Ерменија и Азербејџан подготвени за процес на демаркација на спорната граница

60

По средбата со рускиот претседател Владимир Путин, лидерите на Азербејџан и Ерменија – Илхам Алиев и Никол Пашинјан изразија подготвеност да го почнат процесот на демаркација и разграничување на нивната спорна граница.

На трилатералниот состанок во Сочи, тројцата лидери се согласија дека во текот на изминатата година е постигнат значителен напредок за Нагорно-Карабах.

Путин укажа на отсуството на непријателства од поголеми размери, враќањето на околу 53.000 бегалци и размената на затвореници.

-Најважно е да се создадат услови за нормализација, рече Путин, пренесе Анадолија.

Рускиот претседател ја поздрави одлуката на ерменскиот и азербејџанскиот лидер да се сретнат во Брисел следниот месец, кажувајќи дека директната комуникација ќе помогне да се нормализира ситуацијата.

Алиев истакна дека ситуацијата во областа под руски мировници е стабилна, без сериозни инциденти.

-Сакам да му се заблагодарам на рускиот мировен контингент за нивните активности, рече Алиев.

Тој посочи дека благодарение на посветеноста на Азербејџан се исполнети речиси сите одредби од руско-ерменско-азербејџанскиот трилатерален договор за прекин на огнот.

Ерменскиот премиер Пашинјан, исто така, ја пофали работата на руските мировни сили, изјавувајќи дека „тие играат клучна улога во стабилизирањето на ситуацијата во Нагорно-Карабах и во регионот“.

-Но, сакам да нагласам дека, за жал, ситуацијата не е толку стабилна како што би сакале. Од 9 ноември, десетици луѓе се убиени од двете страни, рече тој.

Покрај прашањето за разграничувањето, Пашинјан понуди да разговара и за проблемот со затворениците и воените затвореници.

Тој додаде дека решението за Нагорно Карабах треба да се разгледува во различни формати, вклучително и директни контакти.

„Ерменија е подготвена да го започне процесот на демаркација и разграничување, а за нас е важна и дискусијата за отворање на сообраќајот. Искрено сме заинтересирани за решавање на овие прашања “, рече Пашинјан.

Односите меѓу поранешните советски републики Ерменија и Азербејџан се проблематични од раните 1990-ти, кога Ерменија го окупираше Нагорно-Карабах и седум други соседни региони кои се суверен дел од територијата на Азербејџан.