Западен Балкан од постапката.

Наведувајќи дека ова се времиња на голем предизвик и дека пандемијата предизвика состојба во која се многу земји ширум светот, вклучително и ЕУ, презедоа мерки за да спречат недостаток на заштитна медицинска опрема за лекување на пациенти и да спречат понатамошно ширење на болеста, тие се согласуваат дека борбата против пандемијата бара колективно дејствување.

 – Очекуваме дека исто така ќе бидат укинати сите ограничувања на национално ниво во однос на извозот на лична заштитна опрема од Западен Балкан кон Европската унија, како и да се обезбеди дека ова ослободување од дозволите за извоз нема да биде злоупотребено со повторен извоз на истата стока, се вели во писмото што го пренесуваат медиумите од регионот.

Тие изјавуваат дека, покрај финансиската помош дадена како одговор на кризата, ЕУ веќе презела чекори за да им помогне на земјите од ЗБ да го зголемат сопственото производство на заштитна и медицинска опрема. Европските лидери исто така во писмото ја нагласуваат важноста на непрекинатите трговски текови и други регионални иницијативи.

 – Европската унија е целосно посветена на меѓународната соработка и ќе продолжи да им помага на најранливите држави ширум светот, особено на вас како наши најблиски партнери. Во врска со ова, ние искрено се надеваме дека ќе го цените посебното внимание што Европската унија го посветува за поддршка на Западен Балкан во борбата против КОВИД- 19, се наведува во писмото.

Регулативата за посебни авторизации за извоз на заштитна опрема во рамките на борбата против коронавирусот донесена во март начелно ги изземаше само земјите вон ЕУ кои се членки на европската слободна трговска зона. На барање на властите од шесте земји од регионот, Европската комисија ја ревидираше одлуката забраните да не важат повеќе за Западниот Балкан.