ЕУ за сите 30, а само за Бугарија 38 милијарди евра

2178

Самитот ЕУ – Западен Балкан не донесе конкретен рок за влез на земјите од регионот во ЕУ, иако домаќинот Словенија ја предложи 2030 година, па како утеха за шесте земји од Западен Балкан, ЕУ претстави Економски и инвестициски план (ЕИП) со кој се предвидуваат 30 милијарди евра помош во наредните седум години.

Според наведеното во декларацијата од Самитот во Словенија, 9 милијарди евра се грант, а остатокот ќе бидат инвестиции привлечени преку новиот Гарантен инструмент за Западен Балкан.

Со овие средства, ЕУ сака „да ги стимулира долгорочното, зелено социоекономско закрепнување и конкурентноста на регионот, да ја поддржи неговата зелена и дигитална транзиција, да ги поттикне одржливата поврзаност, регионалната интеграција, трговијата, со што ќе ги зајакне соработката и конвергенцијата со ЕУ, вклучувајќи ги и целите во однос на климата“.

За споредба, Бугарија ќе добие 29 милијарди евра од новиот инструмент на ЕУ за закрепнување од коронакризата и долгорочниот буџет на ЕУ во следните 7 години. Дополнително, според политиката за кохезија на ЕУ, Бугарија во наредните седум години ќе добие уште 9 милијарди евра. За сервисирањето на долгот на Бугарија гарант ќе биде целата Европска Унија.