ЕУ и САД формираат технолошки сојуз против Кина

56

Официјални лица од Соединетите држави и Европската унија бараат формирање на сеопфатно технолошко и трговско партнерство наречено Совет за трговија и технологија ЕУ-САД (ТТЦ).

Тоа тело ќе се фокусира на спротивставување на Кина и промовирање на демократските вредности, објави во средата електронското издание „Политико“, повикувајќи се на анонимни извори на ЕУ блиски до ова прашање.

Преговорите за формирање на новото тело сè уште траат, но публикацијата известува дека американскиот претседател Џо Бајден и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ќе ги соопштат деталите за овој проект за време на нивниот самит во Брисел на 15 јуни, јави БНР. Иницијативата за првпат беше предложена од ЕУ во декември минатата година и беше силно поддржана од властите во Вашингтон како дел од напорите за зајакнување на трансатлантските односи. Советот се очекува да работи на развој на заеднички стандарди за новите технологии и создавање насоки за управување со дигиталната индустрија.