Есенски колач со пире од тиква

449

Кралица на есента – тиквата има неверојатен плод кој доколку се консумира редовно има многу позитивно влијание врз здравјето на луѓето. Препорачлива е да се јаде превентивно против многу болести, а благодетите од неа се огромни. Богата е со антиоксиданси и каротен, особено витамин Ц и Е, како и со минерали, а сиромашна со калории. Тиквата може да ја јаде секој, и во секаква комбинација, печена, варена, во колачи, но и во чорби, супи…

Овојпат ја комбиниравме во прекрасен сочен, есенски колач, кој буквално се топи во уста.

Состојки:

  • 4 јајца
  • 1 чаша (од 200 мл) зејтин
  • 1 чаша јогурт
  • 2 чаши шеќер
  • 3 чаши брашно
  • 1 пециво
  • 1 ванила
  • пире од печена тиква – околу 300 грама
  • 3 лажици какао
  • 150 грама сецкани ореви
  • 1 бело чоколадо за прелив

Подготовка:

Се матат јајцата заедно со шеќерот, а потоа се додаваат сите состојки, една по една (јогурт, зејтин, брашно, пециво и ванила).

Откако смесата ќе се изедначи се додава пирето од тиква, какаото и оревите. Целата смеса се меша со лажица убаво да се изедначи.

Во округла тава ставете хартија за печење и истурете ја смесата. Се пече 30 минути на температура од 200 степени. Откако ќе се испече оставете ја да се олади, а потоа стопете го белото чоколадо и прелијте го врз колачот.

Уживајте во вкусот!