Европската унија ја поддржува Македонија од почетокот на пандемијата, но за солидарниот фонд земјава не ги исполнила критериумите, е појаснувањето од Делегацијата на Унијата во Скопје зошто Македонија не е меѓу земјите кои ќе добијат средства од пакетот финансиска помош од околу 530 милиони евра како дополнителна поддршка во рамките на Фондот за солидарност на ЕУ.

 -Европската Унија обезбеди одржлива помош за Северна Македонија во справување со Ковид-19 од почетокот на падемијата. Конкретно обезбеди 226 милиони евра за покривање на медицински материјали и опрема, за поддршка на ранливите групи, бизнисите и невработените, како и за микрофинансиска помош. Во врска со Фондот за солидарност на ЕУ, според нашите сознанија Северна Македонија не ги исполни поставените критериуми во моментот на аплицирање, се вели во објаснувањето од ЕУ делегацијата во Скопје.

Оттаму потсетуваат дека неодамна се обезбедени и 70 милиони евра за набавка на вакцини и поврзана опрема за регионот на Западен Балкан.

-Ова доаѓа како дополнување кон Економскиот и инвестицискиот план дизајниран за поддршка на долгорочното закрепнување на економиите на земјите од Западен Балкан во вредност од девет милијарди евра, велат од Делегацијата на ЕУ.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, исто така појасни дека институциите во земјава пријавиле дека потрошиле под осум милиони евра, поради што не е исполнет условот за помош преку ФСЕУ. Димитров преку социјалните мрежи образложи дека за Македонија да добие помош како држава од ЕУ фондот за солидарност, минималната вкупна сума на овие трошоци за првите четири месеци на кризата требало да надмине близу 31 милиони евра (пресметана како процент од македонскиот бруто национален доход), а во мај минатата година Секретаријатот за европски прашања доставил информација до Владата со барање сите институции да ги пријават сите трошоци поврзани со здравствените аспекти на пандемијата.

-Нашите институции, сите заедно, пријавиле дека вкупно потрошиле под осум милиони евра со што не сме го исполниле условот за помош преку овој механизам. Рокот за аплицирање бил на 24 јуни минатата година, појасни Димитров.

Претходно СЕП излезе со соопштение во кое наведе дека поради квалитетното и навремено менаџирање на државните финансии во здравствениот сектор, како и поради брзата и ефикасна организација на државните институции кога беше обезбедена голема количина на донации во борбата со Ковид-19 (заштитни средства, маски, медицинска опрема, респиратори итн) кои не предизвикаа дополнителни расходи за овие потреби, минимумот кој беше проектиран од страна на ЕУ за користење средства од Фондот за солидарност не беше постигнат.

-Во април 2020 год., Европската Унија одлучи да го прошири опфатот на Фондот за солидарност на ЕУ (ФСЕУ) како резултат на кризата настаната со пандемијата од Ковид-19 и кон земји кои не се членки на Унијата. Искористувањето на средствата од овој Фонд зависи од исполнувањето на праговите поставени од страна на Европската Унија во однос на вкупните расходи кои земјата во определен период ги има насочено за справување со последиците од Ковид-19. Имено, поддршката од ФСЕУ беше условена со оптоварување врз јавните финансии со минимален праг од 1,5 милијарди евра (цени од 2011 год.) или 0,3% од бруто националниот доход (БНД) на потенцијалната земја-апликант. Во апсолутни бројки, во случајот на Република Северна Македонија овој праг изнесуваше 30.852.000 евра и истиот не беше достигнат, со оглед на тоа дека износот на пријавените итни трошоци од институции/општини изнесуваше 7.670.831 евра, наведе СЕП.

Во соопштението се додава дека за финансиска поддршка преку ФСЕУ се квалификуваа расходи во здравствениот сектор настанати или предвидени да настанат во период од четири месеци, сметано од датумот кога земјата која што аплицира официјално вовела одредени заштитни мерки или пак прогласила вонредна состојба. Референтен период во оваа смисла за земјата бил периодот 10.03. – 09.07.2020 година.

И претседателот на државата Стево Пендаровски во телевизиско интервју потврди дека помошта од ЕУ е за државите со штета од над 30 милиони евра, а Македонија има 7 милиони евра, поради што ЕК не је вклучи Македонија во пакетот финансиска помош од околу 530 милиони евра како дополнителна поддршка на земјите членки и државите кандидати за членство во Унијата за справување со коронавирусот.

Откако претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен на Твитер ги објави земјите кои ќе бидат опфатени со овој пакет, стана јасно дека Македонија нема да добие средства од пакетот финансиска помош од околу 530 милиони евра како дополнителна поддршка во рамките на Солидарниот фонд на ЕУ. На листата се 17 земји од ЕУ и три држави кандидати – Србија, Црна Гора и Албанија, но и не и Македонија.

– Помошта е за да се покријат трошоците за медицинска и заштитна опрема, итна помош, превенција, следење и контрола на ширењето на болеста, напиша Фон дер Лајен.

Од пакетот вреден 529.347.741 евра, Србија треба да добие речиси 11,968,276 евра, Црна Гора 199,505 евра, а Албанија 905,271 евра. (В.С.Н.)