„Така зборуваше Гертруда“ е претставата во режија на Ангелчо Илиевски, според текст на Миа Николоска, во продукција на Драмскиот театар што својата есенска премиера ќе ја има утревечер (30 септември) со почеток од 20 часот.

Според авторката Миа Николоска „Така зборуваше Гертруда“ е драма, која како главна тема ја обработува правдата и што таа значи за секој еден засегнат во еден судски спор. „Оваа драма е базирана на вистинска приказна каде што свиња била дадена на суд, бидејќи убила бебе. Главниот лик во драмата, Гертруда, е одраз на натовечкото, таа е симбол на мајчинство и пожртвуваност, таа е подоблесна од луѓето, а тие за неа се добиток. Судскиот спор е прозорец кон корумпираноста и нееднаквоста, почнувајќи од судијата, адвокатите и нивните клиенти па сè до сведоците. Во оваа драма не постои херој, секоја постапка е себична, и секое добро дело е од корист. Сите се виновни за крајниот исход и сè што донело до таму“, посочува Николоска.

За режисерот Ангелчо Илиевски, пак, со оваа претстава театарот ја исполнува задачата која ја има – да биде будно око на општеството и да ги детектира општествените аномалии.

„Ова е нов драмски текст кој ја има својата праизведба на театарската сцена, туку и поради неговата длабока суштина, начинот и јазикот на кој се отвора најпроблематичната и болна тема во нашето општество – правда. Претставата доследно ја следи темата на текстот и прави хируршки прецизен рез на општествениот систем, ги детектира проблемите кои го разнишуваат тој систем, ги нагласува заборавените и изгубени вредности, го коментира гнилиот правосуден систем, го потенцира лицемерството и ги отсликува малите луѓе кои не сфаќајќи ја својата вредност се мета на манипулација и искористување. Оваа проблематика јасно се исцртува преку судскиот спор кој се води против Гертруда, главниот лик во претставата. Гертруда целиот свој живот ја трпи неправдата која ѝ се нанесува преку убивањето на нејзините деца. Свесна за последиците, таа решава на ист суров начин да го прекине тој ланец, верувајќи дека тоа е единствениот начин да биде разбрана“, ќе истакне режисерот Илиевски, посочувајќи дека крикот на Гертруда е крик за правда и еднаквост. Како што посочува Илиевски, претставата на еден трагикомичен начин е одраз на едни сурови луѓе, во една сурова средина кои газејќи преку сè, се обидуваат да стигнат до своите цели. „Оваа претстава отвора прашања за кои вреди да се дискутира, затоа што верувам дека театарот мора да биде гласноговорник, а не нем гледач од страна“, додава тој.

Улогите во претставата ги толкуваат: Соња Стамболџиоска, Григор Јовановски, Стефан Вујисиќ, Трајанка Илиева Вељиќ, Дамјан Цветановски, Рубенс Муратовски, Александар Степанулески, Ана Димитрова, Анастас Тановски, Емилија Мицевска Трајковиќ, Ведран Чешарек и Виктор Мирчески. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Марија Пупучевска, а композитор на музиката за претставата е на Дарија Андовска.