ЕУ на Mакедонија и додели нови 53 милиони евра за инвестиции во енергетиката и животна средина

47

Европската комисија на Македонија и одобри уште три проекти, преку повикот за инвестициски грантови во вредност од 53.015.968 евра. Убавата вест ја сподели заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ кој појасни дека парите се наменети за три нови проекти за спроведување на Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан и тоа: Реновирање на шест хидроцентрали, изградба на ветерен парк во Богданци и изградба на регионални центри за цврст отпад во Полог, Пелагонија, Вардар, Југо-западен и Југо-источен регион, во соработка со Европската банка за обнова и развој.

Маричиќ како Националниот ИПА координатор смета дека европските фондови и странската донаторска помош е од огромно значење на енергетската независност и за заштита на животната средина, две области кои носат сериозно подобрување на квалитетот на живот за македонските граѓани.

– Ова е помош за државата да ги изведе реформите, но и побрзо и полесно да ги достигне европските стандарди преку подобрување на животната средина и подобрување на инфраструктурата – потенцира Маричиќ.

Европската унија до крајот на јули минатата година  ги одобри првите четири инвестициски проекти за спроведување на Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан.

– Нашата земја аплицираше со 4 инвестициски проекти и ја доби поддршката за сите проекти во износ од 225,6 милиони евра. Одобрените проекти на последниот повик за инвестициски грантови се за проектот изградба на железница помеѓу Северна Македонија-Бугарија на коридорот 8, секција Крива Паланка – граница со Бугарија доделен грант од Инвестициска рамка за Западен Балкан (WBIF), во износ од 149.2 милиони евра, за проектот за набавка на опрема за Осломеј 1 Фотоволтаична станица во износ од 1.6 милиони евра, за набавка на опрема за Осломеј 2 и Битола Фотоволтаична централа, во износ од 5 милиони евра и за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје, во висина од 69.8 милиони евра – вели Маричиќ.

Во рамките на шестиот повик за инфраструктурни грантови беа одобрени грантови во износ од 1,1 милијарди евра за сите шест земји од Западен Балкан, а проектите од Македонија учествуваат со 20,5% од одобрениот износ.